Буџетот и корупцијата: поголем за поголема!

Ило Трајковски

Што е многу, многу е! Само набројувањето на најновите скандализирачки политички настани предизвикува немир и ги распламтува чувствата на несигурност и недоверба кај граѓаните. Исфорсирано менување на Уставот и покрај неуспешен референдум, фабрикција на двотретинско парламентарно мнозинство, бегство од законот на поранешниот премиер Никола Груевски, притворање на тројца негови најблиски соработници и еден од најголемите бизнисмени поврзан со нив. И! Згора на сето тоа нов буџет, поголем од ланскиот.

Поревносните апологети на власта ќе кажат дека донесувањето на буџетот нема никаква врска со претходните настани? Просто се работи, би рекле тие, за случајно временско совпаѓање. И навистина. Секоја година, во ова време, тече постапката за донесување на државниот буџет. За разлика од тоа, не секоја година ова време се менува Устав, се фабрикуваат парламентарни мнозинства, си бегаат премиери, се притвораат поранешни министри и бизнисмени. Ова е прва сезона на донесување државен буџет паралелно со толку многу на број и толку многу емоционално и правно силно „инспиративни“, политички настани. Но, точно е и тоа дека и порано сме го менувале уставот под принуда, дека и порано се „купувале“ пратеници заради обезбедување владини проекти, а точно е и дека и порано бивши премиери останувале неказнети.

Сето тоа е точно како што е точна тезата содржана во насловот на оваа моја јавна размисла која апологетите ќе ја пречекаат како уште една потврда на нивното предупредување дека нема независни туку само нивни и на нивните партиски непријатели. А насловот тврди дека зголемувањето на овогодишниот државен буџет е терен за уште поголема политичка корупција.

Тоа е само логички изведен заклучок заснован на споредбата на три статистички серии на податоци за нашата земја за периодот од 2006 до 2017/18 година. Првата е временската серија од државни буџети, втората е временската серија на ранговите на перципираната корупција и третата временската серија на индексот на демократија кај нас. Првата серија се составува со увид во податоците кои редовно ги објавува Државниот завод за статистика, но и Министерството за финансии. Втората серија со увид во годишните извештаи на „Транспаренси интернешенел“ (Transparency International) и третата годишните извештаи на „Економист“ (The Economist). Анализата на движењата на овие три серии покажува дека со порастот на големината на државниот буџет на Република Македонија расте индексот на перципираната корупција, a опаѓа индексот за демократичноста на државата. Тоа значи дека колку повеќе пари имаат на располагање, нашите политичари се толку покорумпирни и, во функција на тоа, се толку помалку демократични. На страната на граѓаните таа корелација значи дека колку повеќе пари одвојуваат за државниот буџет толку помалку добиваат назад во форма на јавни услуги и толку помалку се слуша нивниот глас.

За потврда на реченото ќе укажам на следниве три факти. Во 2007 година е потрошен државен буџет од 2,3 милијарди евра, кој беше за 63 отсто поголем од буџетот за 2005 година. Паралелно со ова, во 2007 година „Транспаренси интернешенел“, според индексот на перципираната корупција, ја регистрира Република Македонија на 84. место (од вкупно 179 земји во светот), а британскиот „Економист“, според индексот на демократичноста, ја регистрира Македонија на пристојното 68. место (од вкупно 167). Од овие релативно поволни рангирања на земјата во 2007 година после десет години, во 2017 година паѓаме. Според индексот на перципирана корупција паѓаме на 107. место (во друштво на Виетнам), а според индексот на демократичноста на 88. место (во друштво на Боливија). Во првиот случај пад за 23, а во вториот за 20 места пониско. Значи, толку места подалеку од секогаш првите Норвешка, Данска или Нов Зеланд, на пример, а толку места поблиску до последните земји на листата како, на пример, Сомалија и Северна Кореја. Зачудувачкото е тоа што во истата година (2017) е потрошен државен буџет кој е за 59 отсто поголем од потрошениот во 2007 година! Значи, поголем буџет поголема корупција и помала демократичност на власта!

Ако држи вода оваа логика, тогаш новиот буџет за 2019 година, кој според предлогот на Владата е значително поголем од тој од годинава што изминува (2018) може да се чита како терен за натамошен пораст на корупцијата и пад на демократијата. Во прилог на тоа одат повеќе индикатори. Покрај со многубројни корупциски афери, новиот зголемен буџет го дочекуваме без комисија за антикорупција, мандатот на Државната изборна комисија, првично избрана како привремена, е продолжен за две години, реформите за јакнење на независноста на судството и обвинителството го чекаат остварувањето на приоритетите на Владата. Во таков контекст, логично е да се претпостави дека без комисија за антикорупција, без независно судство и без независно обвинителство поголемиот буџет можеби ќе донесе пет отсто поголеми плати, овде и онде, но сигурно ќе донесе поголема корупција и помала демократија, насекаде.

За да не се случи тоа, нужно е зголемената торта да се чува подобро. Да се издигнат и осамостојат уставно и законски зацртаните институции кои ќе гарантираат транспарентност, отчетности и одговорност, со еден збор владеење на законот подеднакво за сите. За таа цел јакнењето на независноста (финансиска и политичка) на судството и обвинителството треба да стане прв приоритет. Тоа е она што ни ја отвора портата кон ЕУ. Во врска со овој предизвик, нема да чекаме долго. Наскоро, можеби уште утре, ќе се осведочиме за третманот на оваа власт на судството и обвинителството. Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители треба да избере директор. Составот на управниот одбор е стокмен неодамна. Само чудо може да ги измести партиските местенки од зацртаната траекторија. Но, чуда се случуваат случајно. Овде веќе ништо не се остава на случајот. Како автор со чувство на одговорност кон објективноста ќе се повлечам од јавниот говор ако ова согледување се покаже како неточно. На евентуалната погрешна проценка, пак, ќе ѝ се радувам повеќе отколку на потврдата на предвидувањето.

Изборот, велат, се сведувал меѓу кандидат без положен правосуден испит, но омилен и препорачан од власта и кандидат со национално и интернационално докажан судиски интегритет, но партиски независен. На судиите и обвинителите во Управниот одбор, но и во сите други институции релевантни за функционирањето на правосудниот систем е да ни покажат како ќе се троши државниот буџет и, според тоа, како ќе нè рангираат на листите за корупција и за демократичност.