Го заборавивме буџетот?

Здравко Савески

Крупни работи се случуваат на политичката сцена. Преку уцени и поткупи се туркаат уставни измени, а во меѓувреме побегна Никола Груевски, главниот виновник за криминалното владеење на претходната власт. Дојде власт која покажува високо ниво на бескрупулозност и практикува методи на владеење кои беа типични за претходната власт. Во таков контекст, разбирливо и очекувано е фокусот на јавноста да биде на тие теми.

Сепак, тоа не значи дека треба да се заборават другите теми. Особено, треба да се има предвид дека во овој период се усвојува буџетот за следната година. Во нормални земји, јавноста е фокусирана на тој процес. Да, ние не сме нормална земја, но сепак не смееме да дозволиме без јавна дебата и јавен притисок да го протуркаат буџетот. Зашто се работи за тоа како власта ги троши парите кои ги зема од граѓаните и, следствено на тоа, дали нашиот живот како граѓани ќе се подобри следната година или нерационално ќе се користат парите, ќе плаќаат партиски војници со нив, или едноставно ќе завршат во бунар.

За следната година, власта повторно предложи рекордно голем буџет. Тоа само по себе не е проблематично, но е проблематично тоа што тој рекордно голем буџет повторно планираат да содржи дефицит. Тој дефицит воопшто не е занемарлив и изнесува 17,7 милијарди денари (28,8 милиони евра). А не мораа да продуцираат дефицит. Власта планира приходи за следната година онолку колку што беа расходите за оваа година. Тоа нудеше можност, поради зголемувањето на планираните приходи, првпат по подолго време, буџетот да не содржи дефицит. Но, не! Власта зголемувањето на приходите го протолкува како зелено светло да ги зголеми и расходите!

Пред да дојде на власт, СДСМ постојано алармираше дека Македонија забрзано тоне во долгови. Но, кога дојде на власт, единствено со што се зафати е ширење евтина пропаганда. Првпат по подолго време јавниот долг како процент од БДП се намалил. Да, се намалил процентот, но сумата, паричната маса што ја должи Македонија продолжи да расте. А, сумата е најважниот аспект, додека тоа дали процентот од БДП се зголемил или намалил има секундарно значење. Во ситуација кога Македонија станува сериозно задолжена земја, СДСМ треба да се труди да го намали јавниот долг, а не да планира буџет кој содржи значителен дефицит. Еве, планира приходи за следната година кои се на нивото на расходите од оваа година? Која е нужноста во таква ситуација да дојде до зголемување на расходите во следната година?

И, повторно, дури и зголемувањето на расходите во услови на помали приходи не е само по себе лошо. Може да се планира зголемување на јавните инвестиции, да се предвидат поголеми средства за намалување на сиромаштијата кај народот. Во таа насока, од власта ќе се пофалат дека го зголемиле буџетот на Министерството за труд и социјална политика. Точно е тоа, но ниту сумата што е зголемена (плус милијарда денари) ниту процентот на зголемување (2,3 отсто) не можат да се рамнат со зголемувањето на буџетот на Министерството за одбрана (плус 1,8 милијарда денари) и процентот на зголемување што дојде таму (неверојатни 29,7 отсто!).

Толку е огромно зголемувањето на буџетските средства за одбрана што со полно право може да се зборува за милитаризација на буџетот! Никако поинаку не може да се окарактеризира зголемувањето на буџетот на Министерството за одбрана за речиси една третина за само една година! Која е причината за оваа милитаризација на буџетот? На Македонија ѝ се заканува непосредна воена опасност? Не. Сето тоа има врска со зачленувањето во НАТО и со исполнувањето на фамозните НАТО стандарди за воени издатоци на земјите членки. Македонија во 2017 издвојуваше 0,98 отсто од БДП за „одбрана“. НАТО стандардите налагаат забрзано повишување на овие издатоци на 2 отсто од БДП. И власта ревносно се фрли тоа да го исполни. Ставката „интеграција во НАТО“ од доаѓањето на власт, за само две години, СДСМ ја зголеми за неверојатни 956 отсто, од 151 милион денари во 2017 година на 1,4 милијарда денари во 2019 година!

Што има лошо во тоа? Никогаш не заборавајте дека парите не растат по дрвјата. Ако некоја буџетска ставка расте, тогаш често некоја друга буџетска ставка опаѓа. И тоа власта планира да го направи. Додека буџетот на Министерството за одбрана енормно порасна, и без разлика на тоа што за 2019 власта планира поголем буџет од 2018 година, буџетот на Министерството за здравство е – намален! Па каква е таа власт која енормно зголемува буџет на Министерство за одбрана, а намалува буџет на Министерство за здравство? Едно е сигурно. Таа власт ниту е социјалдемократска ниту, пак, ѝ е грижа за вистинските проблеми на обичниот човек!

За волја на вистината, многу ставки во буџетот на Министерството за здравство не само што не се намалени, туку се и (минорно) зголемени. А намалувањето на вкупниот буџет на Министерството за здравство се должи на намалувањето на средствата за изградба на нов клинички центар во Скопје и Штип и за реконструкција и доградба на здравствените установи. Но, зошто се намалени овие средства? Тоа не е ургентна потреба од гледна точка на граѓаните? Фрлањето пари за исполнување на НАТО-стандардите им е поважно на граѓаните? Ако е така, тогаш власта новите тенкови што сигурно ќе ги купи поради модернизација на вооружувањето согласно НАТО-стандардите – нека нив ги паркира пред болниците. За граѓаните, кога ќе добијат лоша здравствена услуга, да можат да им се воодушевуваат и да се тешат: „Можеби немаме соодветни апарати по болниците, можеби болниците ни се руинирани, а лекарите бегаат, но затоа може да се гордееме што сме членка на НАТО!“

Енормното зголемување на буџетот на Министерството за одбрана не е само на сметка на буџетот на Министерството за здравство. И буџетот на Министерството за култура е намален. Намалени се и средствата за финансирање на дејностите од областа на културата и средствата за наука. За само две години СДСМ буквално го преполови буџетот на Министерството за култура! Уште полошо, од 2004 година Министерството за култура не располагало со толку малку буџетски средства!

Слично е и со науката. Во последните две децении нашата наука буквално потона. Една од причините за тоа е недоволното инвестирање во науката. И при таква ситуација, што презема власта? При зголемен буџет таа – бесрамно – ги намалува буџетските средства за наука! Процентот на буџетски средства за наука падна на бедни 0,18 отсто од општиот буџет, најнизок процент барем од 2003 година наваму. Катастрофалната власт на Никола Груевски не се дрзна ниту една година да издвои толку низок процент буџетски средства за наука! А овие, наводно просветлените, тоа го направија! Срамота! Имаат слушнато дека западните земји, кон кои наводно се стремат, издвојуваат барем 1 отсто од буџетот за наука?

Колку е забегана ситуацијата со милитаризацијата на буџетот зборува и овој податок. Пред СДСМ да дојде на власт, буџетските средства за намалување на загадувањето и за интеграција во НАТО беа речиси исти, околу 150 милиони денари. По две години, додека средствата за интеграција во НАТО ги зголемија за невидени и нечуени 956 отсто, средствата предвидени за намалување на загадувањето ги зголемија за бедни 0,6 отсто во споредба со 2017 година. Целиот буџет порасна за 10,8 отсто, но средствата за намалување на загадувањето – за само 0,6 отсто. Ете, толку е сериозна власта во напорите за справување со загадувањето!

За крај, повторно ќе нагласам. Парите не растат по дрвјата. Во земја со сиромашен народ како Македонија исклучително важно е власта да не се расфрла со народните пари и буџетот да го скрои според народните потреби, а не според напатствијата на империјалниот господар. Милитаризацијата на буџетот е особено недозволива во услови на осиромашување на народот и сериозна задолженост на државата. Граѓаните не смеат да ѝ дозволат на власта така лесно да го протурка фаличниот предлог-буџет за 2019 година.