Дали Заев му рече „њет“ на Путин

Ерол Ризаов

Кога пред неколку дена големата светска велесила Русија ѝ се закани на Македонија, барајќи да се откаже од својот стратегиски интерес за членство во НАТО, тоа беше јасна порака до Америка и до Алијансата да ја остават Македонија понастрана оти Бачушка така сака. Беше тоа вистински шок и големо понижување за граѓаните на Македонија соочени со арогантноста на „мајка Русија“, која уште ја воспеваат стари и нови пансловенски утописти, евтини руски инсталации од ниско качество набризина намножени од разни квазипатриоти и потрошени националисти. Веста беше трагикомична – руската мечка брка македонски зајак во стаклена градина.

Пораката е примена и прочитана веднаш со нужно внимание. Македонија прво одговори со дипломатски јазик, претпазливо, да не ја налути мечката, искажувајќи загриженост за руските закани за дестабилизација на Македонија и на целиот регион, директно и грубо приопштени во руското МНР на македонскиот амбасадор. Во умерено срочениот одговор, со аргумент дека од првиот ден на независноста или цели 27 години во Македонија има широк консензус и голема поддршка за членство во НАТО и во ЕУ, беше содржана и нужната претпазливост на една мала и мирољубива земја кон пријателска Русија на која одамна ѝ е позната определбата на Македонија и со која се склучени повеќе билатерални руско-македонски договори соодветни на пријателски земји. Кремљ не ги проблематизираше досега, барем не јавно, евроатлантските аспирации на Македонија, напротив, ја призна со уставното име и со амин дека државата сама го избира својот пат.

Москва јавно декларираше дека има разбирање за специфичностите на Македонија од аспект на стабилноста на државата и на целиот регион и дека практично нема друг избор освен евроатлантските интеграции кои се најголема гаранција за развој и за мир во земјата и зачувување на нејзиниот територијален интегритет и унитарноста на државата. Но, откако приемот на Македонија во НАТО стана реалност, особено по смената на власта во Македонија која одржуваше повеќе од една деценија статус кво во односите со Алијансата и со ЕУ и кога грчката блокада на Македонија остана без други аргументи освен ултиматумот, се огласи Кремљ со првото предупредување дека и Македонија се наоѓа на линијата на огнот. На ова во Македонија не се обрна големо внимание, освен од новите руски лобисти кои ја надополнија и протолкуваа пораката за пошироката јавност дека „линија на огнот“ значи голема опасност за Македонија ако и натаму се стреми за сојуз со НАТО. За деновиве работата да ескалира и да дојде дотаму Москва директно и отворено да ја предупреди и Македонија дека може да го дестабилизира целиот регион ако влезе во НАТО, без оглед што целиот Балкански Полуостров е веќе во НАТО и во ЕУ, а и преостанатите неколку земји се на тој пат.

Умерениот одговор на Македонија не предизвика никаква реакција, а во Кремљ доби третман на укочен зајак пред питон. Москва го чекаше одговорот од вистинската адреса на која беше упатена заканата преку Македонија. И, еве, одговорот стаса на еден поразбирлив јазик, а тоа е протерување на руски дипломат од Македонија. Тоа предизвика ново разгорување на делбите во Македонија, кој е за Русија, а кој за Америка, кој е за Сталин, а кој за Тито. Дали Заев му рече „њет“ на Путин, или само ја проследи пораката на НАТО и на Америка до Москва? Дали плашиме руска мечка со дајре, или Македонија почна да учи што се државни интереси? Знаеме ли колкава ќе биде казната, а колкава наградата? Свесни ли сме што правиме кога се закачаме со Русија? Дали повторно ќе бидеме монета за поткусурување кога големите сили на крај ќе седнат да се договорат за своите интереси на влијанија?
Ова се првите реакции од најновите руско-американски влијанија на Балканот кои веќе ги нареков според поговорката „секое зло за добро“, се разбира, ако македонските политички лидери навистина бидат прагматични и го искористат историскиот миг кога глобалните светски велесили имаат јасно искажани интереси. Секој погрешен чекор, или седење на две столчиња, неодлучност да се препознаат вистинските сојузници и државни интереси може да биде многу опасна работа со трајни последици. Македонските политички лидери овој пат ја имаат поддршката на огромното мнозинство граѓани, но тоа не им ја намалува одговорноста ако повлечат погрешен потег. Еднаш имавме еден експеримент со признавањето на Тајван кога ја налутивме Кина и после се утепавме од извинување, а штетите уште ги отплаќаме. Се покажа дека тоа била автохтона, наша автентична глупост која никој не ја барал од нас.
Пред тоа имавме сосема обратна ситуација кога НАТО ја молеше Македонија да дозволи прелет на територијата на воени авиони и движење на тенкови и копнени единици, без што не беше можна интервенцијата во Југославија и на Косово. Копнената инвазија на Косово не беше изводлива без користење на територијата на Македонија, ситуација можна еднаш на сто години, или никогаш, која широко ги отвораше вратите на НАТО, а потоа и на ЕУ. Таа историска шанса Македонија не ја искористи ни политички ни економски. Армискиот и државниот политички врв имаше целосно погрешна проценка на ситуацијата која ги стави во жижата на најголемиот светски настан во тоа време. Најсложените и најголеми воени операции по Втората светска војна на европско тло за Македонија завршија со поправка на неколку мостови нагмечени од гасениците на тенковите и бојните коли на идните сојузници и ништо повеќе. Македонија не доби ни членство во НАТО ни преговори со ЕУ.
Дали и сега Македонија ќе ја испушти шансата да стане членка на НАТО или прави автентична самостојна домашна глупост да се закача со руска мечка? Протерувањето на руски дипломат е ризична работа дури и за членки на НАТО и на ЕУ кои имаат големи интереси како што е случајот со Словенија и со Грција. Ако е ова потврда на сојузништвото и влезница во НАТО, макар и со името БЈР Македонија, тогаш ризикот може да биде пресметан и прифатлив бидејќи членството во Алијансата ги обврзува сите и особено Америка. Ако е ова само солидарност со Англија без никаков надомест само за да нѐ чукаат по рамо, тогаш секој порадикален чекор на расипување на односите со Русија, или со која било светска велесила е голема будалаштина од типот – ем шуто ем боде.