Груевски отиде, груевизмот живее кај Заев

Роберт Несими
Груевски ќе си отиде, но што правиме со груевизмот? Ова прашање подолго време ја мачеше јавноста во време на режимот, кога веќе беше јасно дека постои опасност елементи од владеењето на Груевски да останат на место и по неговото заминување од власт. Притоа очите беа и се вперени кон неговата партија и наследник, како дел од истата матрица на размислување и дејствување. Меѓутоа, со политичките промени во државата и власта, која ја ужива сега премиерот Зоран Заев, сметам дека е време со ист аршин да се гледа и оцени и неговото дејствување, кое веќе покажува знаци на продолжување на филозофијата на владеење на Груевски.
Се разбира, Заев е на власт помалку од шест месеци и рано е да се даде конечна оценка дали тој би можел да биде нов Груевски. Сепак, неколку негови ставови и изјави, особено по локалните избори кога доби поголема моќ, веќе дават увид на неговиот светоглед и перцепција на власта. Тоа дава неколку сигнали за загриженост, сомневања дека неговиот демократскиот капацитет не е на пожелно ниво, и дека во случај на поголема политичка моќ Заев може да претставува еднакво голема опасност за демократијата во земјата како Груевски.
Авторитарниот стил на владеење на Заев најдобро може да се види од неговите односи со „Алијансата за Албанците“. Ова не толку од причина што тоа беше предмет на превирања кои се одвиваа пред очите на целата јавност, туку просто од фактот што до ден денес „Алијансата“ останува единствена групација која се дрзна да му се спротивстави. Токму поради тоа, односите со „Алијансата“ се најдобра илустрација за начинот како Заев претпочита да се справува со неистомислениците и непослушните, а што би требало да биде повик за будење за сите демократски сили во земјата. Овој однос најдобро се илустрира со неколку клучни ставови и изјави од кратката историја на соработка помеѓу двете субјекти.
1. „Јас премиер, Бејта градоначалник, Таравари министер“. Ваква изјава дадена во екот на локалните избори, неполни четири месеци откако стана премиер, најдобро го илустрира светогледот на Заев. Тој веќе почна да се доживува како крал, кој на неговите подредени им покажува кај им е местото. Прашувам каде се граѓаните во овој светоглед; нели тие се совранот кој треба да одлучи и да го каже последниот збор кој, каде да се избира? Кој му даде за право на премиерот да ги гледа работите „од височина“, башка што стана премиер без да победи на избори и токму поради партијата на Таравари? Од каде ваков третман на владата и државата како негова сопственост и пашалак, па тој и само тој да одлучи кој, каде треба да биде? Ова беше првиот сигнал дека лидерот на СДСМ почнува да се однесува како класичен груевист, а следствениот бојкот на Општина Гостивар по поразот од „Алијансата“ покажува дека нема намера да престане.
2. „Сѐ уште не сум одлучил кој ќе биде министер за здравство“. Во прво лице, еднина. Вака се изрази премиерот по завршување на локалните избори, откако местото министер за здравство остана празно. Повторно однос „Државата, тоа сум јас“ кој повеќе му доликува на Кралот Сонце, Луј 14. Со ваков исказ премиерот ги порамни со нула останатите коалициски партнери, па дури и неговата партија, како одлуката да е негова и само негова. Што ќе се случеше ако на пример партијата, партнерите или на крајот на краишта Собранието не му го одобруваа изборот? Или однапред знаел дека сите ќе го следат слепо? Имаме ли ние премиер или крал; кој е на власт, реформаторот или новиот следбеник на Груевски?
3. „Министерството му го дадовме на Таравари, не на ‘Алијансата’“. На прв поглед ова изјава личи на несмасна шега. Првин бидејќи „Алијансата“ доби позиции во власта бидејќи ги обезбеди клучните бројки за Влада; без неа Груевски веројатно сѐ уште ќе беше премиер, а Заев во затвор. Второ, да речеме дека Заев навистина беше искрен. Но тоа би значело дека другите министерствата им се дадени на кадри како Бујар Османи, Билент Салији, Садула Дураку и останати, а не на ДУИ. Јасно е дека ни самиот Заев не верува во вакви прикаски, но токму овој начин на оправдување за кашата во која се најде дава доволно материјал да се разбере што тој навистина мисли.
Во случајот Заев се поставува како врховен судија, оној кој единствено и најдобро знае да оцени кој и зошто е најкадарен за кое место. Па следува дека Таравари бил ОК, но Филипче со неговиот богат габарит е до таа мера подобар од останатите од „Алијансата“, што за него вреди да се растури и коалицијата. Без разлика на фактот што зад габаритот на Филипче се крие бивш советник на Тодоров, контрапленумец кој не знаел што потпишува; без разлика што на тоа му укажуваа голем дел од јавноста, негови довчерашни соборци против режимот. Во светот на Заев, Заев знае најдобро!
4. Со Филипче исплива на површина и целосната послушност кон Заев внатре во неговата партија. Навистина е чудно што за вакви радикални чекори како што е реконструкција на влада и избор на контроверзен министер не се најде ниту еден глас против ниту, пак, имаше некоја дебата. Всушност, во шесте месеци, колку што се на власт, во СДСМ немаме ниту еден случај на различно мислење или несогласување со тоа што го мисли и што го прави Заев. Пратениците се на копче, функционерите до даска послушни, членството молчи. Некој во стилот на Груевски и груевизмот би го нарекол тоа „кохезивност“, но поискрено е да се вика со вистинското име – авторитарност. Чинам дека ваква авторитарност немаше ниту во ВМРО во првите шест месеци од нивното владеење.
5. „’Алијансата’ е мала партија, со двајца пратеници, имаме мнозинство и без неа“. Смешното во ваквиот став е што до вчера, кога требаше да го спаси од одење во опозиција и затвор, „Алијансата“ беше голема и важна. Смешно е исто така што „Алијансата“ всушност беше единствената партија која забележа раст од парламентарните на локални избори (дури и СДСМ падна на гласови). Уште посмешно е дека наспроти 50.000 гласови на „Алијансата“, во владата продолжуваат да раководат со министерства партии со по 2.000-3.000 гласа.
Но воопшто не е смешно како премиерот ја сфаќа демократијата. Значи, според него, „малите“ може слободно да се занемарат, ако се дрзнат да не се согласуваат со него. И не помислува дека на крајот на краиштата демократијата е токму тоа; да се слушне и цени секој глас и став, особено различните.

Ова накратко се дел од изјавите и ставовите со кои премиерот веќе покажува тенденции да стане нова реинкарнација на груевизмот во лева амбалажа. Судејќи по реакциите, дел од т.н. „слободоумна јавност“ несомнено изгледа задоволна од начинот на кој Заев се справи со „националистот Села“. Во ДУИ дури се пресреќни што повторно ќе бидат единствените Албанци на власт, „единствените црнчуги на журката“. Но овој пример би требало да биде аларм за тоа што следува, за тоа кој е следен на удар. И баш таа слободољубива јавност, која потроши десет години борејќи се со режимот, треба ширум да ги отвори очите и да види дека Груевски си отиде, но неговиот дух продолжува да живее кај Заев, кој полека станува негов најверен следбеник. И да се освести додека не е касно, додека едниот режим не се замени со друг.

П.С. Откако ја завршив колумната, Заев излезе со нова изјава во иста линија: „Не планирам избори во 2018“. Не ние. Јас, Заев!

(Авторот е политички аналитичар)