Армијата во вкрстен оган за 27 април

Армијата на Македонија се најде деновиве повторно во вкрстен политички оган и во позиција да се брани, така што и Генералштабот се почувствува повикан да одговори на прозивките во јавноста за вмешаност на АРМ во настаните на 27 април. Портпаролот на ГШ на АРМ, Тони Јаневски, остана вчера на тврдењата од демантот што беше испратен до медиумите, а во кој се наведува дека нема инволвираност во организирана форма на Армијата во случувањата во парламентот минатата година.
Соопштението во кое се посочува оти се груби невистини информациите и толкувањата од страна на одредени лица дека АРМ имала каква било улога во упадот во Собранието го одобрил и новиот началник на ГШ Васко Ѓурчиновски, иако тој во тоа време не беше на таа позиција, а прашање е дали на 27 април 2017 година бил и во земјава. Ѓурчиновски беше назначен за началник на ГШ во август годинава, со указ од претседателот Ѓорге Иванов, а дотогаш беше постојан претставник на АРМ во седиштето на НАТО во Брисел.
Именувањето на Ѓурчиновски за началник на ГШ беше објавено на централната прослава по повод Денот на АРМ, на која, покрај Иванов, присуствуваше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Иако во изминатиот период имаше одредени несогласувања меѓу Шекеринска и Иванов околу именувањето воени аташеа во неколку земји, информациите тогаш беа дека е постигната согласност околу името на новиот началник на ГШ.
Во биографијата на Ѓурчиновски е запишано и дека едно време му бил аѓутант на претседателот Иванов, како и дека бил командант на Здружената оперативна команда, највисоко тело во АРМ, а претходно и командант на армиските специјалци. Пред него, началник на ГШ на АРМ беше Методија Величковски.
Јаневски вели дека ГШ на АРМ не се консултирал со Министерството за одбрана за демантот што го испрати до медиумите, ама вели дека двете институции се во постојана координација за сите други прашања.
„Одредени медиуми и поединци пласираа секакви информации во јавноста за наводна вклученост на АРМ во настаните на 27 април. Тоа се апсолутни невистини. Никакви борни коли или единици на АРМ не биле вклучени во тие настани. Единствено, како што е познато, беа посочени поединци од Армијата кои таа вечер биле во парламентот, но без униформи и армиски ознаки. По укажувањето што го добивме за тоа од надлежните институции, поведена е дисциплинска постапка за нив и тие се санкционирани“, вели Јаневски.
Тој објаснува дека, согласно со Законот за служба во армијата, со намалување на плата или со прераспределување на друго работно место биле казнети тројца припадници на АРМ во ГШ, како и уште неколкумина кои се во служба во Министерството за одбрана и во Воената академија.
Посочувањата за вмешаност на Армијата во настаните на 27 април се засилија повторно деновиве, по наводите од сведочењата во судскиот процес дека во плановите за упадот во парламентот било предвидено и претседателот Иванов да прогласи воена состојба.
Иванов ги отфрли вчера како небулозни тврдењата дека подготвувал прогласување воена состојба. Тоа е, како што изјави, очаен обид да се сврти целото внимание од главните креатори на настанот кон шефот на државата и неговиот кабинет.
„Јавноста верува на обвинет, а не на официјалните институции. Имаше изјава и обвинителката, имаше соопштение и од Армијата и од Кабинетот. Веројатно нашите изјави се многу поиздржани од изјава на обвинет кој прави сè да го избегне тоа што му следува. Прашајте кај биле генералите тој ден, каде бил началникот на ГШ, каде бил мојот аѓутант, Армијата. Веќе имаме и нова власт и нова министерка за одбрана која сите овие месеци можела да види што има во МО за тој ден зашто сè се евидентира. Армијата не е невладина организација, туку хиерархиски поставена институција која води евиденција за секој ден, за секој час, за секој војник и офицер“, истакна Иванов.
Иванов ги повика оние што шират вакви информации да се јават во амбасадите и да прашаат дали имало некакви влијанија врз него и неговиот кабинет околу наводното откажување да прогласи воена состојба.
Според член 124 од Уставот, воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката или кога Републиката е нападната или ѝ е објавена војна. Воена состојба прогласува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници. Ако Собранието не може да се состане, одлуката за прогласување на воена состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане. (А.М.М.)

И Агенцијата за разузнавање негира вмешаност

Агенцијата за разузнавање, која е под надлежност на претседателот на државата, вчера исто така се јави со соопштение со кое отфрла каква било вмешаност во незаконски активности и потенцира дека ако се продолжи со нарушување на основните човекови и професионални вредности „можеме самите ние како граѓани на ова општество да креираме нова безбедносна закана во државата“.
„Во последните неколку дена во разни медиуми, искажани се многу невистини околу работата на АР. Најостро ги осудуваме сите овие обиди за вмешување на Агенцијата. АР постапува според своите законски надлежности“, се вели во соопштението. За сите минати безбедносни настани, посочуваат оттаму, Агенцијата остварува тесна соработка со ОЈО и МВР.
Агенцијата, се додава во соопштението, ја поддржува кампањата за борбата против лажните вести, „но воедно и апелираме дека борбата против лажните вести и манипулации почнува од сите нас“.