Антикатарза со чардаш

Љупчо Поповски

Спектакуларното исчезнување на Никола Груевски од Скопје ги разгоре сите можни теории на заговор од кои Македонија никогаш не може да се куртули. Основната нишка на тие теории е дека неговото исчезнување е смислен договор на највисоките врвови од сегашната власт со Груевски поранешниот премиер да го снема од државата, на јасен начин да се замижи за тој да избега во некоја земја каде што ќе има заштита. Пораката од Будимпешта дека тој некако стигнал таму и побарал азил ја удри Македонија како чиста антикатарза – празнење и на најмалиот атом на доверба во институциите и апсолутна скепса во чесноста на политичарите, па дури и во нивната елементарна моралност. Овие теории на заговор, се чини, ја добија конечната потврда со кусата порака на Груевски, која може да оди заедно со претставите од масата во некој будимпештански ресторан, каде што се јаде гулаш, се пие токајско вино и се слуша чардаш.

Наивно би било целосно да се отфрлат овие приказни за добро смислен заговор во кој секој од актерите би можел да извлече некоја корист за себе. Премиерот Зоран Заев да го протурка капиталното дело на неговото досегашно владеење – договорот со Грција; Груевски да го снема од хоризонтот за да не спречува и други пратеници да му се приклучат на двотретинското мнозинство за изгласување на промена на Уставот, а Христијан Мицкоски да се ослободи од сенката што владее со ВМРО-ДПМНЕ и тој конечно да ги преземе уздите во партијата. Тоа може да изгледа логично, но главното прашање е има ли овде некој добитник.

Тоа сигурно не е Никола Груевски, без оглед на тоа што затворот го замени со слобода во егзил. Приказните за неговиот патриотизам се фрлени во матниот Лепенец, оние негови патетични изјави во кои бараше да го затворат, но да ја остават партијата и Македонија на мир, сега изгледаат како екстремно фалшлива стока. Изгледа сосема веројатно дека во банките што ги контролира неговиот побратим Виктор Орбан се префрлени и голем дел од парите што беа украдени сите овие години бидејќи, затоа што и во егзил мора да се живее на висока нога, а малку да се работи. Неговата судбина сега е запечатена со идентификацијата дека тој е македонската верзија на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кој побегна од татковината за да се засолни во државата на Владимир Путин.

Оваа споредба со Јанукович е вистинска, а не прозаична – и двајцата ја водеа земјата со стравотна корупција и со целосно подјармување на судството, медиумите и големите бизниси. И, и двајцата пребегнаа во автократски режими, каде што има големо разбирање за нивниот деспотизам. Како и секој деспот, и тој својот очаен потег го става во обландата на патриотизмот. Па, две од четирите реченици во пораката на Фејсбук се дел од тој лажлив патриотизам: „Секогаш ќе останам верен на каузата за Македонија. Никогаш нема да отстапам“.

Со тој лажлив патриотизам тој подолго време го подготвувал бегството за кое му треба силна логистика, јатаци, водичи, пријателски власти, ноќни чувари, безбедни диви гранични премини – и некој што ќе му посака привремено добредојде. Целата оваа акција го сместува Груевски во мрежата на криминалното подземје од регионот, кое има широка поддршка од тајните служби и него го сместува повеќе во графата на отпадник од татковината, а не патриот што останува „верен на каузата“.

Но очигледно дека тој не можел да се соочи со стварноста. Малите луѓе што страдаат од синдромот на големината едноставно не можат да ја прифатат реалноста која им изгледа како кошмар – каде, побогу, да ги трошам парите кога ја немам моќта, а ни слободата. Во тоа бегство од самиот себеси се отфрлаат и сите други – и пријателите, и соработниците, а поделеното семејство останува да страда.

Зоран Заев, исто така, е голем губитник. Тој може да се правда дека не е негова работа да ги контролира судовите, кои заради нивната фамозна бирократизираност и објаснувањата за одморот на доставувачите преку викендот во основа го овозможија ова бегство, но еден премиер е одговорен за вкупната состојба во општеството. Меѓу другото, и за работата на полицијата. Ова е многу поголем удар за Заев и за неговата влада отколку лошиот резултат на референдумот. Гласањето за договорот со Грција беше поврзано со клучните емотивни постулати кај граѓаните околу идентитетот и името на државата, но ова бегство на човекот кој е синоним за режимот за кој народот вложи прометејски напори за да го урне – го става Заев во теснец. Дури го носи и кон работ на бездната.

Клучното прашање за Заев во овој момент е каква е ерозијата на довербата во него. Таа доверба има неколку нивоа – дали тој бил воопшто предупреден и свесен дека Груевски може да избега; потоа, како функционира полицијата кога ги правеше оние спектакли во зградата кај што живее Груевски и во подземниот лавиринт на улици во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е навистина големо прашање и за Заев и за Оливер Спасовски – ако тие немале елементарни разузнавачки сознанија дека Груевски избегал од земјата додека полицијата чукаше од врата на врата и проверуваше автомобили, нивната работа од многумина може да се нарече аматеризам. Објаснувањата дека телохранителите на Груевски обезбедени од МВР го чекале цел ден на паркингот да им се јави дека излегува, а него го немало се дел од комични стрипови. За тоа време (можеби уште во четвртокот по полноќ) Груевски поминувал некои планински венци веројатно кон Србија. А јавноста чека да помине викендот, па судските доставувачи пак да тропнат на вратата.

Судот е во право со бирократските процедури, полицијата е во право чекајќи го известувањето и наредбата од судот – се разбира, никој не е виновен дека Никола Груевски веќе се шетал на кејот на Дунав под прочуениот мост „Маргит хид“. Ова спектакуларно бегство очигледно ја попари целата влада и тоа сосема сигурно ќе има големо влијание врз нејзиното функционирање. Заминувањето во затвор со комплетно правосилна пресуда на човекот што беше господар на еден режим требаше да биде знакот дека системот почнал полека да функционира според основите на демократијата, но на тој испит судската и извршната власт потклекнаа.

Образложението на Груевски во пораката дека во последните неколку дена примил безброј закани по неговиот живот ја стави вмровската номенклатура на бришан простор. Целата приказна на Христијан Мицкоски и камарилата околу него дека се вршел политички прогон врз Груевски сега мора да се стави во папка и да се фрли во некоја од многуте соби во бесмислената палата. Од кого примал закани Груевски? Од луѓе од власта? Од луѓе од партијата? Од криминални структури кои го уценувале? Од тврдокорни патриоти? Или е тоа само препорачана изјава од унгарските власти за да може да се разгледува неговото барање за азил.

ВМРО-ДПМНЕ беше оставено од почесниот претседател среде најсушната пустина, а до последен миг се колнеше во него и го бранеше. Колку и да изгледа дека бегството е некакво олеснување за Мицкоски, бидејќи го ослободува од еден тежок камен од вратот, тоа во основа драматично го поткопа основното вмровско кредо – дека патриотите остануваат да се борат. Ако оној што избега наврапито поради заканите од „последните неколку денови“ им ја оставил својата храброст на другите што се дел од процесите на СЈО и од судењето за 27 април – тоа покажува дека целиот систем во партијата бил калемен на лажни вредности. Затоа ова бегство е удар во самото срце на вмровштината, таа патетична сказна за патриотизмот.

Има и поголем губитник од сите овие тројца. Тоа се сите македонски граѓани, целиот систем кој се урна во едно попладне. Тоа е вербата на граѓаните дека е можно едно поинакво општество. Тоа е огромното разочарување дека правдата навистина е можна. Тоа е животот на секој обичен граѓанин. Во овој момент изгледа дека е невозможно овие урнатини да се поправат.