Добрите и слабите анкетари во Македонија

Роберт Несими

Прашањето за името, перцепцијата за работата на државните институции, довербата во нив, рејтинзите на политичките партии и други државни и општествени актери, корупцијата, важноста на меѓуетничките односи, евроатлантските интеграции итн. Расположението на граѓаните за овие и други прашања се најдобри показатели на политичката волја на општеството, која треба да биде водич за насоките кои треба да ги зема власта. За жал, овие прашања не се лесно квантифицирани или мерливи преку некоја формула, на точен и директен начин, па за товарот да даде потребни индикатори на јавноста паѓа комплетно врз анкетарите. Но ни самиот процес на анкетирање не е сто отсто точен, а со тоа останува дилемата како навистина да ги читаме резултатите. Дополнително, анкетарите во Македонија имаат долга историја на погрешни прогнози или манипулирања со пропагандни цели, што остава големи сомнежи за нивната доверливост.

Се разбира, не сите анкетари грешат на ист начин или во иста насока. Како тогаш да се препознаваат веродостојните прогнози и да се одделат добрите анкетари од слабите? Единствен начин е нивните прогнози да се споредат со феномен кој може да се мери и директно и точно, а тоа се рејтинзите на партиите кои периодично се мерат на избори. Така, тргнувајќи од минатите парламентарни избори, ги споредивме вистинските резултати со прогнозите на анкетарите во последниот месец пред изборите. Од отстапувањето од резултатот потоа може да се прави табела која точно покажува кои биле добрите, а кои тенденциозните анкетари.

На парламентарните избори 2016 прва партија беше ВМРО која доби 38% од вкупните гласови, а следува СДСМ со 36,8%. Трета беше ДУИ со 7,3%, следена од Беса со 4,9%, Алијансата со 3% и ДПА со 2,6%.

Во периодот пред изборите имаше 6 активни анкетари, а за секој од нив земена е предвид само нивната последна анкета. Нивната точност е измерена со просек на грешките за секоја партија посебно (со статистичка операција таканаречена „корен на квадрати“). Редоследот на точност, тргнувајќи од најточниот анкетар тогаш е: најточен е „Рејтинг“ со просечна грешка 2,1%, потоа ТВ „Телма“ со „М-проспект“ со грешка 7,0%, „Фактор плус Адриа“ 8,3%, „Брима-галуп“ 11,3%, „Павел Шатев“ 13,7% и последен е „Димитрија Чупоски“ со грешка од 15,1%.

Од табелата е јасно дека единствен веродостоен анкетар е Агенцијата „Рејтинг“ која е далеку понапред од останатите. „Телма“ и „Фактор плус Адриа “ излегуваат како просечни анкетари, а останатите три слободно може да се сметаат како слаби и може да се занемарат.

Но, сепак, тоа не е целосната слика. Како што читателот може да претпостави грешката кај „Павел Шатев“ и „Димитрија Чупоски“ доаѓа целосно од потценување на СДСМ и преценување на ВМРО и тоа со збирна разлика од 16% од вистинскиот резултат. „Фактор Адриа“ и „Телма“, исто така, го потценувале СДСМ, но само со 6%, а далеку најблизок до вистинскиот резултат беше „Рејтинг“ со збирна грешка ВМРО – СДСМ од само 1,4%. Ова значи дека за односот ВМРО – СДСМ како веродостоен анкетар може да се зема само „Рејтинг“, „Фактор Адриа“ и „Телма“ треба да се читаат со доза на резерва, а останатите анкетари сосема да се исфрлат.

Кај албанскиот блок партии ситуацијата е многу поинаква. Тука повторно „Рејтинг“ е прв, но по него следат „Павел Шатев“ и „Димитрија Чупоски“. „Фактор Адриа“ и „Телма“ се мошне послаби, а „Брима-галуп“ греши на исто ниво како кај македонскиот блок партии. Генерално, се забележува преценување на ДУИ и ДПА, а потценување на новите партии Беса и Алијанса.

Особено разочарувачки кај прогнозите за албанскиот блок партии се прогнозите на ТВ „Телма“ во соработка со „М-проспект“. Така, овој анкетар не успеа да го погоди ниту редоследот на партиите, нешто што би требало да биде прилично едноставна работа за кој било познавач на политичките состојби. Според овој анкетар, на изборите ДПА требаше да биде втора партија, далеку пред Беса и Алијансата. Дополнително, на ова анкетарот даде прогноза и за секоја изборна единица посебно, според која ДУИ ќе имаше 14 пратеници, ДПА и Беса по 5 и Алијансата 1. За кој било мерач на јавно мислење ова требаше да вклучи аларам за преиспитување на моделот на анкетирање, но за жал овој анкетар продолжи со слични прогнози и во постизборниот период, кои повторно се покажаа прилично неточни на локалните избори.

Се разбира, анкетирањето на населението воопшто не е лесна работа, особено во Македонија, каде што сѐ уште постои страв од реперкусии од јавно искажување на политички ставови. Но фактот што агенцијата „Рејтинг“ дојде блиску до точните резултати покажува дека тоа не е невозможно. Тоа влева надеж дека во иднина и другите анкетари ќе ги подобрат нивните модели или, пак, ќе се појават нови попрофесионални анкетари, се разбира, ако немаат однапред некоја посебна пропагандна агенда.

Но, како што сега стојат работите, резултатите на сите анкетари, со исклучок на „Рејтинг“, треба да се земат со голема доза на резерва. Особено треба да се внимава со прогнозите на „Павел Шатев“ и „Димитрија Чупоски“, кога се работи за македонскиот блок, и на „Телма“ – „М-проспект“, кога даваат прогнози за албанскиот блок.           (Авторот е аналитичар)