Груевски на местото на злосторството

Ерол Ризаов

Никола Груевски се врати на местото на злосторството во Собранието на Македонија. Стаса директно од судот, од клупата каде што седи секојдневно како обвинет за повеќе тешки кривични дела. Влезе на истата собраниска голема врата да го предводи одбележувањето на годишнината од најцрниот датум во парламентарната историја, кога тој од Виена и претседателот на државата Ѓорге Иванов од резиденцијата на Водно со повеќе пратеници на ВМРО-ДПМНЕ станаа соучесници во груб напад на темелите на демократијата и се најодговорни функционери за крвопролевањето и за обидите за линчување на политички противници. Груевски и Иванов повторно станаа главни актери на нов антидржавен чин, овој пат со обид да се блокира работата на парламентот, лажно прикажан како патриотска борба за спасување на Македонија. Се работи за уште еден тежок, но неуспешен удар на парламентарната демократија. Настаните од 24 декември 2012 година, 27 април 2017 година и 15 март 2018 година ќе бидат запишани во најновата историја како „црн понеделник“, „крвав четврток“ и „враќање на местото на злосторството“ и се трите најсрамни датуми во 74 годишната историја од АСНОМ наваму.

Никола Груевски дојде во парламентот да покаже на начин кој најмногу му приличи дека не е готов и дека партијата и неговите приврзаници, како и цела Македонија треба сериозно да сметаат на него. Јасно им покажа на сите дека се излажале што прерано го отпишале. Од театарот на апсурдот и од процесите на Кафка, како што ги нарекува литерарно судските постапки против него, дојде во еден друг театар со многу поголема публика, но со иста улога на лажен патриот да ја брани Македонија од Македонците, од Албанците и од сите други етнички заедници кои го изгласаа Законот за јазиците. Мотивот за борба против непријателите е преставен во јавноста како уривање на опасниот Закон за јазиците, односно пошироката употреба на албанскиот јазик чие донесувања го загрозува македонскиот јазик и претставува опасност за стабилноста и безбедноста на Македонија. Се работи за одбрана од истиот закон кој Груевски самиот го прифати со две раце за да остане на власт и на тој начин да се спаси и себе и своите најблиски соработници од правдата која беше на повидок уште пред изборите.

Груевски во парламентот го покажа своето веќе добро познато лице играјќи ја изветвената улога на патриот од минатиот век кој, откако со својата „фамилија“ ја ограби и унакази Македонија, се обиде прилично неуверливо со смешна споредна улога да ја дозаврши работата од 27 април лани. Многу му значело да се запази демократската процедура за расправа по 35.000 амандмани. Ни малку не вреди да се објаснува по милионити пат дека со само еден амандман, или со пет, десет, 50, па и 100 амандмани може да се води повеќедневна дебата која јасно ќе ги покажеше на целата јавност слабостите на предложениот закон кој веќе ги слушнавме во досегашните дебати и укажувања. Со таквиот пристап ВМРО-ДПМНЕ многу повеќе ќе придонесеше и ќе поентираше отколку со неуспешна блокада на парламентот и со уште една негова деградација.

Тоа што беше карикатурално на 15 март во Собранието, кога Груевски како во филмовите со Чарли Чаплин се врткаше околу собраниската говорница и го влечеше за ракав претседателот Џафери истурајќи чаша вода пред него, на улицата пред парламентот беше многу тажно. Десетина очајни патриоти зборуваа пред ТВ-камери како е урната државата, вчудовидени како Скопје мува не го лази и пулсира спокојно оваа пролет стасана порано од календарот. Ретките минувачи ги одминуваа без возбуда тие што раскажуваа патриотски бајки и повикуваа на револуција. За упропастувањето на државата имаа на располагање многу подобри и поголеми аргументи во 12-годишното владеење на Груевски, но тие и овој пат ја заобиколија таа тема. Ја избраа за главен аргумент тезата на Груевски дека е прескокната процедурата на разгледување 35.000 амандмани и со тоа е урната државата. Беа многу несреќни што е оневозможена демократската блокада на парламентот која можеше убаво да трае до крајот на мандатот на оваа влада.

Втората трагикомична фигура на 15 март вечерта беше претседателот на државата Ѓорге Иванов, најодговорниот функционер во државата и директен виновник за крвопролевањето на 27 април кој наместо да го спречи тоа, го поттикна со недавањето на мандатот на новиот премиер кој обезбеди мнозинство во парламентот, а исто така катастрофална грешка ја направи и со првото вето на законот за јазиците. И овој пат претседателот Иванов фрли бензин во огнот најавувајќи повторно вето, иако на тоа нема право. Избезумен како да не погодила елементарна катастрофа претседателот Иванов се обиде да остави впечаток дека без негов потпис, нема ни закон.

За сликата да биде верно реконструирана со враќање во минатиот век, сега е најдобро пред Собранието во паркот „Жената борец“ до споменикот на асномци да се разапнат повторно шаторите како во 90-тите години, каде што од Велигден до Митровден ќе седат ајдуците, а подостарените патриоти на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги наострат ножевите за сечење на канџите на шиптарските орли, но и на главите на домашните предавници. Така почна нивната политичка кариера, така најверојатно ќе заврши ако Македонија се опаметила за овие 27 години независност. Сѐ на сѐ, ова е уште една тажна вистина за последниот обид Никола Груевски да се врати на политичката сцена и да се спаси од соочување со правдата.