Балкански бауч над Европа

Ерол Ризаов

Европските политичари и медиуми не ни оставија на раат ни еден ден да се порадуваме на вестите што ни ги донесе Брисел дека сме на добар пат кон ЕУ. Ќе почнеме да преговараме за членство набргу или еден убав ден кога ќе стаса тестото што треба да го месиме. Ни рекоа – имате за радост половина ден, а од утре на работа. Добро почнавте, алал вера, ама завршете ги домашните задачи до крај. Сѐ зависи од вас. Бонус нема. И толку. Сѐ друго е бла, бла, бла… пофалби, критики, ветувања, предупредувања, надежи, историја и најмногу политика и куртоазија. Кажаа што имаат да ни кажат и си заминаа. Ќе дојдат пак пред да ја носиме баницата на фурна.

ОК. Ќе продолжиме да работиме без да се радуваме, иако со децении чекавме да се крене рампата на пругата, па ни треба малку и да издишиме, малку да се орасположиме, да се преброиме кој за каде е, да ги вратиме надежите во иднината и да го почувствуваме оптимизмот и ние што останавме сираци на Балканот. Научивме одамна дека на тој пат најтешко поминуваат оние што немаат силна родителска заштита и оние што се препуштени најчесто сами на себе.

Македонија конечно е на патот без враќање, со билет во џебот само за еден правец. На Запад. Или ние ќе стасаме таму или Запад ќе пристигне на Балканот. Друго чаре нема, и да има, не чини. За брзината со која ќе патуваме во Европа одлучуваме сами. Кога првпат го слушнав ова, бев пресреќен. Лично ми го кажа германскиот канцелар Герхард Шредер во интервју за „Утрински весник“ пред 14 години. Радоста траеше кратко, само две минути, кога го слушнав Шредер дека тоа значи да се завршат сите реформи што нам ни се неопходни за да можеме да влеземе во европскиот клуб. Кога почна да ги набројува сите работи што треба да се завршат, ми се крена косата на глава.

Оттогаш помина една и пол деценија, а она што ни треба најмногу нам и што е предуслов за преговори со ЕУ го завршивме за една година, откако залудно потрошивме 11 години.

Но тогаш канцеларот Шредер кажа уште една работа на која малку обрнав внимание оти ми изгледаше не многу значајна, односно лесно премостлива. Шредер зборуваше за неопходноста, покрај политичките и економските реформи, Македонија да се прикаже во добро светло пред европската јавност бидејќи за неа и за Балканот има многу предрасуди, дебели негативни историски наслаги кои кај обичниот Германец, Французин, Европеец, во свеста создале многу грда слика за балканштината и балканската крчма. Канцеларот Шредер, всушност, бил многу внимателен да не искаже нешто што може да звучи навредливо, нешто што сѐ уште се употребува како поговорка „Мацедонише цуштенде“, што означува македонски состојби, односно замрсени ситуации кои не можат никако да се одмрсат, состојби што означуваат тешка конспирација, тероризам, убиства, простотилак, провинцијализам, заостанатост… Сето тоа треба да се отстрани од главата на обичниот граѓанин на земјите членки на ЕУ, со тоа што Македонија ќе се прикаже како демократска, слободна, економски одржлива држава која се наоѓа на само два часа лет од центарот на Европа. Слободна и убава земја во која живеат два милиони луѓе кои припаѓаат и географски и политички, но пред сѐ и културно и историски на Европа и на Запад.

Е, не само што не успеавме да ја приближиме повеќе Европа на културен план и да покажеме и ние што имаме да им дадеме во дополнување на различноста која толку многу ја сакаат, туку се оддалечивме од Европа многу повеќе отколку кај што бевме пред една деценија. Тоа приближување со претставување на нашите вредности во наредниот период ќе биде и најтешката задача со која ќе се соочи Македонија, можеби потешка дури и од мачните реформи и промената на името на државата бидејќи во цела ЕУ има фобија кон Балканот, некогаш поголема и од бегалците и емигрантите што доаѓаат во бранови од Блискиот и Средниот Исток и од Африка.

Тоа го потврдуваат и реакциите на западноевропските политички лидери и влијателни медиуми. Така, францускиот претседател Емануел Макрон прв се огласи во Европскиот парламент уште пред да стаса добрата вест во Скопје, безмалку шокиран за препораките до балканските земји за преговори со ЕУ. Вели, Европа не треба да прима нови членки, а Македонија ја означи како да е област во Анадолија. Колку и да му треба Турција на Макрон како „баба рога“ за домашни потреби, пораката што ја испрати до пошироката европска јавност е крајно загрижувачка, преносно, таа значи дека злогласниот Балкан од 19 и од почетокот на 20 век ќе ја балканизира Европа. Потоа се огласи коментаторот на германскиот весник „Билд“ со жестока критика на Брисел – дека некои бирократи таму, на своја рака, сакаат да отпочнат преговори за членство во ЕУ со Македонија и со Албанија.

Ова се првите сигнали дека преговорите ќе бидат навистина тешки и од еден друг аспект и дека Македонија не може да очекува никаков попуст или гледање низ прсти, како што се случуваше тоа порано со некои наши соседи. Тоа време заврши. Затоа, покрај обврските, мора да има сериозна стратегија за претставување на Македонија во сите земји членки на ЕУ, особено на културен план. Мора да се придобие европската јавност. Тоа е ѓаволски тешка работа за Балканот.