ВМРО упорно го лаже сопствениот народ

Роберт Несими

Редица меѓународни анкети што ја мерат среќата на народите конзистентно покажуваат дека Македонците се најнезадоволен и најпесимистички народ во Европа. И тоа не може да е резултат на тешките економски и социјални услови бидејќи и посиромашни држави, како Косово, се пооптимистички настроени. Поверојатно е дека се работи за класичен пример на несовпаѓање меѓу перцепцијата и реалноста, а голем удел во тоа има погрешната претстава за улогата на Албанците во државата, односно перцепцијата за нив како гости во неа. Албанците во континуитет погрешно се потценуваат, демонизираат и се претставуваат како закана, а потоа секое унапредување на нивните права и нивната улога во државата се дочекува со сосема ирационален гнев и разочарување. А, во овој однос нема партија која ја злоупотребува ова тема како што тоа го правеше и го прави ВМРО. Таа прво лаже и создава крива слика за Албанците за потоа политички да ги експлоатира и манипулира гневот и разочарувањата од очекувањата создадени од неа.

  1. Влада без Албанци. Првата голема теза на ВМРО по осамостојувањето беше онаа за влада без Албанци. ВМРО ја повтори ова теза и по изборите во 2008 и 2014 година, но без некоја поголема сериозност. Според неа, Македонците како мнозински народ немаат потреба да ја почитуваат волјата на другите граѓани и слободно може да занемарат 35 отсто немакедонско население, пред сѐ Албанците. Теоретски тоа навистина е можно, но ВМРО никогаш не објасни кои може да бидат последиците од овој чекор и како државата може да функционира со вакво занемарување на минимум 35 отсто од населението. Ваква грешка не правеше ниту Македонија од југословенското време, а за среќа тоа практично падна веднаш во вода во 1990 година. И самата свесна дека тоа би била фатална грешка и дека се празни зборови за политички цели, овој чекор не го правеше ниту ВМРО кога доаѓаше на власт. Но, самото пласирање на ваквата теза направи доволно штета кај еден дел од македонското население, кое сѐ уште не може да се помири со фактот што во владата секогаш ќе има Албанци.
  2. Тетовски универзитет. По распадот на Југославија, на Албанците од Македонија им се затвори единствената врата за високо образование на нивниот мајчин јазик, а тоа беше Универзитетот во Приштина. Затоа отворање на универзитет на албански јазик стана ургентна потреба, каде што Албанците во најмала рака требаше да тренираат наставници за образование на нивните идни генерации. Тетовскиот универзитет беше создаден токму од оваа потреба.

За жал, ваквата нужност не ја сфати ниту СДСМ, чија влада интервенираше насилно при првите часови на настава. Таа потоа погрешно се обиде да го амортизира проблемот со Педагошкиот факултет на албански во 1997 година, но потоа комплетно го смени ставот по 2002 година. ВМРО се позиционираше многу поостро. Таа максимално го експлоатираше отворањето на Педагошкиот факултет организирајќи масовни антиалбански протести против него. Таа исто така го политизираше и го злоупотреби до максимум формалното легализирање на Тетовскиот универзитет во 2004 година. Иако на власт се однесуваше мошне поумерено, нејзините ставови против образование на албански јазик оставија длабоки траги кај македонското население. Образованието на албански продолжува да се гледа како „попуштање“ кон Албанците и „пораз“ за Македонците. Во меѓувреме, главните експоненти на ВМРО, како Милошоски, Ѓорчев, Петровски и други направија богати политички кариери токму со учеството во тие антиалбански протести во 1997 година.

  1. Територијалната реорганизација. Нова територијална поделба на општините во Македонија се направи во 2004 година. Реално, тоа не беше нешто ново бидејќи општините главно се вратија во нивните неколкудецениски граници и фактички се поништи поделбата од 1996 година. Всушност до 1996 година Кичево беше во денешните граници, исто како Струга со исклучок на Вевчани, чии жители сами не сакаа да се припојат повторно со Струга. До 1996 во рамките на Скопје беше и Општина Арачиново, а Липково беше дел од Куманово.

Ако некој беше оштетен со поделбата од 2004 година, тоа беа Албанците. Скопје и Куманово останаа со помалку Албанци, а еден краток поглед на мапата на границата меѓу Теарце и Јегуновце е доволен да се види какви смешни маневри се направени само со цел во Полошко да има една општина со мнозинско македонско население. Седиштето на Општина Брвеница се смести во селото со македонско мнозинство Брвеница, иако далеку поголемо село во таа општина е Челопек.

Сепак, ВМРО продолжува да ја третира територијалната поделба како предавство за Македонците. Таа продолжува да гледа на Кичево и на Струга како жртви на „отстапки“ кон Албанците, иако се во истите историски граници. Тоа е друг пример на искривување на реалноста и капитализација на лажен националистички гнев за политички цели, само поради тоа што градоначалниците на Кичево и на Струга се Албанци.

  1. Закон за јазици. Службената употреба на албанскиот јазик е политичко барање на Албанците веќе 30 години. Оваа употреба беше дел од мировните преговори и Охридскиот договор, дури беше еден од главните услови за завршување на конфликтот од 2001 година. Таа требаше да се реализира најдоцна до 2006 година. Неспособна да ја реализира веднаш и навреме, ДУИ прифати официјализацијата да се направи „на рати“, до моментот кога со појавувањето на новите субјекти Алијансата и Беса и нивното инсистирање се донесе сегашниот закон. Во суштина, ВМРО сега не прифаќа „исплаќање“ на претпоследната рата (последната е именување на албанскиот јазик со неговото име), за нешто што требаше да се направи пред 10-15 години.

Со спротивставувањето на денешниот Закон за јазиците, ВМРО повторно го лаже сопствениот народ. Партијата го игнорира фактот дека тоа е договорено од 2001 година и беше еден од условите за завршување на конфликтот. И повторно создава гнев и манипулира со него за дневнополитички цели.

  1. Попис. Од дете се сеќавам како во вестите константно се алармираше дека со ваков наталитет Албанците ќе станат мнозинство за 20 години. Иако искажувано претерано алармантно и со политичка заднина, вистина е дека демографските трендови кај Албанците во континуитет беа поповолни од македонските. Како резултат процентот на Албанци во земјата константно растеше, достигнувајќи 25 отсто во 2002 година, а се смета некаде меѓу 27 отсто и 30 отсто денес. Математички ова е лесно проверливо ако се анализираат трендовите од неколку декади наназад.

Но, ВМРО продолжува да инсистира дека Албанците не се ниту 20 отсто, а веројатно е дека го прекина последниот попис за да го скрие вистинскиот број на Македонци и Албанци во земјата. Според оваа идиотска теза од времето на Ранковиќ, постои заговор за фиктивно прикажување на поголем број Албанци во Македонија! Значи Заводот за статистика на Југославија, а потоа и на Македонија, половина век ги манипулирале сите демографски параметри, со цел да ги прикажат Албанците над 20 отсто и со тоа да ги квалификуваат за службена употреба на јазикот во 2017 година!

Ваквата теза е до таа мера моронска што тешко веруваат во неа и самите експоненти на ВМРО. Но, лошото е што тоа го голтаат значаен број Македонци, дури и надвор од ВМРО. Така, кај ова население се создава друго лажно очекување кое ќе заврши со нова рунда гнев и разочарување по идниот попис. Кој ВМРО секако ќе го користи за политички цели.

На крај треба да се каже дека ВМРО се однесува различно кога е на власт и различно во опозиција. Но штетните последици од создавањето лажна реалност кога е во опозиција остават долготрајни негативни ефекти во народот. Затоа ВМРО треба да ги напушти ваквите политички тактики што е можно поскоро, зашто само така ќе му направи услуга на македонскиот народ, а додуша и себеси како партија, бидејќи кога-тогаш пак ќе треба да владее заедно со Албанци.