Гласаме за мир и за излез од лифтот во кој сме заглавени

 

Ѓорѓи Спасов
Кога на 13 август во 2001 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор, реакцијата на голем број Македонци од редот на оние што денес повикуваат на бојкот на референдумот или имаат став „правете што сакате“ беше дека со тој договор сме ѝ ставиле крај на државата.

Најблагата квалификација за тој договор беше дека Љупчо Георгиевски, Бранко Црвенковски  и тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, под притисок на САД и ЕУ, потпишале капитулација на земјата пред барањата на „албанските терористи“.

Се тврдеше, исто како што се тврди и денес за договорот со Грција, дека од Преамбулата на Уставот ќе се избрише македонскиот народ, дека со правото на Албанците да зборуваат албански во Собранието ќе се загрози македонскиот национален идентитет, со другите права на Албанците Македонија ќе се федерализира, а тоа ќе биде чекор кон создавање на Голема Албанија и исчезнување на Македонија и на Македонците.

До нив не допираа убедувањата дека со тој договор Македонците не губат ништо, дека со него ќе добиеме само поголем број задоволни граѓани во земјата и дека со спроведувањето на еден таков договор, кој подразбира и уставни промени, ќе се  зацврстат и гарантираат мирот и стабилноста во Македонија.

Напротив. Долго по потпишувањето на тој мировен договор, со кој му се стави крај на воениот конфликт, се тврдеше – како и сега што тврдат за договорот со Грција, дека „договор што е потпишан под уцена нема да донесе мир“, дека таков договор не само што не го гарантира мирот, туку ќе биде основа за уште поголеми конфликти во земјата и дека „не треба да им се верува на  Албанците“, како што сега не треба да им се верува на Грците. Не им значеше ништо што во постигнувањето на тој договор беа целосно вклучени САД преку Џејмс Пердју и ЕУ преку Ален Лероа. Не им значеше ништо што тие ставија и свои потписи на тој договор и што НАТО испрати своја мисија во Македонија за гарантирање на мирот. И тогаш и денес останаа убедени дека НАТО, САД, па и ЕУ се на страната на Албанците во Македонија и дека на Македонија цело време ѝ се подготвува некаков нов Букурешки договор со кој Европа – „блудницата вавилонска“ ќе продолжи да ја дели и парчи Македонија.

Денес, по 17 години спроведување на Охридскиот рамковен договор знаеме дека ништо од таквите предвидувања не се случи. Напротив. Дури и по промената на власта во 2006 година, тој договор (кој се преточи во уставни гаранции за правата на припадниците на немнозинските заедници во Македонија) доследно се спроведуваше. Секоја влада од тогаш до денес се фалеше дека со неговото успешно спроведување Македонија е постабилна земја и дека во неа има демократија и почитување на човековите и на малцинските права.

Денес Македонија е исправена пред прифаќањето на уште еден таков, би рекол, мировен договор. И одново расположението меѓу тој дел од Македонците е слично на она од август 2001 година.

Договорот со Грција, за среќа, не се склучува за запирање на воен конфликт, каков што беше оној во 2001 година. Но да не заборавиме. Конфликтот за разликите околу името на нашата земја со Грција е многу постар од сите други конфликти што ги имала Македонија со соседите. Тој конфликт е длабоко поврзан со емоциите на граѓаните во двете земји. Ги допира идентитетските прашања и прашањата за културното и историското наследство на двете земји. И тој конфликт доведуваше до економска блокада на нашата земја од страна на Грција, до националистички протести и инциденти во двете земји и до сериозни тешкотии во одвивањето на нормалната комуникација меѓу граѓаните од двете страни на границата и ја блокираше Македонија во нејзината желба за членство во НАТО и во ЕУ.

Таа заглавеност на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО почна да создава и други проблеми во земјата. Македонија продолжи да осиромашува, населението да се иселува, а на изборите да победуваат авторитарни и националистички водачи кои дополнително го продлабочуваа проблемот со Грција. Македонија почна да ја губи надежта за подобар живот.

По последната промена на власта во Македонија и во Грција, САД и ЕУ оценија дека е создадена можност да биде надминат и овој замрзнат конфликт преку постигнување на еден вид мировен договор меѓу двете земји, кој ќе го гарантираат САД и ЕУ, како што беше тоа случај со Охридскиот договор.

Дипломатските тимови од САД и од Германија овој пат ѝ помогнаа, пред сè, на Македонија да дојде до договор со Грција со кој се разрешува еден тежок и комплициран идентитетски спор. Со него, освен што сме обврзани како земја да престанеме со аспирациите кон хеленистичкото и античко наследство и да се ослободиме од лажните митови за нашето античко потекло, обезбедуваме да бидеме меѓународно признаени во светот како единствена земја која во своето име го има зборот Македонија, државјанството на нејзините граѓани да биде означено како македонско, а јазикот на населението да бидат меѓународно признаен како македонски.

Точно е дека за да се склучи траен мир со Грција, прифативме нашата земја да биде именувана како Република Северна Македонија и со тоа име да ги именуваме сите државни институции во нашата земја. Но факт е дека кога во светот не постои друга земја со име Македонија, како Јужна, Западна или Источна, тоа ќе биде единствената Македонија во светот и нема да има забуни за која земја станува збор.

Нашата земја со овој договор си обезбедува траен мир, стабилност и углед во меѓународната заедница. Таа си го отвора патот за членство во ЕУ и во НАТО без да биде повредено нејзиното национално достоинство и добива сигурни гаранции и можности како членка на НАТО и на ЕУ да го развива уште поуспешно и да го заштитува својот национален и културен идентитет.

САД и ЕУ со овој договор меѓу Македонија и Грција добиваат гаранција за долготраен мир и за стабилност на Балканот, нова членка за проширување на ЕУ и на НАТО и надеж дека вака тешки идентитетски спорови и меѓу други земји може да се решаваат на мирен начин. Договорот е голем дипломатски успех на Македонија, на Грција, на САД и на ЕУ.

Договорот е од историска важност затоа што со него, откако беше потпишан и Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, започнува историското помирување на Македонија со сите соседи и таа си обезбедува свое место во светот како земја неоспорувана од никого.

Оттука, останува да се надеваме дека оние што се противат на овој договор со кој се склучува траен мир меѓу Грција и Македонија и со кој започнува историското помирување на народите на Балканот, ќе останат во малцинство со своите тези кои не се ни малку различни од оние со кои го напаѓаа Охридскиот рамковен договор, па и Договорот со Бугарија.

Секој поединец, независно од неговото политичко убедување, треба да биде свесен дека и од неговиот глас зависи иднината на Македонија. Тој е должен да се запраша дали со бојкотирање на референдумот и со гласањето против договорот, не станува соучесник во диверзијата на оние што не сакаат мир со соседите, безбедносна стабилизација на Македонија и нејзино зачленување во НАТО и во ЕУ. Ќе се чувствува ли одговорен ако токму поради неговите дилеми и неосновани стравови Македонија остане во својот развој ниту на небо ниту на земја и уште долго без нова можност нашата земја и нашиот народ да станат дел од семејството и сојузите на најмоќните земји и народи.