Дуи(нг) бизнис

Гордана Попсимонова

Криминалот нема и не смее да има национална боја. Она што досега го гледам во судските хроники, било како обвиненија од СЈО кои се однесуваат на „бомбите“, било како истражни активности на ОЈО за настаните од 27 април, има етнички предзнак. Можеби единствениот исклучок, кој само го потврдува правилото, е еден предмет на СЈО, презентиран при последниот пакет истражни мерки од Фатиме Фетаи, под кодното име „Лидери“. Во него е осомничен инвеститор на објект изграден без одобрение во близина на една странска амбасада во Скопје, за кој, според она што го имам слушнато од снимените разговори, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот на ДУИ, се договараат за неговото уривање.
Веднаш да ја поставам главната дилема: Дали партијата Демократска унија за интеграција, која од последните 15 години, 13 е дел од власта, треба да биде амнестирана од криминал? Од она што беше презентирано од снимките на Заев, како и од она што СЈО го оформи како обвиненија, изгледа дека – треба. Никој жив не верува дека ДУИ по деветгодишното братско коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ останала чиста и не потпаднала под криминогениот манир на владеење познат како „груевизам“. А најмалку македонските Албанци, кои гледајќи ја креатурата која им се претставува како нивни заштитник, а во суштина е дебело корумпирана, на последните парламентарни и локални избори масовно се определија за опцијата „Живот за сите“, предводена од Зоран Заев.

Да се разбереме, ако пред една-две години на улиците излегувавме и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Бошњаци за да протестираме против тогашната клептократска и авторитарна власт, никој од нас немаше дилеми дека таа е составена од две доминантни партии – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Никој од нас под поимот „груевизам“, како манир на недемократско владеење, не ги амнестираше Ахмети и неговата тајфа. Тие беа дел од едно цело тело што безмилосно ја ограбуваше сопствената држава.

И, нека не ми кажува никој дека поради сегашниот однос на силите во парламентот, ДУИ и понатаму треба да се третира како ретка ѕверка. И дека експлозивниот сензибилитет на јавноста роден како реакција против Груевски и фамилијата, а сега насочен контра СДСМ и неговите владејачки ешалони, треба повторно да го заобиколи ДУИ. И дека ДУИ и понатаму ќе си тера со уцени за функционерски места и за вработувања партиски кадар преку Секретаријатот за рамковен договор. И дека ДУИ и понатаму ќе се однесува како шалтер за коруптивни зделки, главно насочени против Албанците.

Иако очекувам овој мој текст да биде злоупотребен од курирци и слични ним, заради сопствениот образ, чест и достоинство имам да нагласам дека селективната правда не е правда. Притоа, немам никакво сочувство кон криминалите на ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку кон хулиганите кои на 27 април организирано ги нападнаа пратениците во парламентот. Ама, исто така, немам разбирање ниту за политичките калкулации преку кои втората глава на „груевизмот“, наречете го „ахметизам“, се амнестира од соучесништво.

Сосема ми е јасно дека Македонија влегува во исклучително деликатен период во кој треба да решава клучни прашања за својата иднина. Евроинтегративниот процес е тесно поврзан со решавањето на спорот за името, а тој, пак, е уште потесно поврзан со серија внатрешни концесии, каков што е, на пример, законот за употреба на албанскиот јазик или, пак, обезбедувањето поддршка од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои го бојкотираат Собранието. Од друга страна, гледам дека премиерот Заев, преку неговите дипломатски ангажмани, од петни жили се труди да го поправи меѓународниот имиџ на Македонија, што само по себе, со оглед на комплицираноста на внатрешната ситуација, личи како одење по жица.
Воопшто не сум сигурна дека стратегијата за ставањето на внатрешното „ѓубре под килим“ има шанси да биде делотворна. ДУИ е преголем баласт за да го собере под тепихот на новата македонска слика. Која засега е само кроки, скица, план или нацрт за нечии соништа изразени преку повикот – Нема правда, нема мир!