Без лицитации и егзалтации за името

Ерол Ризаов

Гледано од подалеку и отстрана се чини дека првпат се гради поволен амбиент да се реши наметнатиот спор за уставното име на државата, а гледано однатре сѐ уште боли глава од ограничувања и условувања. Во таков период кога едно се насмевките и охрабрувањата, чукањето по рамо, а сосема друго притисоците и драматичните напори за подобри позиции, особено кога неодговорни политичари меѓу кои и министри даваат јавни изјави како турбофолк-ѕвезди, меѓу две песни, кое ново име повеќе им се допаѓа. Без око да им трепне велат дека им се бендисува нова Македонија, северна Македонија, горна Македонија… Во оваа фаза кога се мери секој збор, вакви јавни лицитации и егзалтации се голема грешка која не би смееле да ја прават ни почетници во политиката. Тоа оди на директна штета на позициите на преговарачите не само во преговорите со Грција, туку и кај претставникот на ОН, господинот Метју Нимиц, но и кај домашната јавност која разбирливо е сензитивна на промената на уставното име.

Еве неколку одамна познати, но по сѐ изгледа заборавени или непознати правила за новопечените функционери, особено важни при вакви тешки преговори. Прво, секој релевантен политичар, било од власта било од опозицијата, но особено ако е на висока функција во владата кога јавно ќе каже дека нема ништо против името нова Македонија или северна Македонија, горна Македонија тоа кај другата страна веќе се смета за еднострано попуштање, односно како појдовна позиција на Македонија од која во преговорите ќе се очекува да има натамошни отстапки. Грците како најтешки и најупорни преговарачи на светот секоја отстапка ја прифаќаат со две раце и веднаш поставуваат нови услови и тргнуваат во нов почеток на преговори. Тоа досега го видовме повеќе пати кога дури и во Уставот направивме промени по нарачка. Кај нас додека ги слушавме првите егзалтации од пробните балони: нова, северна и горна, во Грција сосема спротивно се сервираше нов шок на стара тема. И таму политичари кои го прават тенкото мнозинство на власта во парламентот се прозиваат да се изјаснат јавно дали ќе се согласат во новото име на соседот да се содржи зборот Македонија.

Ако тоа бидат новите стартни позиции на двете страни, тогаш сигурно ќе нема решение за името. Таа работа треба да се остави да ја договараат тие што знаат што значи предлог прифатлив од двете страни, како што јавно се прокламираат и ОН и одговорните македонски и грчки политичари.
Втората работа што мора да се знае е фактот дека сѐ до оној момент додека сите парламенти на членките на ЕУ не ја ратификуваат спогодбата не е завршена работата за членство во ЕУ. И сѐ додека не е донесена конечната одлука со поканата за прием во НАТО и таму не е завршена работата. Затоа решението за името мора да биде во еден единствен пакет, кој ги симнува од дневен ред сите можности за дополнителни условувања. Ако се прават едни отстапки за членство во НАТО, ќе следуваат нови побарувања за отстапки за членство во ЕУ. Во таква преговарачка папазјанија Македонија не смее да се впушти.

И трето, ако продолжат ваквите лицитации и еуфорични изјави што на некој министер му се допаѓа или не, лесно може да се изгуби позитивниот тренд и добриот амбиент создаден во јавноста да се најде заеднички прифатливо решение. Тоа може да го уништи и најдобриот и најповолниот предлог бидејќи одењето на референдум е веќе завршена работа. Затоа новите функционери сега нека се воздржат од пласирање на своите желби и размисли во врска со името, тоа нека им го препуштат на тие што се задолжени да ја вршат таа работа. Да се надеваме дека ќе имаат добра шанса, по прифаќање од двете страни на предлогот во повикот за референдумско изјаснување на граѓаните, да ѝ ги соопштат на јавноста своите препораки за името на државата, кое нема да ги повреди ни Македонците ни Грците, или барем ќе ги направи подеднакво незадоволни.

Вчудовидувачки е колку е голема наивноста и незнаењето за вакви деликатни прашања, а се прогласуваме за наследници на Византија. Во овие зимзелени изјави и избирање име по медиумите од страна на новостасани политичари нема ништо византиско. Да има барем грам византиско, во најмала рака ќе се каже истото тоа што и другите ни го кажуваат нам: се надеваме и работиме на решение кое ќе биде взаемно прифатливо. Тоа што ќе го договорат двете страни под гаранција на ОН ќе оди на референдум. И толку. Ни збор повеќе. Сосема друга работа што тие ограничувања не важат за ставовите и настапите на другите јавни личности. Тие можат да лицитираат, да коментираат, да предлагаат и да критикуваат. Тоа им е работа, или граѓанска должност, сеедно. Кај одговорните политичари во оваа фаза јавниот настап мора да биде прецизно усогласен. Нема слободни стрелци во деликатна ситуација како оваа со името.