Ајде да се лажеме и мразиме, само да се пазиме

Ерол Ризаов

Пред секои избори правам ранг-листа на најголемите лаги со кои партиските пропагандисти и медиуми ќе ја мотивираат јавноста и ќе собираат гласови за изборна победа. Некои од лагите се евергрини, вечни, тие никогаш не се менуваат, а секогаш наоѓаат стари и нови обожувачи кои сакаат да веруваат во ветувањата и да бидат излажани. Така луѓето се чувствуваат подобро до следните избори кога пак ќе бидат многу уважени и значајни. Но некои лаги се само големи сезонски хитови, многу популарни, кои блеснуваат на македонското небо како метеори, согоруваат додека трепнеш со очите, згаснувајќи ја светлечката трага зад себе како лага со опашка. Интересна работа е што многумина веруваат дека тоа носи среќа и кога ќе видат „ѕвезда која паѓа“ помислуваат на најубава желба која сакаат да им се оствари, иако знаат дека тоа не е ѕвезда.

Па, еве, да почнеме, да видиме со што ќе нè забавуваат партиските оркестри, трубачи и соло пејачи во најновата изборна сезона. Ајде да се лажеме и мразиме, само да се пазиме.

На прво место е најголемиот балкански хит, кој е на врвот на европските топ-листи. Погодувате, тоа е Преспанскиот договор склучен меѓу Македонија и Грција. Освојува големи награди, а е и на Нобеловата листа. Ама не е на домашната „листа надреалиста“. Што му ја намалува вредноста, па макар бил и светски и олимписки победник. Значи, драги мои, најголемите лаги ќе бидат во врска со договорот од Нивици. Нема тоа да биде нивичка, туку голема бавча за орање. Веќе се изнаслушавме дека патриотите од ВМРО-ДПМНЕ ќе направат подобар договор во кој ќе го одбранат уставното име на државата, националниот идентитет и достоинството на македонскиот народ. Таа песна во националниот хор веќе не ја пеат откако ја цензурира шефот од Будимпешта кога јави дека е невозможен нов договор со Грција. И соло пејачката на ВМРО-ДПМНЕ, новата ѕвезда, ја прифати реалноста дека нотите се напишани и песната не може да биде сменета, ама мајката на нацијата на своите чеда ќе им испее убава приспивна песна за големите предавници и душмани што ја предале татковината.

Се разбира, нема да се смени ни еден збор, ни една запирка од склучениот договор, ама ќе се бара казна за домашните предавници на националните интереси. Лагите ќе се насочат на таа страна како и досега со откритијата кој го издаде Ченто и кој го уби Рацин. Сега ќе биде – кој ја потпиша капитулацијата. Ќе признаете „многу јако“, особено што секој ден ќе следуваат многу драматични приказни што ќе ги голтаме зорле кога ќе се сменат сите табли на патиштата и пред претседателската палата, кога МАНУ ќе стане АНУСМ, кога на пасошите ќе ни удираат печат со Северна Македонија и кога ќе ни ги сменат личните карти, кога ќе се смени вкусот на виното и ракијата кога на шишињата ќе стои „Произведено во Северна Македонија“, кога судовите на Република Северна Македонија ќе изречат казни од вкупно двесте години затвор за носителите на злосторничките здруженија, организиран криминал и корупција, наместо тоа да бидат пресуди на судовите од Република Македонија. Тоа „Северна“ ептен ќе ги навреди осудениците, особено ако не е соопштена на нивниот мајчин јазик, на секого одделно. Ќе има уште мал милион такви непријатни изненадувања кои ќе го уриваат достоинството на граѓаните, особено во предизборниот период. После сè ќе остане како што е договорено, а конечно не е ни работа на новиот претседател, ако биде избран, нешто да менува.

Вториот сезонски хит е римејк. Тие што пееја и маршираа против „НАТО зликовци“ и против ЕУ ороспии, веќе не се големи пацифисти и евроскептици. Напротив, тие сега се поголеми натовци и од Американците и од граѓаните на земјите редовни членки на НАТО. Која еволуција. За ЕУ и нејзиното распаѓање никогаш ниту слушнале, ниту кажале нешто такво. Отсекогаш, од раѓање, биле за ЕУ и за НАТО. Тоа што биле против Преспанскиот договор, тоа е емоција, нема врска со ЕУ и со НАТО. Тоа беше е само оддишка на преголемата љубов кон татковината и патриотскиот вознес кој со тек на времето се совладува на разумно ниво.

Третата лага со опашка која ќе се вергла е примамливоста на заложбата за одземање на веќе стекнатите права на етничките заедници, или кажано поблаго, ревизија и преиспитување на освоените или, како што обично велат, на дадените или изнудените права на Албанците и другите помали припадници на различните од Македонците и Албанците кои се под 20 отсто. Демек, ќе се средат работите со пописот кога ќе се утврди колку сме и кои сме. Колку проценти, толку права. Тоа е добар слоган за семакедонски консензус против еден друг македонско-албански консензус. Се разбира, по 5 мај никој нема да чепне ниту во Охридскиот договор ниту во законот за јазиците, како што нема да чепне ни во Преспанскиот договор. Научија и нашите бездарни политичари дека кога се одземаат еднаш дадени права тоа е повик на граѓанска војна и крвопролевање. Филм што го гледавме во распадот на Југославија. Тоа го знаат сите, ама за време на предизборно лажење и мразење тоа е дозволено со пресметан ризик, доколку пресметувачите се пресметливи во умот.

Четвртата голема лага е ветувањето за владеење на правото и нови уставни измени кога новиот претседател на државата ќе се пресели во резиденцијата на Водно. Ништо нема од тоа, ако тоа не го сработат под силен притисок на јавноста власта и опозицијата, владата и парламентот. Претседателот може да дава само поддршка, или да прави штета како што правеше 10 години досегашниот претседател Ѓорге Иванов. Во предизборните дебати нема да слушнеме рационално објаснување како може некој да се залага за владеење на правото и за честита Македонија кога не ги осудува ни со еден збор поименично големите ограбувачи на граѓаните цели 11 години ниту најголемото нарушување на човековите права и слободи во ерата на груевизмот ниту, пак, ќе слушнеме поддршка на Специјалното обвинителство да продолжи непречено со работа.

Петтата, но не и последна голема лага, е евергринот на кој се изнаслушавме 28 години по независноста дека нè очекува влез во рајот, брз економски развој, збогум на сиромаштијата, повисок стандард, поквалитетен живот, почиста човекова околина, подобро здравство и образование, посреќен и поубав живот. Никој нема да вети тешка и мачна работа и многу откажувања, дека ќе потрошиме уште неколку генерации за да стасаме до целта. Изгледите да го изгубиме штотуку откриениот пат кон иднината сè уште се големи.