Водно не е само шума

Магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар и кракот кон Косово, по сѐ изгледа, дефинитивно ќе се „вдоми“ во парк-шумата Водно. Иако, засега, Владата не соопштува кое е конечното решение на работната група составена од претставници на МЕР, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и граѓанските организации, сите изјави што ги слушнавме деновиве одат во таа насока.

Владата во понеделникот најави дека наследената состојба со проектот се менаџира да нема промени и нарушувања на природата. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев многу подиректно рече дека менување на трасата би одзело неколку години, а веројатно и дополнителни финансиски средства за изготвување нова документација. Анѓушев дури даде и предлог како да се минимизира влијанието на еден ваков инфраструктурен проект од огромни размери, со засадување десетпати повеќе дрвја од бројот што би се уништил. Според него, изборот и на друга локација за гасовод не гарантира дека нема да бидат уништени некои други природни добра бидејќи секој инфраструктурен проект влијае на околината.

Проблемот со изборот на локацијата на Водно е што парк-шумата не е која било околина, во која треба внимателно да се гради. Водно е заштитено подрачје во кое воопшто не смее да се преземаат зафати, и тоа од неколку причини. Првенствено, затоа што планината се белите дробови на Скопје, еден од најзагадените градови во светот. Шампионската титула ја заслуживме со неконтролираната урбанизација, меѓу другото, токму и на подножјето на Водно, во која се напаѓаа сите зелени површини што им застанаа на патот на багерите. Се градеа згради, Сончев Град, а сега и гасовод во најава. Вистинска реткост во светот е да имате планина речиси во град, место со чист воздух, забранет сообраќај, каде што може да се пешачи, планинари, вози велосипед, па во најмала рака е несериозно и неодговорно да ја изгубиме.

Водно, како што сугерира и името, има и многу подземни водни текови, кои земјиштето го прават исклучително ерозивно. Заради тоа во минатото е и наменски пошумено. Секоја сеча на шума е опасност, а масовните зафати, како оваа за гасовод, без разлика на заложбите за засадување десет дрвја за едно исечено, ќе остават хектари површини како голини.

Секако, и поистоветувањето на шумата со животната средина е несоодветно. Гасоводот по сртот на Водно нема да уништи само дрвја, туку и други растенија, од кои има и ендемични, што постојат само тука, ќе го наруши живеалиштето на многу животни, птици, инсекти, некои ретки и заштитени заради исчезнување. Заштитниот појас околу гасоводната линија мора да биде широк до 25 метри, според препораките за безбедност и пристапност, па во него нема повторно садење било какви растенија. Тоа значи дека надоместувањето на десет за едно ќе треба да се направи некаде на друго место. Но, дали таму ќе ги пренесеме животните и птиците?

Економските мотиви за изградба на гасовод се неспорни, но и аргументите на еколошките граѓански организации се легитимни. За трасата на гасоводот проектантот предложил неколку локации, сите други се во делови кои не се заштитена зона. За решението гасоводот да поминува токму на Водно, а не на северниот дел од Скопје, јавноста дозна пред неколку месеци, кога багерите веќе се појавија на терен. Се огласија сите, но не и од Градот Скопје, директно надлежен за заштита на парк-шумата. Со изговор дека учествуваат во владината работна група и дека заедничкиот став ќе биде познат деновиве, избегнуваат да кажат што направиле за да си ја исполнат должноста. Во меѓувреме, сите ние сме ставени пред свршен чин, без образложение кој и како ги определи приоритетите за трасата, со образложение дека сега нема време за промени. Едно е јасно – ова ќе биде уште еден удар за Водно и прашање е дали по него ќе може да закрепне.

Сања Наумовска