Давос е убаво место за бистра глава

Ерол Ризаов

Премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев ова време лани во Давос во Швајцарија се договорија за историска и цивилизациска цел – да решат тежок проблем, одамна во светот прогласен за нерешлив. Заев и Ципрас не тргнаа од напластените болни наслаги од минатото туку тргнаа од иднината. Ја поставија најнапред целта што сакаат да ја постигнат, а патот како ќе стасаат до неа им го препуштија на министрите Никос Коѕијас и Никола Димитров со своите тимови. Заев и Ципрас, кои генерациски и идеолошки се блиски, а и си личат, го прифатија правилото дека во вакви замрсени и деликатни ситуации само заеднички прифатливи решенија и отстапки можат да доведат до конечен договор кој во практиката е применлив и одржлив. Тоа е клучната доктрина за успех во земји со демократска традиција за компромиси и со поинаков ментален склоп. Но во Грција и во Македонија ништо не готово додека не се заврши. Секогаш се можни изненадувања кога најмалку се очекуваат.

Денес, една година потоа, премиерот Зоран Заев повторно е во Давос од каде што ги следи веројатно понапрегнато и повнимателно случувањата во грчкиот парламент, отколку светските лидери и економски експерти кои ги соопштуваат своите проценки и прогнози што го чека светот во годината пред нас. Премиерот Алексис Ципрас во Атина ја води една од најтешките и најмачните битки пред крајот на неговиот четиригодишен мандат со предвидувања дека ќе биде поразен на изборите, според сондажите на јавното мислење. Познавачите на приликите во Грција велат дека Преспанскиот договор му е потежок отколку преговорите со европските лидери за стотици милијарди евра грчки долгови на претходните влади. Спасувањето од банкротство на Грција и излезот од криза не му донесе толку поени на Ципрас колку што му одзеде Преспанскиот договор. Ципрас повеќе пати повтори пред грчката и светската јавност дека е свесен за жртвата што треба да ја поднесе, тој и неговата партија, но останува до последен момент конзистентен на својот став дека тоа е цивилизациски и патриотски чин во интерес на двете земји, на целиот регион и на Европа.

До пред неколку дена истата драма се одвиваше и во македонското Собрание, која на крајот заврши со усвојување на уставните амандмани. Олеснувањето на поддржувачите на Преспанскиот договор е само делумно во Македонија бидејќи станува ништовен, како да не е донесен, ако не се ратификува и во грчкиот парламент.

Додека премиерите Ципрас и Заев ги имаат истите аргументи пред јавноста и ги бранат истрајно, опозицијата и во двете земји бара мандат да го поништи договорот испраќајќи отровни популистички пораки до јавноста речиси со идентичен речник. И за двата опозициски табора Преспанскиот договор е предавство на националните интереси на грчкиот и на македонскиот народ. Разликата е само во тоа што лидерот на грчката опозиција, заедно со екстремната десница и со комунистите, мисли дека е штетен компромисот да се допушти името Македонија да го задржи северниот сосед, без оглед дали станува збора за географска или било каква додавка. Предавство е, велат тие, да се прифати постоењето на македонски јазик, а уште полошо националната припадност да биде македонска и да има македонски народ, македонско државјанство и сè што оди заедно со предзнакот македонски.

Лидерот на македонската опозиција мисли дека додавката северна е збогување со името Република Македонија, дека со новото име Северна Македонија сè е изгубено – и идентитетот, и јазикот, и националната припадност, и државјанството, и историјата, и достоинството на македонскиот народ. Се работи за историска неправда и понижување, вели Мицкоски. Во суштина, и двајцата опозициски лидери со големо олеснување ја прифаќаат реалноста дека оваа тешка работа ја завршиле политичките противници. Но во тоа гледаат шанса да добијат повеќе поени во политичката борба за освојување на власта. Ниту имаат намера, ниту ќе се обидат, ниту нешто ќе да можат сменат ако дојдат на власт.

Премиерот Зоран Заев многу веројатно е окупиран и со мислата дали да прифати предвремени парламентарни избори не затоа што ги бара Христијан Мицкоски и ВМРО- ДПМНЕ туку затоа што таа идеја му изгледа примамлива и според истражувањата гарантирала победа. Ако грчкиот парламент ја донесе очекуваната одлука, се чини, Заев полесно ќе одлучи дали да оди на избори или да ги оствари прво двете клучни работи -членството во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. Одлуката секако треба да ја донесе тој, бидејќи најголема е и неговата лична одговорност. Во Давос, на планински воздух, Заев треба да се потсети која беше формулата за успех во сложени ситуации како што беше лани кога се сретна со Алексис Ципрас.

Значи, повторно се враќаме на истата историска цел. Членство во НАТО и отпочнување на преговорите со Европската Унија. Ако е тоа одамна јасната и најпосакувана цел за иднината и безбедноста на државата, тогаш и одлуката е многу полесна, се разбира, ако се ратификува договорот во грчкиот парламент. Седнувањето на заедничка маса со сојузниците во НАТО и кревањето на јарболот пред седиштето на Алијансата на македонското знаме и отпочнувањаето на преговорите со ЕУ во текот на оваа година се најголемиот капитал. Премиерот Заев и неговите коалициски партнери имаат на располагање две години да остварат повеќе резултати отколку во изминатите 17 месеци, кои главно поминаа во демонтирање на режимот на Груевски и во отстранување на пречките кои уште се силни и нанесуваат големи штети, почнувајќи од претседателот на државата, па до голем број партиски кадри кои сè уште се на значајни и одговорни позиции во сите институции на системот и во јавните претпријатија. Нивното оставање на работните места од страна на власта би била добра работа доколку тоа се прифати како гест на помирување. Но злоупотребата на таквите значајни позиции во партиски цели нанесува големи штети. Прифаќањето на предвремени парламентарни избори во време на обезбедено мнозинство, во клучни ситуации, би ги охрабрило рецидивите на режимот за уште посилни попречувања на реформските зафати.

Во политиката има едно непишано правило – стави го твоето знаменце на она што си го одработил, не оставај го за после избори оти противникот лесно може да го означи како негов успех. Несфатливо е да се пролонгира членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ поради избори на половина мандат со ризик не само да се загубат изборите, туку и ако се добијат, повторно да се изгуби многу време за да се оствари истата цел. Ако пак се изгубат изборите тоа би бил пораз не само на сегашните владејачки политички партии, туку доведување во прашање на сè она што е постигнато по уривање на режимот на Никола Груевски. Тој од Будимпешта будно ја следи ситуацијата во земјата и ја чека шансата да се врати ако неговите наследници го остварат ветувањето да направат „подобар“ договор со Грција. Да, и ова е значаен факт на кој треба да се смета ако се оди на предвремени избори.