Ден потоа

Фатмир Бесими

Целото внимание овие денови е насочена кон 30 септември, денот на референдумот. И со право. Тоа е денот „Д“, кога ќе се донесе историската одлука за нашата иднина. Денот кога секој има можност да го каже својот став, да биде дел од големата одлука и да биде креатор на нашата иднина. И ќе каже – „Да, јас бев тука!“

Ако го следиме расположението на граѓаните, можеме да очекуваме дека, од тие што ќе гласаат, мнозинството ќе го поддржат референдумот со евроатлантски печат. Ова би било и потврда на фактот што мнозинството од граѓаните повеќе од две децении на секоја анкета покажуваат исклучително висока поддршка за членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Секако, оваа поддршка треба да се претвори во гласови на денот на референдумот, што, всушност, е многу поголема граѓанска обврска од гласањето на политички избори. Ако на избори се определуваме за една или друга политичка опција за наредните четири години, на овој референдум имаме можност за историската определба – во кој правец ќе одиме! Дали ќе бидеме во семејството на развиените земји во ЕУ и НАТО или ќе останеме надвор и без алтернатива за побезбедна, стабилна и просперитетна иднина. Гласањето „за“ ќе значи влог за европска Македонија, гласање за подобар квалитет на живот. Тоа е влог на оваа генерација!

Влог за поефикасна и професионална администрација, која ќе биде сервис на граѓаните за да не мора да чекаат по шалтери и ходници додека не најдат некој што го познаваат за да завршат побрзо работа. Администрација која е свесна дека е платена од граѓаните преку даноците.

Влог за почиста средина и повисока свест за негување на природата, поубави урбани и рурални средини со добра инфраструктура и зелени површини, паркови и патеки за велосипеди. Влог во развој на модерно земјоделство, здрава храна и свест за здрав начин на живеење.

Влог за поквалитетни здравствени услуги, лекари што се добро платени, високопрофесионални и во тек со светските трендови. Клиники, болници и амбуланти добро опремени и со професионален и љубезен медицински персонал за да им помогнат на тие што имаат потреба.

Влог за квалитетно и модерно образование, со наставници со достоинствен живот кои ќе создаваат креативни генерации со интегритет подготвени да се соочат со предизвиците од животот и да бидат во тренд со можностите што ги нуди технолошкиот развој и на глобализацијата. Млади со енергија да ја носат Македонија напред со свој белег на светската карта на спортот, културата, науката и бизнисот.

Влог во подобра социјална заштита за повозрасните, за децата, за лицата со посебни потреби и за сиромашните. Сите имаат еднакво право и заслужуваат подобар живот!

Влог во независно судство и владеење на правото за сите да бидат еднакви пред законот. Судии со интегритет, кои со правични одлуки корупцијата ќе ја заковаат во музеј. Влог за човекови права и индивидуалните слободи, слобода на изразување и независни медиуми, заштитени од лажни вести и од злоупотреби на сајбер-технологија.

Влог во демократија, во добро владеење, одговорно, транспарентно и ефикасно со резултати во своите политики и реформи за спроведување на програмите за кои ја добиле довербата на граѓаните на изборите. Влог во социјална кохезија и добри меѓуетнички односи, вредности што ги имаме во нашата традиција на мултикултурализам.

Влог во повисок економски раст, односно годишен раст од 5 до 7 отсто, што ќе значи достигнување на европскиот просек на БДП по глава на жител во наредните 35 наместо 70 години. Ова не е само проекција, не е само теорија, туку веќе видено во земјите кои станаа членки на ЕУ и НАТО во посттранзицискиот период, така растеа побрзо од нас и веќе се поблиску до европскиот стандард.

Тоа е влог во една амбициозна стратегија за економски раст, што ќе обезбеди брз, инклузивен и одржлив раст. Според дијагностиката на Светска банка, тоа би се фокусирала главно на три цели, и тоа: зајакнување на приватниот сектор, развој на човечкиот капитал и обезбедување на одржливост. Зајакнување на динамичноста и конкурентноста на приватниот сектор ќе се оствари со подобрување на трговската поврзаност, интеграција во синџирот на додадена вредност, поволна бизнис-клима, подобрување на капацитетите на фирмите, поддршка на стартап-бизниси, подобрување на пристапот до финансиите и развој на нови форми на финансирање. Развојот на поконкурентен и приспособлив човечки капирал ќе се оствари преку обезбедување на квалитетно образование и обуки за стекнување со потребните вештини низ целиот животен циклус, како и обезбедување квалитетна превентивна и примарна медицинска нега. Обезбедување на одржливост преку ефективно владеење, фискалната прудентност и зајакнат менаџмент за животната средина ќе се оствари преку владеењето на правото, кредибилни институции во јавниот сектор кои се одговорни пред граѓаните, фискална одржливост и интегрален пристап за заштита на животната средина и справување со климатските промени.

Со други зборови, интеграцијата во европскиот пазар, инфраструктурната поврзаност со регионот и макроекономска стабилност од една страна, со зголемување на инвестициите, човечкиот капитал и подобрување на конкурентноста, од друга страна, ќе придонесе за позабрзан економски раст. Тоа за мала економија ќе значи освојување на нови пазари, а со тоа зголемување на извозот и бруто домашниот производ што ќе придонесе за повисок животен стандард. За да се постигне тоа, Македонија ќе мора да увезе знаење и да создаде генерација на образовани и стручни кадри, млади и креативни, амбициозни и со многу контакти низ светот, кои ќе го остварат сонот за што се залагаме ние денес – Македонија во светската карта на развиени земји преку членството во ЕУ и НАТО.

Со конзистентни економски политики и реформи, овој раст би се поддржал и со национален фонд за стратегиски проекти по примерот на инвестицискиот план на Јункер, или т.н. Маршалов план, кои во нашиот случај покрај државни средства, би привлекувало и финансии од приватниот сектор и меѓународните институции, за финансирање на стратегиски инфраструктурни проекти, иновации и развој. Додека со членството во ЕУ, ќе добиеме уште поголем партнер во остварување на нашите амбиции за економски раст. Тоа преку различни програми и фондови на ЕУ за развој, како што се структурните фондови, кохезиониот фонд, социјалниот фонд, програми за рурален развој и животна средина, фондови за мобилност на младите, образовните фондови, фонд за поддршка на иновации и претприемништвото и многу дроги програми што во однос на големината се несразмерно поголеми од можностите што ги имаме сега на располагање.

Со референдумот не завршува нашиот пат кон европската нирвана, туку допрва започнува. Ова нема да биде брз и едноставен процес, напротив, ќе следуваат напорни денови со многу работа, но едно е сигурно, ова е единствениот пат што ни гарантира посветла иднина.

Ден потоа, ова е влог за да ја донесеме Европа во Македонија!

Авторот е професор во Универзитет на Југоисточна Европа и поранешен вицепремиер за европски прашања