Децата ги лекуваме со донации, а државата ја пљачка кој како стигне

Сунчица Стојановска Зоксимовска

На денешен ден, кога само што испративме на небото уште едно дете кое молеше да му се даде шанса за живот, сакам да верувам дека некогаш како одговорна држава ќе ги погледнеме во очи децата и возрасните што македонското здравство нема сила да ги лекува, па бараат спас надвор. Дека ќе влеземе заедно во рингот со нив и прво ќе се бориме, а потоа ќе ги осудуваме или ќе славиме за секој еден што ќе ја добие битката.

Таткото на 11-годишната Ева, болна од леукемија, минатиот месец обвини дека ѝ било скратено правото да се лекува во Германија. ФЗОМ одобрил лекување во Турција. Веројатно тоа било поевтина варијанта. Семејството побара помош, но не успеа да ја собере останатата сума за девојчето да оди во Германија. Завчера почина. Нејзината смрт повторно ја потресе јавноста. Се поставија низа прашања, на кои заеднички одговор е дека можеби не е секогаш во прашање неажурност на службите, туку и законите, правилниците по кои тие работат, целиот лавиринт во кој се заплеткува лекувањето во странство на државна сметка паралелно со собирањето донации за истата намена.

Заминувањето на Ева е уште еден повод да алармираме за нашата тажна реалност. Не секогаш луѓе умираат оти за нив нема лек, туку и кога го има, некаде во светот, тие не можат навреме да стигнат до него. Во нашата виртуелно среќна реалност децата со години ги лекуваме со по „стотче“, а државата ја пљачка кој како стигне – преку разни тендери, наводни иноватори, за џебот на снаи и братучеди, за чаламот на оние што седат дома и земаат плата, за партиската војска низ институциите која безмилосно го цица буџетот… Споредбите во цифри, во Тамари и во споменици ќе им ги оставам на оние што и во човечките трагедии гледаат политика. Некогаш се неколку илјади, а некогаш се стотици илјади евра. На тие 95 отсто што немаат толку пари и им треба помош за лекување, овие суми им се подеднакво големи.

Кога-тогаш Македонија мора да го реши проблемот со своите граѓани, кои спас од болеста бараат надвор. Не е одговорот дека ФЗОМ за оваа намена од година во година одвојува значително поголеми суми. И со тие пари граѓаните немаат доверба ниту во ФЗОМ, ниту во институциите. Прост пример: aко, на пример, дијагностиката и лекувањето подразбираат 10 постапки, а државата обезбедила пет, што направила државата? Ништо. Не знам дали има земји на друго место во светот, освен ние и комшиските на Балканот, кои ги лекуваат своите граѓани со најмодерна технологија наречена СМС-пораки! Па испоумревме додека чекаме подобро здравство. На толку полни усти за вложувања во него, децении наназад, за апарати, за нови методи, требаше да имаме болници како вселенски бродови. Ние имаме мајки кои дење и ноќе сами ги чуваат своите чеда дома, во соби поопремени од интензивна нега. Самите се и невролог, и ортопед, и пулмолог, и медицинска сестра. Прашајте ја мајката на Никола од Муртино како се снаоѓа. Имаме десетици семејства со млади луѓе кои, освен со болеста, се борат и со бирократијата и во исто време собираат донации за барем да си дадат шанса да се лекуваат. Жив пример е Јоце Блажевски – медицината базирана на докази рекла дека не може да се излекува, а Јоце исправен шета по „Партизанска“! Секој за својата шанса за живот се бори како знае и умее. Државата некому помага, некому не. Ама проблемот не е само во тоа што немаме доктори, или условите во болниците се лоши, или операцијата не се прави во Македонија. Ај глатко извадете конзилијарно мислење да ве видам! Е, тука прават сè што можат, за да се откажеш!

И додека ги тешиме родителите дека Бог чува дел од рајот за децата што прерано одат кај него, ај да видиме што правиме ние на земјата? СДСМ во својата предизборна програма вети фонд за финансирање на лекување во странство на деца до 18 години, кој ќе мора итно да ги носи одлуките, ослободен од политички и министерски притисоци. „Така, лекувањето на децата во Македонија нема да зависи од нејзините граѓани“, е буквалниот цитат од програмата. Досега, нема ни најава дека нешто е почнато да се работи на ова ветување. Се најавуваше и фонд за ретки болести преку Стопанска комора. И тука уште нема ништо. Да се прашаме, што би се случило ако луѓето не се великодушни, ако не се обединуваат и донираат? Дали државата ќе најде друг начин за да се лекуваат и оние болни на кои од икс причини не им се дозволува да си ја пробаат среќата надвор на товар на буџетот? Лично, никогаш не ми било тешко да пратам СМС, но секогаш кога тоа го правам голтам кнедла со големина на Сизифов камен. Секој нареден пат е сè потешко оти ми се чини дека нечие здравје зависи од волјата на познати и непознати луѓе, а не од државата во чиј здравствен фонд се слева убав дел од нашата заработка. Не е тоа начинот, нема тука логика. Не е солидарност, туку значи дека како граѓани сме задоцниле да бидеме солидарни и да ги натераме политичарите да ги сменат правилата на игра во наша корист.