ВМРО-ДПМНЕ не е среќна партија

Љупчо Поповски

Иронијата на судбината често знае да биде груба, некогаш дури и отровна. Оваа среда беше еден од оние денови кога некои политичари веројатно самите себеси си поставуваа непријатни прашања, што им се случува и што допрва ќе им се случува. Јавноста под притисокот на настаните помалку се занимаваше со нивните судбини, а повеќе со случувањата што може да ја обликуваат иднината.

Поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, влезе во Кривичниот суд во Скопје како обвинет во случајот со уривањето на „Космос“, при што тој и другите на обвинителната клупа се обидоа да спречат да бидат снимани од камерите, но судијата го отфрли нивното барање. Се разбира, тоа беше настан од политичко значење. Но, во основа, тоа беше претпладневен прелудиум за она што нестрпливо го очекуваше целата јавност – средбата на македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во Давос. И нивната потрага по можен компромис за името. Откако се врати дома, Груевски можеше да гледа како се демонтира едно од неговите најконтроверзни наследства – имињата на аеродромот во Скопје и автопатот кон Грција.

Ова на брутален начин отсликува како се менуваат приоритетите во Македонија. Судењата за случаите на масовната злоупотреба на моќта од страна на претходната власт се важна работа, која треба да помогне да се врати демократската кондиција на општеството, но во одреден момент има и поважни работи – како решението на проблемот со името. Овие настани на свој начин не ја отсликаа во еден ден само судбината на еден поранешен премиер, еден поранешен министер и еден поранешен градоначалник, туку се и огледало на ситуацијата во која се наоѓа нивната партија ВМРО-ДПМНЕ. Таа денес се наоѓа пред речиси нерешлива дилема – да се врати на сцената како вистински актер во македонската политика или да остане во илегала обидувајќи се повеќе со молчење и мирување да ја прележи големата криза. Таа денес не е среќна партија – поминаа нејзините денови на слогата која се крепеше со моќта, парите и владеењето. На некои во партијата денес дури им изгледа како никогаш и да ги немало.

Во ова несреќно време за ВМРО-ДПМНЕ новото раководство се обидува да процени што е поголем ризик: да продолжи со општиот бојкот, трудејќи се да им даде политичка заштита на притворените пратеници и другите лица за настаните од 27 април и со тоа да продолжи да се маргинализира во општеството, или да се извини за грешките и да се дистанцира од оние што се обидоа да направат пуч во Собранието и ја доведоа Македонија до самиот раб. Ова не е хамлетовска дилема, туку повеќе обид да се одреди цената на чинењето на едниот или на другиот потег. Доколку ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, притворените пратеници и оние во широката мрежа, вклучени во подготвувањето на крвавиот упад, ќе се чувствуваат измамени, изиграни и злоупотребени. А, кога некој ќе се почувствува измамен и злоупотребен, може да зачекори на патот кога се отвора душата и да каже работи што досега ги молчел за 27 април. Доколку не се врати во собраниските клупи во овие важни времиња за Македонија, партијата ризикува да се гетоизира наместо да ја шири својата стеснета база на поддржувачи.

Оваа конфузија од висок ризик најдобро се виде за време на посетата на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Пред пратениците во Собранието тој го рече ова: „Пред девет месеца се приближивте кон работ на една карпа. Настаните во оваа зграда и оваа сала ме шокираа и претставуваа шок за сите членки на НАТО. Сепак, бевме импресионирани од тоа што го видовме понатаму, од напредокот што го направивте“. Половина час подоцна, на средбата со Столтенберг, вмровското раководство се направи како да не ги слушна оценките за шокот, па му зборуваше на генералниот секретар за „политичкиот прогон“ што се вршел врз опозицијата. Влатко Ѓорчев соопшти што му рекле на Столтенберг: „Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат – во Македонија нема слобода туку режим, па затоа апелираме да заврши политичкиот прогон за да се создадат услови за враќање на опозицијата во Собранието“.

Во средата партијата направи еден чекор со добро алиби – ќе се врати во Собранието кога повторно ќе се гласа за Законот за јазиците и со амандмани ќе се обиде да го спречи неговото донесување. Дали привремено завршил политичкиот прогон на нејзините членови? Или се подотворила вратата за слободата во Македонија? Или во вмровскиот врв сфатија дека на нивните зборови сѐ помалку луѓе им веруваат овде, а речиси никој надвор. Прашањето е дали овој речиси изнуден потег по ветото на претседателот на државата ќе биде само еднократно враќање. Или тоа е одлука за враќање во нормалноста. И дали поради тоа некои во притворските ќелии нема бесно да удираат со тупаница по вратите.
Новото раководство се обидува со внимателно отворање да каже дека нема поделби и дека има концепт. На новиот лидер, Христијан Мицкоски, кој од поголемиот дел од членството е перципиран како наметнато решение од „оние горе“, ќе му треба многу повеќе политичка умешност за да се претстави како вистински капетан на вмровскиот брод. Обидувајќи се биде коректен заштитник на Груевски, тој во интервју за весникот „Независен“ изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ја затекнал во релативно добра кондиција, но со многу актуелни политички предизвици, па со еден бирократско-професорски речник со одредена доза на нарцисоидност ќе ја објасни својата улога: „Низ процесот на мојот кариерен развој, како професор на факултет и вклучително сега низ политичките води, природно е да се добие комплетен карактер каде што со својот авторитет и капацитет на носење одлуки носам решенија кои се базираат на моја проценка на работите и низ консултација со мојот тим“. Мицкоски не разбрал дека врвот на политичката партија не е „мојот тим“ бидејќи тој не е ЦЕО на некоја голема компанија, туку дека тоа е поинаков организам. Ваквите изјави само им даваат уште еден поттекст на внатрешните критичари дека партијата и натаму ќе се раководи како акционерско друштво во интерес на оние што преку големите слики на ѕидовите ги набљудуваат новите раководители во претенциозната палата.
Еден од потпретседателите, Александар Николоски, се обидува да направи чекор подалеку. Порано беше еден од најверните апологети на Никола Груевски (особено за време на неговиот неуспешен избор за амбасадор во ЕУ), а сега зборува малку поинаку: „ВМРО-ДПМНЕ во последниве неколку години имаше два типа грешки – политички и организациски. Во однос на политичките мислам дека требаше да изнајдеме подобри одговори на кризата последниве години. Организациски ВМРО-ДПМНЕ долго имаше најмоќна партиска структура, но таа се амортизираше и не се менуваше доволно често за да е витална цело време… Ние речиси три години препознававме дека на партијата ѝ треба нов концепт и редифинирање на политичкото позиционирање, но, за жал, често менувавме ставови и правци“, изјави Николоски во интервју за порталот „Прес24“. Тоа ли е таа „реалтивно добра кондиција“, како што оценува лидерот Мицкоски, за што имаше придонес и самиот тој како генерален секретар. Или партискиот офицер за европски врски, Александар Николоски, работите почнал да ги гледа поинаку.

Едно преструктурирање во десницата може дополнително да ѝ одземе гласови на ВМРО-ДПМНЕ. Народното движење на Македонија на Јанко Бачев се обидува да го заземе просторот на националистичката десница, која по инерција секогаш се приклонуваше кон ВМРО-ДПМНЕ. Сега таа партија се преименува во Единствена Македонија и најави братски односи со Русија. Не само во ставовите кон НАТО и ЕУ, туку и во партиските симболи таа изгледа како директна партиска испостава на Кремљ. Амблемот на партијата е ист како на Путиновата Единствена Русија, разлика има само во знамето и лавот место мечката. Некој ќе рече дека оваа партија е неважна, дека е на маргините на политиката во Македонија (сепак, таа освои околу 20 илјади гласа на локалните избори), но не е сосем така. Нејзино јадро се голем број од оние луѓе што протестираа на улиците со „За заедничка Македонија“, а тие сега официјално бараат Македонија да се откаже од членството во НАТО и во ЕУ и да ѝ се приклучи на Евроазиската економска унија на чело со Русија. „НАТО сака да го искористи македонскиот народ како топовско месо во новата светска војна“, вели заменик-претседателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов.

Навистина, тоа изгледа како политички авантуризам, но овие самонаречени „тврдокорни“ го таргетираат најдесниот дел од десничарскиот камп на ВМРО-ДПМНЕ. Мора да се каже дека не е занемарлив бројот на оние што мислат исто како нив за ЕУ и НАТО. Тоа дополнително ќе ја подјаде избирачката база на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, како да е времето на Политбирото на Комунистичката партија, партијата испраќа соопштение во кое вели: „Извршниот комитет на ВМРО-ДПНЕ констатираше дека државата се води во погрешна насока“. Извршниот комитет констатирал, па сега сите државни институции треба да се раководат во нивната работа според таа констатацијата. Се до месните заедници.

Со оваа конфузна претенциозна политика на ни риба ни девојка, ВМРО-ДПМНЕ наместо да направи пресврт ризикува да потоне во безначајност. Нејзините донеодамнешни гласачи го забележуваат тоа, прашање е дали тоа можат да го видат луѓето што седат во огромните одаи во белата зграда.