Без паника

Петар Арсовски

Последниов период е интересен најмногу поради брзиот вител на настаните околу нас, кои досега најголем дел од нашите граѓани ги имаат видено само на филм. Шпионски бегства, филмски апсења, строги обвиненија и однос кон обвинетите, и воопшто, вкупниот пад на досега недопирливите, како симбол на општата правна катарза пред портите на НАТО и ЕУ. Сето тоа се настани што нашето општество ги доживува со релативно голема доза на драма и траор.

Интересно е што овие последни случувања, особено врзани со мнозинството во Собранието и тој политички процес, наидуваат на контрадикторни реакции, дури и од онаа јавност која досега сме ја доживувале униформно про ЕУ и НАТО. И најголемите застапници на европеизацијата на Македонија, кои без проблем беа подготвени на сериозни компромиси на овој пат претходно, сега како да имаат повеќе против помалата цена во овој процес – помир(л)увањето. Така, не е ретко да се чуе, од претходните безрезервни поддржувачи на евроатлантските интеграции, коментар: подобро да се откажеме од ЕУ и НАТО, ако цената е помилување.

Мислам дека оваа нова поделеност на општеството и политичкиот дискурс, доаѓа од фактот што, стратегиски гледано, во моментов во државата течат најмалку два паралелни, неопходни, но заемно контрадикторни процеси, кои произведуваат вакви драматични и конфликтни одгласи во критичката и општата јавност.

Првиот е неопходниот процес на политичко помирување и создавање национален консензус за процесот на неопходни реформи врзани за членството во НАТО и ЕУ. Овие два, би рекол, фараонски, проекти за Македонија, бараат период на политичка стабилност и национален консензус, инаку нашето општество нема реални шанси да го надомести изгубеното време. Наша единствена шанса во кус рок да ги стигнеме реформите за оваа генерација да може да се надева на европски стандарди, да направиме заедничка стратегија, да се втурнеме во хиперпродукција на реформи и да не губиме време на меѓусебно обвинување. Инаку, замислете ако сите неопходни реформи и закони за ЕУ ги носиме како што ги носиме законите досега – со „филибастеринг“, со илјадници амандмани, со пречки и саботажи на секој чекор. Така можеме да се надеваме да влеземе во ЕУ за триста години. Не, на Македонија ѝ е неопходен период на политичка стабилност, кој пак бара широк политички консензус за овие процеси, за што, пак, е неопходно национално помирување.

Проблемот е што вториот неопходен процес – чистење на општеството од ендемската корупција и клиентелизам преку испорака на правда, го канибализира првиот процес. Зашто, проектот за испорака на правда неопходно ги заострува политичките поделби, бидејќи е директно насочен кон припадници на една политичка партија која беше на власт последните 11 години. Притоа, истата политичка партија има доволно влијание во парламентот за да го закочи првиот процес на неодредено време. Оттаму, испораката на правда, која треба да биде вовед и иницијација и за чистење на администрацијата, полицијата, судството и слично од длабоко вкоренетите ендемска корупција и криминоген клиентелизам, нужно се канибализира со неопходниот консензус и политичко помирување.

Затоа, не е за изненадување што се наоѓаме во релативно шизофрена политичка ситуација. Проектот за приклучување на Македонија кон глобалната фамилија на прозападни средени држави, токму така и изгледа – како пинг-понг помеѓу двата процеса кои се неопходни за тој проект да успее – малку помирување, малку прочистување. Важното е притоа линијата помеѓу овие два процеса да ја исцртаме така што ниту еден од нив да не биде целосно спречен. Тие се по својата природа конкурентни, но двата се неопходни, нужни. Затоа, не мислам дека треба премногу траорно да ја доживуваме радикализацијата на ниту едната од овие две оски.

Некои би рекле – тука не може да има компромис и национален консензус може да се прави само со нова политичка елита која не била вклучена во гревовите на претходниците. Се согласувам, теоретски. Сепак, проблемот не е само во елитата. Резултатите на пратениците со парламентот покажуваат дека и општеството (гласачите) не се толку јасно определени за европеизација, за тој процес да може да помине сосема без компромис. Инаку, да ѝ дадеа на сегашната власт 2/3 мнозинство, ситуацијата ќе беше сосема поразлична. Но сега, кога власта нема избор освен да прави компромис кој е резултат на малата јавна поддршка, малку е лицемерно истите оние кои не им ја дадоа поддршката, сега да ја обвинуваат што ја нема.

Како пример ќе ја земам амнестијата за 27 април. Тука двата процеса се прекршуваат кристално јасно – политичката нужност за процесот да оди напред, наспроти неопходноста за одговорност и правда. Суштинското прашање е дали постои ниво на амнестија кое може пристојно да ги задоволи двата критериума? Дали постои линија на помилување, која истовремено ќе покаже способност за помирување, а нема да го загрози проектот на испорака на правда за суштинските виновници за 27 април? Некои би рекле не – каква било амнестија целосно го руши владеењето на правото. Некои би рекле дека и целосна амнестија, ако овозможи брз пробив и парламент кој експресно ќе ги заврши обврските за преговорите, е висока, но прифатлива цена. Мислам дека постои можност за најмал заеднички содржател. Ако политичките елити успеат да направат помилување кое нема да ги опфати вистинските виновници за 27. (оние кои го смислиле, нарачале, организирале и спровеле упадот, особено оние кои посегнале по насилство), тогаш мислам дека помирување може да има, а правдата сепак ќе биде задоволена.

И така од еден до друг проект – капка пелин, парче чоколадо. На крајот, ми личи дека евидентно, со сите наши мали попатни неспособности и грешки, процесот ќе оди напред. Со сите грешки и попатни меандри, далеку сме од она каде бевме пред само три години, а сè она за кое мислевме дека немаме капацитет да го направиме – името, ЕУ и НАТО, прогон за висока корупција – се одвива пред нашите очи во оваа композиција која полека, но сигурно, се движи кон нормалноста. Можеби е тоа зашто некој друг вози.