Воведување праведен данок?

Здравко Савески

 

Додека мнозинството граѓани едвај врзуваат крај со крај, малцинството богати и ултрабогати не знаат на кој сè луксуз да ги фрлат парите. Тоа е Македонија денес. Повеќе од половината работници земаат плата под 15.000 денари. Многумина за таа плата црнчат, ‘рмбаат, работат прекувремено, во саботи, па и недели. А оние другите, оние што не си ги знаат парите? За нив 15.000 евра месечно е низок приход.

Последниот податок од УЈП кажува дека највисоката месечна плата во 2016 година изнесуваше 227.000 евра бруто или околу 204.000 евра нето. Оваа плата е неверојатни 1.040 пати поголема од минималната плата од 12.000 денари. Со други зборови, оној што зема минимална плата од 12.000 денари треба да работи 1.040 месеци или 87 години за да се земе една месечна плата на ова лице. А за да заработи две негови месечни плати – не може ниту теоретски толку да живее, а камоли да работи! Ова покажува колку се огромни класните разлики во Македонија.

Богатите стануваат сè побогати, сиромашните сè посиромашни. Во нашата немоќ, во нашата апатија, среде пропагандата со која нè трујат, инклинираме да веруваме дека тоа е некаков природен процес, а не последица на свесни владини политики. Намалување на даноците, дерегулација на економијата, поткопување на социјалните функции на државата, направете го тоа па ќе добиете чиста форма на капитализам и – пораст на класните разлики. Ваквите политики во Македонија досега најрадикално ги спроведуваше претходната власт, па нејзината „про-бизнис“ политика на намалување на даноците и воведување рамен данок доведе до тоа уделот во вкупниот доход на најбогатите еден отсто од населението за само четири години да се удвои од 6,3 отсто во 2006 на 12,2 отсто во 2010 година. Според Министерството за финансии, сега најдоходовните еден отсто заработуваат 14,4 проценти (една седмина) од вкупниот доход, што е највисоко ниво од сите европски земји за кои постојат податоци.

Сегашната власт покажува декларативна волја ова да го промени. Со една година задоцнување, во која им овозможија на богатите да продолжат да се збогатуваат според правилата воведени од претходната власт, конечно излегоа со законско решение за данок на доход за кое кажуваат дека е прогресивен и праведен данок. Со оглед на тоа што се воведуваат само две, а не повеќе даночни стапки, прашање е колку тој данок е соодветно да се нарекува прогресивен, а не двостепен данок. Но, без разлика како ќе го нарекуваме, суштинската дилема е колку ова законско решение е праведно? Дали тоа ќе овозможи подобрување на материјалната состојба на најсиромашните? Ќе го спречи ли трендот на концентрација на богатството во мал круг ултрабогати, ќе овозможи ли прераспределба на богатството во корист на сиромашните? Или сè ќе се сведе на мачкање очи?

Капиталистите, нивните стопански комори, медиумите кои ги контролираат, економистите кои ги штитат нивните интереси, изразија крајно негативен став кон новото законско решение. Безмалку како власта да воведува скандинавско оданочување. Се вадат на програмерите, ќе се иселеле од земјата. Тие што со давањето ниски плати принудија многу луѓе да се иселат, сега најдоа да предупредуваат на иселувањето! А законското решение е толку скромно што, на пример, предвидува оној што има бруто плата од 140.000 денари да зема само 289 денари месечно помалку од досега. Односно, наместо 92.733 денари како досега, да зема 92.444 денари. Има разлика во животниот стандард ако наместо 92.733 денари земате 92.444 денари плата? Тие 289 денари месечно ќе ве принудат да се иселите од државата? Цела низа причини има за иселување од оваа држава уништена од корупцијата и властољубието, но воведувањето данок на доход со вакви карактеристики нема да биде помеѓу тие причини.

Капиталистите и ултрабогатите веќе се навикнаа државата целосно да им служи. Па заборавија дека и новата власт (спротивно на она што го тврдеше пред изборите) им овозможи дополнително трупање богатство, привилегирајќи ги да продолжат да плаќаат придонеси од плата на мал дел од својата плата, за разлика од другите 99 отсто од граѓаните кои плаќаат придонеси на целиот износ од своите плати. Заборавија дека пред 2007 година плаќаа не 18 отсто, туку 24 отсто на доходите над одреден износ, дека до 2001 година плаќаа и 35 отсто. Забораваат, исто така, дека во ниту една друга земја во Европа, освен во „пропулзивните економии“ Косово, БиХ, Бугарија и Романија, не можат да плаќаат толку низок данок на доход од 10 отсто за доходите над одреден износ. Малку им е богатството што го трупаат? Ако наместо 50.000 евра, месечно примаат 47.000 евра, на пример, дали тоа ќе предизвика и најмала промена во нивниот животен стандард? Или, сè се сведуваа на онаа изреката: човековото око е ненаситно? Кога можеш да трупаш богатство, трупај и нека ти е гајле што другите се дават во сиромаштија?!

Очекувана е реакцијата на капиталистите и нивните мегафони. Нивните класни интереси налагаат да се спротивстават на враќањето на прогресивниот данок, дури и во неговата крајно ублажена форма. Изненадува тоа што во одбрана на рамниот данок излегоа и луѓе кои работат за бедни пари и кои, за жал, никогаш нема да земаат плата над 90.000 денари. Па испадна, во ситуација кога солидарноста на ниво на општество ни е на исклучително ниско ниво, кога секој си го гледа личниот интерес, сиромашните да се секираат што добростоечките и ултрабогатите ќе уплаќаат дополнителни средства во буџетот.

На што се должи овој парадокс? Првата причина е длабоко вкоренетиот отпор кон воведувањето повисоки даноци, без разлика за каков данок станува збор. Втората причина (која е на место) е убеденоста дека власта ги злоупотребува буџетските средства со кои располага. Третата причина е партизираното спротивставување на сè што одредена политичка партија прави кога е на власт, кога се има негативен став кон таа партија. Оценување на владините политики од гледна точка на класниот интерес? Да, капиталистите тоа постојано го прават, но работниците во Македонија – ретко. И после се чудиме зошто толку лесно нè лажат, зошто толку успешно се извлекуваат преку фрлање трошки?

Сегашното законско решение околу данокот на доход треба да се критикува, но не од позиција на одбрана на рамниот данок. Позицијата од која треба да се критикува е дека ова законско решение е фрлање прашина во очите и дека парите кои дополнително ќе се обезбедат нема суштински да ја променат материјалната состојба на најсиромашните граѓани. Ова законско решение не се воведува за да се намали сиромаштијата, туку за да ги штити богатите. Ќе ги штити богатите, зашто власта во иднина ќе труби дека вовела праведен данок, дека богатите повеќе плаќале, а тие во меѓувреме ќе продолжат да го концентрираат општественото богатство во свои раце. Кочо Анѓушев е подалекувид од останатите капиталисти во Македонија кога ги гледа придобивките за својата класа од ваквото законско решение!

Дали најсиромашните ќе имаат корист од оваа даночна реформа? Ако се има предвид дека паралелно со оваа реформа, власта донесе законски измени со кои ќе удри по најсиромашните, спречувајќи ги пензионерите, социјалците, стечајците и хонорарците преку продавање на пазар да врзат крај со крај, тогаш станува јасно дека мотивацијата на власта не е подобрување на материјалната состојба на најсиромашните, туку прибирање дополнителни средства во буџетот. Со тие дополнителни средства, да, веројатно и оваа влада, како и претходната, ќе му фрла трошки на народот. Не за да му ја подобри материјалната положба, туку за сопствено рекламирање. Во тој контекст, замената на рамниот данок со двостепен данок нема ниту претензија ниту пак ќе го спречи трупањето на општественото богатство кај најбогатите и нема да овозможи негова прераспределба во корист на сиромашните. Следствено, двостепениот данок на имот на СДСМ воопшто не може да претендира да биде праведен данок.