Вучиќ ги плаши Србите со „македонско сценарио“

Ерол Ризаов

Вучиќи и Дачиќи не престануваат да ги плашат Србите со некакво многу опасно „македонско сценарио“. Малку, малку, па ќе им се навртат на Македонците за да им кажат на своите домашни политички противници и критичари, кои во владеењето на Александар Вучиќ препознаваат режим, колкава Баба Рога е Македонија. „Чокалије увек сум нам ударали нож у леѓа“.
Тоа е оној познат Вучиќев стил – ти зборувам ќерко, сети се снао. Демек, Срби мои, бидете мирни и послушни, оти некој упорно работи да ни се случи Македонија, заплашува Вучиќ и веднаш ги смирува своите следбеници: „Е, мало морген, то неќе проќи док ја браним Србију“, порака со призвук на закана и заплашување, која Вучиќ редовно ја завиткува во својата популистичка обланда и ја соопштува во разни нијанси секогаш кога гаси пожари.
Некој изгледа многу моќен му шепнал на Вучиќ дека ќе заврши како Никола Груевски. Возбудата, пак, од заканите на Вучиќ во Македонија е голема колку од топењето на снегот на Шар Планина. Покрај сите големи маки што ги имаат граѓаните на Македонија таламбасите на власта од Србија служат како освежување и патоказ дека се на вистинскиот пат штом Вучиќ ги плаши Србите со „македонско сценарио“.
Откако падна на веродостојни избори, некогашниот советник во српската влада, големиот реформатор Никола Груевски, и откако Македонија се ослободи од тиранот, кој избега без проблеми низ Србија, иако осуден на затворска казна, за да стаса кај својот идол и заштитник Виктор Орбан, Вучиќ не престанува со навреди.
Додека Македонија болно и тешко се ослободува од груевизмот, Александар Вучиќ ги користи своите медиуми создавајќи амбиент дека во Македонија, откако падна Груевски, се случуваат страшни работи кои неговите домашни и надворешни непријатели сакаат да ги преселат и во Србија. Па, така, Вучиќ им сервира на Србите големи лаги за свои потреби. Последната таква лага со опашка е изедначувањето на незадоволството на граѓаните од неговиот јавен пропаганден сервис РТС со обидот за државен удар во македонскиот парламент на 27 април 2017 година. Крвопролевањето на крвавиот четврток, организиран од Груевски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ да се попречи конституирањето на Собранието, обидите за убиства на пратеници и на Зоран Заев, претседателот Александар Вучиќ ги изедначи со мирниот протест на граѓаните и опозицијата кои бараат од РТС да се слушне и нивната вистина. Вучиќ ги заплашува Србите со пресудите за организаторите на упадот во Собранието. Вели, министерот за внатрешни работи Чавков добил 18 години затвор затоа што не интервенирал навреме да го спречи упадот во парламентот. Сака да каже, колку треба да бидат осудени тие што го организирале упадот во РТС, но бидејќи е голем демократ сите уапсени „насилници“ ќе ги аболира. Ете, така Вучиќ на сметка на Македонија си прави приказни како јагнињата во Србија им ја матат водата на волците, како што тој хорор го гледавме и ние цели 11 години.
Во суштина, како и секогаш на Балканите, вистината е на друга страна. Настаните во Македонија не ги плашат Србите, туку Вучиќ, како невакциниран политичар од морбили. Падот на режимот на Груевски во Македонија може да биде многу „заразен“ ако српската јавност ја дознае вистината што се случува кај нас. Власта донесе неколку тешки одлуки за да го ослободи патот кон Европа, кон демократијата и побрзиот развој. Отстранети се пречките од Грција и од Бугарија со склучување договори за добрососедски односи кои содржат компромиси и отстапки, за кои Србија и Вучиќ не се подготвени да го направат со своите соседи. Ете, тука се причините зошто Македонија и нејзиниот компромисен потфат претставува опасност за Србија.
Втората голема причина е константа на Балканот која е воспоставена уште од ерата на Слободан Милошевиќ. Таа е општопозната доктрина во битките за власт и за долго владеење без контрола. Типично за авторитарни режими и вождови.

Многу едноставно, постојана медиумска харанга на сите комшии, кои заедно со меѓународната заедница биле во спрега со домашните непријатели и предавници скриени во опозиција и разните невладини соросоидни организации предводени од странски платеници. Односите на Србија со Хрватска, со Косово, со Босна, со Црна Гора, со Албанија, се според одамна утврдената формула: секогаш другите се виновни за сè. Многу потсетува на односите што Македонија ги имаше со години со своите соседи Грција, Бугарија, Албанија. Двајца храбри лидери во Македонија и Грција, премиерите Заев и Ципрас, покажаа дека ако се одреди заедничка цел прифатлива за двете страни може да се направат чуда. Ете тука се кријат некои од главните причини за пречувствителноста на српските власти и на Вучиќ за случувањата во Македонија и особено за разврската на кој начин Македонија стаса до ослободување на заробената држава, но со сè уште големи наследени и нерешени проблеми. Падот на диктаторите не го означува и падот на режимот. Пострежимскиот период обично трае многу подолго од режимот, особено ако опозицијата нема лидери кои можат да ги забрзаат историските процеси.
Карактеристично за сите овие нови диктатори и балкански популисти што секогаш имаат добри оправдувања, а никогаш немаат решенија. Тие се бескомпромисни борци за одржување на статус кво, за висок лет во место, неуспесите да ги претворат во големи успеси, секогаш загрижени за хигиената и здравјето на нацијата, за идентитетот. Кога е на повидок нивниот пад, тогаш се подготвени на големи отстапки само да си ја спасат кожата. Во такви моменти се подготвени да го дадат и тоа што никој од нив не го бара.
Има уште нешто многу значајно во односите меѓу Србија и Македонија. А тоа е што тие односи не можеа да ги расипат ни Милошевиќ ни Шешељ, кој со една велосипедска бригада ќе ја освојуваше Македонија. Ако тие не можеа да ги скараат првите комшии, народите на Србија и на Македонија, било поранешна југословенска, било Северна, тоа не ќе можат ни Вучиќи ни Дачиќи.