ВМРО треба да одглуми добредојде за Столтенберг

Слободанка Јовановска

Во четврток генералниот секретар на НАТО за првпат ќе дојде во Македонија и ќе се обрати пред македонскиот парламент. Тоа што може да го најде е полупразна сала и отсуство на главната опозициска партија, состојба што не може да се протолкува поинаку туку како доказ дека Македонија се уште е нефункционална држава и дека на втората најмоќна политичка сила во земјата баш и е гајле за членството во Алијансата. Тоа и немаше да изненади којзнае колку да не се приказните од божем реформираната ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја преиспита својата политика и ќе го корегира тоа што ги сврте граѓаните против неа на последните избори во земјата. Дури и да не сака ВМРО-ДПМНЕ Македонија да стане членка на алијансата, од обзир кон огромниот процент на граѓани што го сакаат тоа и од чиста политичка логика треба да одглуми убаво добредојде на Столтенберг. Ако опстои на бојкотот ќе докаже дека е партија со фабричка грешка, бидејќи верува дека е патриотска а околу сите клучни одлуки за земјата или се сокрива, или бојкотира или опструира.
Факт е дека во сите мандати на овој парламент досега имаше бојкоти на една или друга партија. Факт е исто така дека пред сите битни одлуки за Македонија се случуваа политички инциденти или опструкции кои од нашата евроинтеграција направија дведецениска голгота. Сега кога во Европа се решава стартешката иднина на земјите од европската опашка, заостанувањето на Македонија и од оваа фаза ќе значи дека нема веќе да биде и на опашката, дека нема каде да оди и ќе стане специјален случај. Затоа, бојкотирањето на посетата на генералниот секретар па и бојкотот на парламентот генерално, е луксуз што може да си го дозволи само непатриотска, недржавничка, неодговорна, размазена, себична и политички слепа партија, ако воопшто е партија а не профитерско друштво. И на новиот државен врв во ВМРО, колку и да е нов и неискусен во водењето на политиката, сигурно му е јасно дека она што се случува сега во парламентот не е држава, дека реформите немаат гаранција, дека алијансата не е хуманитарна организација што ќе прима земји само затоа што сакаат да бидат во неа и дека тоа што го прави како опозиција е класична опструкција која оди против интересите на нацијата – и тоа не е проблем на НАТО, туку на Македонија.
Иако новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ зад себе има стаж што се брои со денови, всушност веќе испрати некои пораки што ќе ја дефинираат неговата натамошна улога и иднина. Првата порака беше дека и натаму останува недемократска партија, бидејќи на таков начин беше направен изборот на првиот човек на партијата. Втората е дека заложбите за внатрешна реформа се само фасада и гола вода, бидејќи во Извршниот комитет се избраа нови кадри, но силно протежирани од старата гарнитура. Третата порака ја чека цела Македонија, а таа е ќе има ли промена во деструктивната политика што досега ја водеше оваа партија кон сопствената држава, или ВМРО ќе ја пропушти и оваа шанса да го поправи впечатокот? Доста е да потсетиме дека за време на првото владеење таа успеја да ја доведе Македонија до меѓунационална војна, а за време на второто десетгодишно владеење со национализмот ни ја уништи евроинтеграцијата, а со прислушкувањето, корупцијата и девалвирањето на судскиот систем речиси ја растури Македонија како држава. И место да се преиспита, да си ги утврди грешките и да се запраша која е нејзината улога, во моментов и кога и да е ,спроведува патетичен бојкот барајќи тие што уриваа и тепаа во нејзин интерес да се прогласат за неказниви и имуни на судење, бидејќи во спротивно Македонија ќе ја плати цената. Амнестијата што ја бара ВМРО за притворените околу 27 април за да го прекине бојкотот на парламентот е само политичка легитимација за неа во светот – дека и натаму не е зрела за улогата што ја има и за поддршката што ја добива од граѓаните на Македонија. Дека вака како што тргнала, ќе се самоизбрише од македонската иднина, но за жал истото ќе го направи и со нашата.