Владеење на правото и кривото

Ерол Ризаов

Откако сум во оваа професија, цели 43 години, без оглед на општествено-политичкиот систем, дали бил еднопартиски, повеќепартиски, парламентарен, авторитарен или режим, едноумие или безумие, најголемите надежи за подобро утре секогаш бил со зборот слобода, нешто подоцна заменет со демократија, потоа следуваа зборовите правна држава, а сега хит е владеење на правото. Кажано најпросто, сè уште сонуваме со отворени очи и проповедаме со децении за земја на слободни и среќни луѓе, каде што законите важат еднакво за сите. Досега, да бидеме искрени, крајниот резултат не е нула, ама е утопија. Отсега натаму, пак нови надежи.

Или, со други зборови, и натаму упорно пишуваме една те иста приказна со иста порака: тие што ги почитуваат законите да не стравуваат од ништо, да мислат, зборуваат и пишуваат слободно, а тие што ги кршат законите, кога ќе бидат откриени, ќе се соочат со правдата и ќе нема недопирливи. Оваа болка од жалниот учинок на нашата работа ја имаа и постарите колеги кои веруваа во моќта на пишаниот збор и притисокот на јавноста за поголема правда, или како тогаш се викало, бараа да се почитува волјата на народот. На заминување ме подучуваа – штом слушнеш некој надежен политичар да се повикува на народот веднаш да знаеш дека лаже. Денес истото го кажувам на помладите колеги кога ќе слушнат дека некој им ветува на граѓаните, ако биде избран, дека ќе воведе владеење на правото, веднаш да знаат дека лаже. Не затоа што не е искрен во своите намери, иако повеќето свесно лажат толку уверливо што по извесно време и самите веруваат во сопствените лаги. Велам да не веруваат, затоа што владеење на правото станува невозможно, дури и сега кога многумина бевме убедени дека работите тргнаа во правилна насока и се создадоа изгледни шанси навистина да завладее правото и да профункционира парламентарната демократија, како што налага науката и искуствата на западниот свет. Велат, не е идеално, ама не е измислен подобар модел.

Што се случи. Кумановци би рекле – усра се куче у зељаник. Тамам се ослободи заробената држава, падна режимот, паднаа и првите судски пресуди во процесите на Специјалното обвинителство, историски настани кои внесоа уплав кај корумпираните властодршци кои со години држеа под строг надзор илјадници граѓани и јавни личности, стасаа аболициите и помилувањата, па потоа помирувањата и амнестиите. Прв почна претседателот на државата со попречување на правдата и го отфикари владеењето на правото уште непочнато. Стаса една аболиција од резиденцијата на Водно од претседателот и неговите правни советници, вистинска турли-тава, зајре на тивок оган од виновни и од невини и од сведоци… Права папазјанија. Потоа, истите советници, заедно со претседателот, обзнанија пишман-аболиција и повлекување на ферманот кој забранува судска разврска за најмасовното кршење на човековите права и слободи откако е основана парламентарната држава, Федерална Република Македонија пред цели 75 години. Првите виновници и клучни сведоци за прислушувањето, кои ги уништија доказите и опремата за прислушување прилично спокојно си заминаа за Грција, каде чекаат во татковината да завладее правото, па да се вратат како невини политички противници кои морале да заминат во прогонство за да си ги спасат животите. По нив си замина во Будимпешта и креаторот и идеологот на груевизмот, Никола Груевски. Тој секој ден од Будимпешта, како прогонет азилант од диктатура, ни праќа абери да не се грижиме за него – штом профункционира владеење на правото во државата, тој брзо ќе се врати на бел коњ во Скопје.

И тамам помисливме дека насуканиот брод се ослободи подигнат од надојдената плима и тоа без големи оштетувања, кога некој одлучил да не го пали светилникот оти не знаел дека надвор се стемнило. Доцна стигнала веста до претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека треба да се запали сијалицата. Веќе било полноќ. Овој пат судирот на „Титаник“ со подводна карпа во сопствениот двор заврши со големи оштетувања. Бродот се полни со вода од повеќе дупки и ако не се закрпи брзо ќе потоне. Во право е претседателот на парламентот кога кратко, јасно и глупаво образложи зошто ова се случи. Вели, доцна стигнала веста да го запали светлото, затоа и немало потреба да се гласа оти бродот заринкал многу порано. Башка некој од пратениците, ем коалициски партнер ем Албанец, нешто му дофрлил што не му се допаѓа, бидејќи иста е процедурата за притискање на копчето и кога се гласа за одземање на имунитет на поранешен претседател и актуелен пратеник и избор на нов претседател на Собранието. Џафери тоа најдобро го знае.

Ваква презентација на владеење на правото не може да обезбеди ни Гордана Силјановска-Давкова која од сабајле до пладне е научник и не попушта за жива глава нарушување ни на домашното ни на меѓународното право. А, попладне е претседателски кандидат кој е подготвен да ја прифати реалноста и на крај памет не ѝ е да чепка во веќе завршени работи, како промената на името и веќе стекнатите права. Така и ќе работи секој ден од утро до доцна во ноќта ако ја изберат за претседател. Сабајле ќе пишува предлози за владеење на правото и подобрување на Охридскиот договор, на Законот за јазиците и за подобрување на Преспанскиот договор, а попладне во претседателската палата на Водно кога ќе прима и испраќа светски државници, како прозападно ориентиран и прагматичен политичар, ќе ги прифати сите веќе склучени договори и закони.

Тоа е реалноста на кутра Северна Македонија, да се биде непартиски кандидат на политичка партија чиј комплетен врв на поранешни највисоки функционери е на обвинителна клупа. Полошо од тоа е што наследниците на функциите, новото партиско раководство со ниту еден збор не се оградува од злоделата на своите претходници. На нивниот кандидат, кој веќе го прогласија за претседател на државата како мајка на нацијата, иако уште не е почната предизборната кампања, главниот изборен адут ќе му биде владеење на правото, ама и на кривото. Претпладне едното, попладне другото.