Дежа ви во Србија

Љупчо Поповски

Сосема разбирливо е што настаните од викендов во Белград беа регионална вест број 1. Она што се случува во Србија сегаш било на врвот на интересирањето во општествата што произлегоа од Југославија. Така е и сега, како што беше и пред пет, десет или дваесет години. Сликите за протестите во Белград секогаш се помоќни од неколкумесечните демонстрации во Подгорица поради клептократијата и корупцијата на црногорските властите.

Имаше нешто возбудливо од старите протестни времиња кога демонстрантите во саботата влегоа во Радио-телевизија Србија, или кога со жив обрач се обидоа да го спречат Александар Вучиќ да излезе од зградата на Претседателството на Србија. Но таму ја немаше онаа енергија од пред 22 години или од 5 октомври 2000-та. И не може да ја има, затоа што работите и луѓето се променети. Единствено останаа исти само некои од учесниците и впечатокот дека сцените се дежа ви за Србија.

На најдобар начин тоа го објаснува човекот од кого и тргнаа сите овие протести, лидерот на Левица на Србија, Бошко Стефановиќ, откако беше брутално претепан и оставен без свест и во крв. Стефановиќ во 1990-тите беше многу активен во демонстрациите против Милошевиќ кога сегашниот претседател Александар Вучиќ беше министер за информирање. На Стефановиќ му се вратија сликите од пред 20 години кога во саботата маршираше кон РТС и кога народот извикуваше некои од слоганите од пред две децении.

Тој разочарано му вели на известувачот ка канадскиот весник „Глоуб енд мејл“: „Трагично е што по децении борба за демократија ние сè уште шетаме – само што сега шетаме со нашите деца“. Ова самопризнание најлаконски ја објаснува ситуацијата во Србија – дека општеството не успеало да направи сериозен исчекор во демократизацијата. Начинот на кој Вучиќ ја третира опозицијата и медиумите кои не се провладини го има истиот печат од неговото министерување од пред две децении. Тогаш Вучиќ нареди да се затворат независните весници кои беа премногу критични кон владата. Тогаш тој ги обвинуваше странските медиуми дека ги преувеличуваат злоделата на српската војска и полиција во Косово. И тогаш РТС беше еден од главните темели на режимот.

Така е и денес. На прес-конференцијата, додека луѓето протестираа пред Претседателството на Србија, тој исфрлаше тиради кон опозициските лидери – нарекувајќи го Бошко Обрадовиќ фашист, а Драган Ѓилас и Вук Јеремиќ тајкуни, кои се збогатиле од крадење на државата. Репертоарот на членовите на Српската напредна партија е добро познат. Тие нивните политички противници ги нарекуваат фашистички бандити, маскирани разбојници, арамии, хулигани; зборуваат за обид за линч, пуч, немоќ, омраза, насилство и хаос. Бидејќи не може да има непријатели само дома, тој ги поврза опозициските лидери со Зоран Заев, ја споменуваше казната за Митко Чавков, сугерирајќи дека организацијата на протестите тргнува од Скопје. Две години се тркала и синтагмата „македонско сценарио“, како да е тоа страшило за Србија. И она што се случуваше во Македонија (протестите за соборување на режимот на Никола Груевски) се транспортира како странско мешање.

Сепак, има неколку разлики од протестите пред 20 години. Забележлива е воздржаноста на полицијата. Жандармеријата беше во зградата на РТС, но освен неколку инциденти таа внимателно ја бранеше телевизијата избегнувајќи насилства кои би се пренесувале во живо. Така беше и пред канцеларијата на Вучиќ. Полицијата реагираше, но не премина одредена граница. Затоа што преголемата употреба на сила би предизвикала и поголем и порадикален отпор. Но затоа судовите ја презедоа палката за дисциплинирање на демонстрантите. По кратка постапка повеќемина беа осудени и испратени во затвор.

Другата важна разлика е што опозицијата ја нема онаа кохерентност од пред 20 години. Тогаш партиите беа на чело на протестите и моралната вертикала на нивните лидери беше дел од напорот да се истрае. Сегашниве протести почнаа како граѓански за потоа да им се приклучат партиите, а некои од нив и да се обидат да ги киднапираат. Тоа најдобро се виде за време на викендот кога лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, прв влезе во РТС, а и во неделата кога ги диктираше настаните пред канцеларијата на Вучиќ. Неговото однесување го изнесе на површината прашањето за лидерството на протестите.

Можеби Обрадовиќ беше похрабар од другите сметајќи дека веќе нема никаква корист од мирните прошетки, па се обиде да ги радикализира протестите. Но, поради неговата тврда националистичка реторика, тој стана лесна мета на Вучиќ. Неговата партија Двери е позната по тоа што сака да се преоцени улогата на нацистичките колаборационисти во Втората светска војна (особено на Димитрие Љотиќ) и што е целосно против правата на ЛГБТ-заедницата. Двери е секогаш околу прагот за влегување во парламентот, но популистичките настапи на Обрадовиќ и жестоките анти-ЕУ ставови му донесоа одредена поддршка меѓу конзервативните кругови. Граѓанската опозиција би сакала Двери да бидат во рамките на граѓанскиот отпор, но не би сакале да им ја киднапира агендата. Суетите на лидерите на расцепканата позиција е она што го прави Вучиќ да биде помирен. И сè уште да владее со ситуацијата. Огромната контрола врз медиумската сцена му е од голема помош (во неделата вечерта тој раскажуваше цели стории за арамиската опозиција на телевизијата Пинк, сијамски близнак на РТС). Згора на тоа, меѓународната заедница сè уште замижува на едно око гледајќи го зголемениот авторитаризам во Србија. ЕУ и САД веруваат дека само преку Вучиќ може да се дојде до решение за Косово, а довербата на Ангела Меркел во него останува голема.

Во некоја рака радикализацијата на протестите за време на викендот е подготовка за следните чекори. Опозицијата најавува дека на 13 април ќе се одржи голем протест во Белград, кој треба да означи пресврт во ситуацијата. На Александар Вучиќ очигледно не му е сеедно кога ја гледа оваа мобилизација на граѓаните и на опозицијата (иако сака да покаже совршена мирнотија, па и вештачки да игра партија шах). Следниот викенд ќе биде важен лакмус за тоа што донесе радикализацијата од изминатите два дена и дали екстремно идеолошки хетерогената група партии ќе изгради некакво вистинско заедништво и што повеќе ги води – личните интереси или заедничката цел: владеење на правото, слободата на медиумите и регуларни избори.