Државата, православието и ЕУ
Никола Поповски
Светската банка во рамки на својата едиција работни истражувачки трудови деновиве објави еден многу интересен труд на авторите С. Џанков и Е. Николова, инаку бугарски истражувачи кои од поодамна работат на универзитетите и истражувачките институти во Велика Британија и Германија. Трудот, оригинално насловен како „Communism as the Unhappy Coming“ ја истражува поврзаноста меѓу трите големи христијански вери – православието, католицизмот и протестантизмот од една и среќата и задоволството од животот, политичките преференцијали и идеите, односот кон државата и пазарот, и конечно односот кон сопственоста од друга страна. Истражувањето користи податоци од серија неколку годишни истражувања што покриваат над 100 држави во светот и истите систематски ги користи преку сопствен модел. Резултатите можат да бидат многу интересни за Македонија, која како земја во која живее христијанско население, секако е опфатена во истражувањето. Главните резултати од истражувањето накратко се следниве:
– во споредба со католиците и протестантите, православните се помалку среќни и задоволни од животот и имаат помалку деца;
– во споредба со католиците и протестантите, православните имаат помалку општествен капитал, имаат поголема аверзија кон ризикот и даваат првенство и повеќе ги ценат старите идеи;
– во споредба со католиците и протестантите, православните даваат првенство на сигурните работни места;
– православните, за разлика од католиците и протестантите, повеќе се врзуваат за лево ориентираните политички преференции;
– православните, за разлика од католиците и протестантите, даваат поголема поддршка за инволвираноста на државата во економијата;
– католиците и протестантите се помалку склони од православните за да се согласат дека државната сопственост е добро нешто;
– протестантите се помалку склони да се согласат дека нечие збогатување може да се случи само на трошок на другите.
Заклучоците се изнесени аргументирано и квантитативно се поткрепени. Што можеме да извлечеме како заклучок од истражувањето, а да ни биде од корист за Македонија во која, според официјалните статистички истражувања, доминира православното население со околу 2/3 од вкупното население? Очигледно е дека новите и напредни идеи тешко ќе го поминуваат филтерот на православните верници во Македонија кои едновремено не се многу склони кон општествениот капитал и кон ризикот во животот, па затоа повеќе веруваат во своите сигурни и стабилни работни места, односно имаат некаква антипретприемничка наклонетост. Тие ќе даваат поголема поддршка за инволвираноста на државата во економијата и затоа повеќе ќе се врзуваат за лево ориентираните политички партии (како било тие да се нарекуваат себеси, што се покажа точно во времето кога во Македонија владееше наводната десница која ја зголеми инволвираноста на државата во економијата), што ќе ветуваат повеќе државна сопственост што ја сметаат за нешто добро, а природно ќе бидат скептични околу приватната сопственост и затоа истата ќе сакаат да ја има што е можно помалку. Конечно, тие ќе бидат против богатењето на поединците како појава во општеството бидејќи ќе мислат дека тоа се случува само на трошок на другите во општеството, односно на нив самите.
Во такви услови воопшто не е лесно да се направи модерна држава склона кон постојани промени, со умерен но ефикасен државен интервенционизам во економијата и со доминантен приватен сектор и пазарни слободи што ќе обезбедуваат просперитет и создавање на голем број на средно богати и богати поединци што уживаат во своите слободи и богатство. Оттука, ако тоа се стори, тие ќе бидат повеќе среќни и задоволни од животот и ќе имаат повеќе деца. Но, очигледно е дека таквата можност не ни е многу наклонета. Наспроти нас, ЕУ почива, или барем би требало да почива, токму на класичните католичко-протестантски карактеристики од споменатото истражување. Нејзините темели се изградени токму на потребата од задоволството од животот, постојаното иновирање и прифаќање на новите идеи и преземање на ризикот за да се постигне повеќе, неверувањето на супериорноста на државата во однос на пазарните слободи и склоноста кон развој на приватниот сектор и богатството на поединците.
Нашето приспособување кон ЕУ и нејзините клучни вредности се чини дека во оваа многу продолжена транзициска фаза беше сосема недоволно, а во иднина ќе зависи и од нашите сфаќања во врска со прашањата за кои македонските христијани (веројатно и многубројното исламско население во земјата) сериозно се разликува од предоминантното католичко и протестантско население во ЕУ. Ние никогаш сериозно не ги сфативме начелата на ЕУ и слободите што треба да ги имаме, било да се тие политички, правни, економски или лични. Ние калкулиравме со нив во текот на сите овие нецели три децении од распадот на социјализмот. Затоа, дури и кога добиваме т.н. неусловена препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, како што е случајот сега, нашиот извештај е преполн со суштински забелешки за кои тешко ќе најдеме соодветен ефикасен одговор. Напредок на земјата постои и тој е очигледен, но исто така очигледно е и дека големите проблеми сè уште се скоро непремостливи. Некои од сериозните проблеми за кои зборува извештајот на ЕУ, а со кои е тешко да се опонира се следниве:
– Земјата е скромно подготвена со реформите на нејзината јавна администрација.
– Корупцијата останува преовладувачка во многу области и продолжува да биде сериозен проблем.
– Клучните слабости на економијата остануваат. Ова вклучува недостатоци во деловното опкружување, како што е слабото спроведување на договорите и големата сива економија. Структурните проблеми на пазарот на трудот се рефлектираат со ниска стапка на активност и висока невработеност.
– Фискалната политика е насочена кон краткорочни мерки и недостига траен план за консолидација.
– Економијата сè уште страда од слабости во образовните наставни планови, ниски стапки на иновативност и од значајни инвестициски јазови вклучувајќи ја особено јавната инфраструктура.
– Што се однесува на можноста да ги исполни обврските од членството, земјата е скромно подготвена во најголем дел од областите.
Ваквата состојба не е нешто со што треба да сме горди, туку нешто со што треба веднаш да се фатиме во костец доколку постои сериозна и искрена политичка подготвеност, но и знаење да се решаваат проблемите. Во спротивно, можеме да останеме во „мочуриштето“ на традиционалните православни убедувања и бесперспективноста на „заробената“ држава.