Гајлето да се плати данок

Ерол Ризаов

Многу поголемо гајле е да не плаќаш ни денар данок кога немаш приходи, отколку гајлето да мора да ѝ платиш добра сума данок на државата. Тоа може да биде и големо задоволство и вистински патриотизам ако чесно ги заработувате парите. Многу често алчноста не го допушта тоа задоволство.

Гледај од што живееш. Велат, оваа универзална порака била и е најважната работа во нормалните земји кога треба граѓаните да одлучуваат за што било без оглед дали се работи за избор на влада, градоначалник, референдум, за чиста човекова околина, а најмногу кога треба да се одврзе ќесето и да се платат давачките во државната каса. Ако дојдат на власт левите, или десните, либералите од центарот, зелените, црните или белите, сеедно, граѓаните знаат колку ќе платат за тоа, но знаат и што ќе добијат за своите пари. Даноците се најважната работа за функционирање на целиот општествен поредок, на сите полуги на државата: армија, полиција, парламент, влада, образование, наука, култура, здравство, судство, комуникации, најзначајната инфраструктура… и сѐ она што е во сопственост на државата.

Што се случува во Македонија? За жал, најважната работа во светот кај нас е споредна, ептен споредна. Буџетот и парите на граѓаните едвај се пробиваат во медиумите на ударни позиции, само кога има злоупотреби и извесни промени, и тоа повеќе инцидентно отколку како нешто од што треба да се живее и да биде главен генератор на развојот и квалитетот на живеење на сите граѓани. Тоа не е некое намерно маргинализирање на оваа значајна тема. Напротив, Македонија сѐ уште по 27 години плурален систем нема расчистено со причините зошто полнењето и празнењето на државната каса е помалку важна работа, што докажува дека транзицијата, преминот од еднопартиски политички систем, од социјализам кон повеќепартиска парламентарна демократија уште не е изоден, а згора на тоа не се завршени клучни реформски зафати на кои почива едно современо европско општество.

Темите што не оставаат простор за други политички и економски дебати кај нас се: за името на државата, за националниот идентитет, за јазиците на мнозинскиот народ и на етничките заедници, за големите судски процеси во врска со обидот на државен удар и за убиства во парламентот на 27 април и за најголемото нарушување на човековите права во историјата на независна Македонија со држење под надзор на илјадници граѓани и јавни личности. За фалсификување и местење изборни резултати, за грабежот на граѓаните, за организираниот криминал и корупцијата на врвот на власта и за други злодела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори, кои се попречуваат да добијат судска разврска од силни центри на моќ лоцирани во институциите на системот и кај високи државни, судски, партиски функционери.

Во вакви услови објективно и разбирливо е темата гледај од што се живее да биде помалку важна од онаа гледај од што не може да се живее во Македонија. Знаете ли кој податок е најпоразителен во сегашната млака и прилично разводнета расправа за промените во даночниот систем: Не е тоа процентот од 18 отсто на приходи над 1.000 евра месечно нето. Стравотен е статистичкиот податок дека само два отсто од граѓаните имаат примања над 1.000 евра месечно. За која демократија, за кој развој, за која стратегија, за која економија, за која држава ние зборуваме со целосно уништена средна класа. Само два отсто граѓани имаат над 1.000 евра месечни примања да живеат пристојно. По ова сознание треба да престанеме да зборуваме за јажето во куќата на обесениот. Тие два отсто се најсреќните луѓе во Македонија. Од овој податок има уште еден пострашен и се однесува на 20 отсто од населението на Македонија, негде околу 400.000 луѓе кои не знаат како ќе го поминат денешниот ден, кои немаат по три оброка дневно и кои се на работ на гладување. А, другите 78 отсто од населението живее во неизвесност да не паднат во тие 20 отсто кои гладуваат без никакви шанси да поминат кај среќниците од 2 отсто.

И, сега ајде да разјасниме што е тоа толку драматично во оданочувањето на тие два отсто „среќни“ граѓани што не гладуваат и не се во постојан стрес. Ете ваква е математиката зошто е голема бурата во чаша вода: ако имате нето-примања месечно од 1.000 евра годишниот нето-приход ви е 12.000 евра, бруто-приходот ви е 13.200 евра, а данокот изнесува 1.200 евра годишно. И, сега така ќе остане. Ништо не се менува. Но, ако имате месечни нето-примања од 1.100 евра вашите годишни нето-примања ќе изнесуваат 13.200 евра, а бруто-изоност на кој се плаќа данок ќе биде 13.416 евра. На тие сто евра повеќе нето-приходи месечно ќе треба да се плати наместо десет, како досега, 18 отсто данок. Па, така, данокот ќе ви се зголеми за 216 евра на годишно ниво или 18 евра месечно. Но, кога примањата се четири, пет, десет, педесет, сто илјади евра месечно, тогаш бројките за данок се поголеми. Само што во Македонија вакви месечни примања пријавуваат неколку стотини граѓани. Па, од каде толкави богатства, имоти и зданија кај многу поголем број граѓани? Одговорот не е тешко да се открие, поточно сите го знаат – станува збор за масовно затајување даноци и тоа со години и, се разбира, за голем криминал и корупција. Има ли шанси да се спасиме од ова најголемо зло? Досега немаше, отсега ќе видиме. Надежите се мали.

Ете, затоа во нормалниот свет најголемата чувствителност на јавноста е кој ќе управува со државната каса и дали домаќински и според законот се трошат парите. Секој човек што уплатил еден долар во буџетот може да провери како се потрошени неговите пари. Целиот правен систем од уставот до законската регулатива на демократските држави е насочена кон контрола на финансиските текови, стимулирање на развојот, ефикасно собирање на даноците и ригорозна контрола на нивното трошење. Секоја злоупотреба и ставање во џеб од тоа што следува за државната каса се плаќа повеќекратно, а ако прекршокот предизвикал потешки повреди на законите, следуваат и повеќегодишни казни затвор и конфискација на имотот, или хипотека над компанијата која направила кривично дело со затајување на даноци. Практично, даночниот систем е моторот на целиот општествено – политички и економски поредок на земјата, најзначајниот фактор на стабилноста и на развојот. Сѐ во државата е подредено на тоа.

Да се направи фер даночен систем останува трајна и сложена и тешка задача на секоја влада. Причината е едноставна – откако постојат државите и давачките за државната каса, на тие што даваат секогаш им е многу, на тие што земаат и трошат секогаш им е малку.