Деконтаминација на свеста за решение околу името

Ѓорѓи Спасов

Во почетокот на 2006 година, откако Македонија го доби статусот кандидат за членство во ЕУ по предлог на Тони Блер, имав случајна средба во Лондон со тогашниот амбасадор на Грција во САД, Александрос Маљас. За време на таа средба тој ми спомена дека според него постои решение за спорот околу името и дека Грција има предлог за кој смета дека Македонија не треба да го одбие. Ми рече: „Ние предлагаме име што вие сте си го одбрале и како што сте се именувале себеси на патоказните знаци за влез од Грција во Македонија“. На тие знаци тогаш пишувало на македонски Република Македонија и со латинична транскрипција на името „Republika Makedonija“. Испратив телеграма до МНР за разговорот од таа случајна средба, кој ми се чинеше интересен и набргу во македонските медиуми беше објавено дека имало таков предлог, но дека за македонската влада тоа е целосно неприфатливо бидејќи, ако тоа го прифатиме за комуникација со светот, веќе нема да бидеме (на англиски) „Маседониа“ туку „Македониџа“.
Иако не бев вклучен во разговорите за името, претпоставував дека грчкиот предлог бил да се постигне „ерга омнес“, со тоа што во нашиот Устав ќе пишува: „Уставното име на Република Македонија“ во комуникацијата со светот ќе се користи со неговата латинична транскрипција „Republika Makedonija“. Јазикот на нацијата „makedonski“ нацијата „мakedonska“, a кодот на земјата МК или МКD.
Се сетив на ова деновиве кога некои медиуми објавуваат дека меѓу сетот на идеи за кои Нимиц понудил да се разговара, како основа за изнаоѓање на решение за спорот се наоѓаат и овие со латинична транскрипција на името Република Македонија, на јазикот македонски и на нацијата македонска. Овој пат во сетот на идеи за изнаоѓање решение, покрај латиничната транскрипција, е ставена и географска одредница како северна, горна или вардарска.
Наспроти неоснованите стравови кај голем број граѓани на Македонија дека каква било додавка на уставното име Република Македонија, па дури и нејзиното именување во светот со нашата латинична транскрипција, без додавка, како „Republika Makedonija“, ќе доведе до загрозување на македонскиот национален идентитет, јас сум целосно согласен со тврдењето на амбасадорот Нимиц, кој вели: Со мојот сет на идеи за решавање на спорот не навлегувам во идентитетот на државата, туку го зајакнувам. Вие имате силен идентитет на државата и на народот. Независни сте веќе 25 години. Но имавте идентитет и кога бевте во Југославија и кога бевте дел од Кралството Србија и од Отоманската Империја. Според мене, идентитетот на луѓето е безбеден и навистина верувам дека со моите идеи е уште повеќе зајакнат и посигурен“.
Наспроти ова тврдење на амбасадорот Нимиц и изразениот оптимизам од владите на Грција и на Македонија, дека спорот за разликите околу името може да се реши во интерес на двете нации и држави, во политиката мора да се има предвид високото ниво на контаминираност на јавното мислење во двете земји.
Така, на пример, грчкиот весник „Прото тема“ неодамна објави анкета според која седум од десет Грци се против тоа да ѝ се дозволи на нашата земја да го содржи името Македонија во своето име. Многубројни испитувања на јавното мислење во Македонија покажуваат исто така дека 70 отсто од граѓаните со македонска етничка припадност се против каква било промена на името или прифаќање на некоја географска или временска одредница во него. Многубројни се и надворешните и внатрешните фактори што ќе го стимулираат отпорот кон изнаоѓање решение за овој спор. Турција, на пример, ја подржува евроатлантската интеграција на Македонија, но смета дека Македонија не треба да попушти, затоа што Грција не е во право. Од друга страна, пак, Русија, која не гледа со одобрување на членството на Македонија во НАТО, ѝ порачува на Грција дека таа не треба да попушти во решавањето на овој спор. Според Лавров, Македонија треба да направи отстапки бидејќи таа сака да биде членка на НАТО, а Русија ќе прифати само име што ќе биде внесено во Уставот на Република Македонија, за чија промена е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Активирани се и протестите на националистите во двете земји и во дијаспората, кои не го даваат тоа што не е само нивно, а во Македонија едни од најгрлатите во одбрана на името, како Стефан Влахов Мицов, Јанко Бачев и „Тврдокорните“, кои на 27 влегоа во Собранието и направија обид за убиство на Заев, формираат проруска партија „Единствена Македонија“, која „ќе се залага за радикален пресврт во македонската политика со повлекувањето на актите за прием на Македонија во НАТО и во ЕУ и барање за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и стратегиско партнерство со Русија.“
Ново е сепак тоа што протестите што се случуваат во Грција и делумно во Македонија не се јавно подржани ниту од една од водечките политички партии. А најново е тоа што во двете земји постојат влади и премиери кои изразуваат готовност за изнаоѓање решение на овој децениски спор.
И двајцата премиери се зафатија да одат храбро против доминантната струја во јавното мислење и да покажат лидерство кое, како и секогаш при големите цивилизациски промени, ќе го формира, а не само ќе го следи јавното мислење во острвувањето интересите на својата земја. Во оваа смисла е изјавата на премиерот на Грција, Ципрас, кој вели: „Јас сум тој храбар човек кој ќе го реши ова прашање, без оглед на тоа колку ќе изгубам потоа на политички план“. А премиерот Заев изјавува: „Мене животот ме научил дека за да има некое решение треба да има отстапки од двете страни, но решение треба да има ако бидеме доволно храбри и доволно родољуби кон своите земји и доволно со погледи кон перспективите и иднината, да ја преземеме одговорноста и да го решиме ова“.
И посредникот во разговорите, амбасадорот Метју Нимиц, изразува голема надеж за решавање на спорот, а премиерите Заев и Ципрас предничат и во подготвувањето на опозицијата и на црквите да се реши деценискиот спор на општо задоволство.
Сепак, и во двете земји ќе мора да се пристапи многу посериозно во подготвувањето на јавното мислење за прифаќање на можното решение и за деконтаминирање на свеста од националистичките отрови на оние за кои градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, ќе изјави: „Луѓето се многу слабо информирани и си замислуваат разни работи“.