Големи очекувања, мала испорака во Русија

Сашко Ѓ. Димовски

Големи очекувања, мала испорака. Ова е општата констатација за моќните репрезентации во месецот на фудбалот. Светското првенство во Русија започна, турнирот е навлезен во втората четвртина, но засега нема впечаток од типот „вау“. Робувањето на тезата да не се загуби на стартот го стори своето, па ниту Франција, ниту Бразил и Англија, за Германија да не говориме, а најмалку Аргентина нè убедија во оправданоста на милионски тешките нивни играчи.

Наместо нив, на површина, неочекувано се најде домашната селекција на која никој не сметаше на нешто особено освен, се разбира, минување на групата. Меѓутоа „зборнаја“ протатне крај Саудиска Арабија и Египет и не само што е првата што се проби до нокаут фазата, туку истакна капацитет за повеќе од четири настапи на мундијалот.

Првото разочарување го понудија Французите кои важеа за апсолутни фаворити на мегданот со Австралија. Најчестата дилема во јавноста и низ скопските обложувалници беше колку гола ќе постигне нападот во кој се Гризман, Мбапе со поддршка од Погба, од Канте. Но, наместо дожд од голови, „триколорите“ ги принудија „сокероси“ да се отворат по гол од пенал. Дешамп, се чини, не успеа да ги приземји своите избраници кои некако препотентно му пристапија на првиот испит на шампионатот. Додуша, крајот го положија на начин на кој никој не помислуваше.

Препотентноста на Французите ја презедоа и Бразилците. Успеаја да дадат гол во раната фаза на средбата со Швајцарија и ја умртвија играта што воопшто не личи на нив. За таквата определба стигна казната со реми, во меч во кој во центарот на внимание се најде Нејмар. Не поради неговата изведба на теренот туку поради фризурата со која наликуваше како да има куп шпагети со жолт сос на глава и себичноста да игра и завршува сам наместо во соработка со соиграчите.

Во облаци се вивнаа и нивните соседи од Јужна Америка, Аргентинците. Очајно бледи, стерилни, безидејни како да мислеа дека самото нивно појавување ќе донесе страв и вкочанетост кај Исланѓаните. Меѓутоа и тие удрија во ѕидот на Исланд, за кој не може ама баш ништо да се забележи. Скандинавците беа свесни за сопствените можности и за противникот што го имаат од спротивната страна, па поставија игра кон која максимално се придржуваа. Не попуштија во ниту еден момент, успеаја во тоа и го оставија Лионел Меси да се дави во сопствените фрустрации на немоќ во репрезентативниот дрес.

Најголемиот шок го продуцираа Германците. „Панцерите“ загубија глава до непрепознатливост во дуелот со Мексико, чии брзоноги фудбалери напаѓаа како оси, дозволија да дува провев по страничните позиции во одбраната и се промовираа во први бранители на титула што почнале со пораз на мундијал по Франција во 2002 година. Изданието на „die mannshaft“ наиде на остри критики во германските медиуми кои се обратија до селекторот со порака „Јоги, менувај нешто, ни се смее цел свет“.

Во екстра времето се радуваа и Англичаните. И тие како и Бразилците поведоа, па застанаа со мисла дека работата е завршена, бодовите се впишани. Така, сепак, не мислеа дефанзивно ориентираните Тунижани кои по израмнувачкиот гол се концентрираа на одбрана на сопствениот и ги принудија премиерлигашките ѕвезди да кружат бесцелно околу нивниот шеснаесетник. А, тие не би биле тоа што фудбалски се доколку не постигнат гол по прекин, како што и беше случај во екстра времето.

Во секој случај, освен Русија и Белгија кои засега оставија најсилен впечаток, првиот ешалон кандидати за тронот тотално потфрли на турнирот со, засега малку голови, без претерана фудбалска убавина, со многу досудени пенали пришто голем удел има примената на ВАР технологијата. Најспектакуларно од сѐ на шампионатот е извонредната посетеност на мечевите. Стадионите се полни без оглед кој игра, дали аутсајдерите или големите фаворити. За тоа треба да им се честита на руските навивачи, затоа што тие се оние што главно ги полнат стадионите покрај фановите дојдени од странство.