Ајде да олабавиме малку

Живеевме за таа недела, убедени бевме дека ќе победиме и ќе стигнеме до полуфинале. Нѐ здробија за десет минути. Се разочаравме и паднавме во депресија. Типично за нашиот менталитет. Или фалиме или плукаме, или летаме во облаци или сме на дното. Средина нема.

А реалноста вели дека сме добри, ама не сме најдобри, дека е успех што се бориме за медал, ама лошо е што никогаш не сме го освоиле, дека не треба да се возвишуваме кога победуваме, ниту, пак, да паѓаме кога ќе изгубиме. Да сфатиме дека тоа е само спорт, а животот и секојдневните грижи е она вистинското. И тоа е суштината, уморни од транзицијата, сиромаштијата и безнадежноста, бараме утеха и надеж на други места, кај некои други луѓе, во туѓи животи и судбини…

Никој не дигна раце од нашите ракометари, напротив, сите се надеваме дека ќе победат и денеска против Чешка и утре против Данска. Само работата е дека дури и да загубат, ќе осамне ново утре и во четврток, и во петок, и во секој следен ден. И после нас, ќе има ново утре.

Во суштината на човекот е да стреми кон успех, човечките единки сакаат да успеат во животот, оти преку успехот се мери напредокот на општеството. Кај нас, пак, славењето и спортските успеси се издигнуваат на едно скалило погоре, затоа што преку победи добиваме шанса да се афирмираме во светската јавност. Успесите предизвикуваат дополнително внимание на медиумите низ светот со оглед на тоа што станува збор за мала земја, која не е толку позната во широки размери, а сепак, на пример, успева да направи нешто изненадувачки, да победи поголеми и посилни од себе. Таков беше примерот со кошаркарите кога стигнаа до полуфиналето од Европското првенство. Немаше медиум што не пишуваше за Македонија. Тоа ги радува Македонците. Се радуваме затоа што и покрај низата неуспеси на разни полиња, се раѓа надеж дека еден ден ќе биде подобро.

Да не се лажеме, спортот е огледало на општеството. Спортското натпреварување на меѓународно ниво го имитира водењето војна, односно го надоместува военото ривалство во мирнодопскиот период. Затоа, спортот како „мека моќ“ е исклучително важен дел од современиот национален идентитет, но и стратешко „оружје“ на државите во привлекувањето на меѓународното внимание. Од една страна, спортските успеси директно се одразуваат врз националната гордост, престиж и позиционирање на земјите на меѓународната сцена, а од друга, влијаат врз задоволството, заедништвото и чувството на припадност кон државата. Сето тоа особено доаѓа до израз на големите спортски манифестации како што се европските и светските првенства или Олимписките игри. Од тие причини, со посебно внимание се бројат успесите и медалите, се водат статистики и одново и одново државите се рангираат според спортскиот талент. Функционирањето на државите се огледува и преку вложувањето во спортот, парите и организацискиот систем, односно колку државата чини за нејзините спортисти да ‘гинат’ за неа на борилиштата и колку кај нив ќе го развие чувството на припадност. Истражувајќи го имиџот на одредена земја, првата асоцијација што ќе им падне на ум на странците, веројатно ќе биде некој посебно познат спортист или клуб.

Сепак, ајде да олабавиме малку. Ниту една репрезентација од екипните спортови кај нас не нѐ направила толку горда како ракометарите, учествуваат на сите првенства, некогаш со поголем, некогаш со помал успех. Илјадници навивачи ги следат секаде. Проблемот е што и политичарите сакаат да се залепат до нив, да добијат симпатии и да се фотографираат со нив и со тоа ги подигнуваат тензиите. Да, дефинитивно е дојдено времето да се направи исчекор, да се смени губитничкиот менталитет што нѐ краси како општество, ама луѓе, тоа е само спорт. Секој од нас утре ќе се разбуди со дилемите како да ги плати сметките и како да преживее до следната плата. И тоа, само доколку има работа и редовна плата. Само што, ќефот ќе биде голем ако направиме нешто. А, ќефот не се плаќа со ништо.

Горан Адамовски