Виножито

Лејла Сабит

Во Скопје, по сонце, доаѓа дожд, и по дожд, сонце.

Како сестра и брат што многу се сакаат, а не сакаат да се видат.

Од топло ладно, од ладно топло, во април беше лето, а во јуни е есен.

Одморот од уживање стана хорор, краткото долго, тенкото дебело, а голото покриено.

(Не)времето ни ги расипува плановите, муабетите, гардеробата и расположението, кафето го пиеме внатре, а чадорот стана задолжителен моден додаток.

Во природата, како и во животот нема правила.

Понекогаш сте среќни, понекогаш несреќни, понекогаш сакате, понекогаш мразите, понекогаш сте еуфорични, понекогаш молчите, понекогаш сте храбри, понекогаш кукавица, еднаш крал, друг пат просјак.

Рајот преку ноќ се претвoра во пекол, слободата во затвор, профитот во банкрот, а луксузот во беда.

Затоа не е битно кој сте, што сте и од каде сте, туку што човек сте и што карактер имате.

Дали сте ангел, ѓавол или патник кој ги осознал сите овоземски мудрости и не ги повторува истите грешки.

Тенка е линијата меѓу добивката и загубата, доброто и лошото, сакањето и омразата, убавото и грдото, што е за, а што контра, што е напред, а што е назад, што е успех, а што неуспех.

Во Македонија често се мешаат баби и жаби од незнаење, ќеф или од инает.

Затоа чекаме пак сонце да нѐ огрее. Кога е сонце, а врне дожд, старите велат мечка се жени. Потоа на хоризонтот се појавува виножито. Во тој момент животот престанува да биде црно-бел. И така не го прават крајности, туку нијанси.

Обој нѐ!