Ако има амнестија, ќе има и забелешки

Ако има амнестија, првата забелешка од европските институции ќе биде за судството и непочитувањето на најважниот принцип „владеење на правото“, вели поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур,  Маргарита Цаца Николовска. Сепак судијката смета дека премиерот Зоран Заев во својот говор во Собрание не понудил амнестија за обвинетите од 27 април бидејќи премиер не може да понуди таква амнестија во парламент.Според нејзе, судењата мора да завршат и судот треба да донесе одлука дали поранешните функционери се виновни.

„Доколку дојде до некоја амнестија во смисла на целосно ослободување  од кривична одговорност на некој начин, затоа што и амнестијата знае со игра на зборови да го тргне тоа прашање, доколку  тоа се случи сигурна сум дека првата забелешка ќе биде за независното и непристрасно судство и за непочитување на најважниот принцип „владеење на правото“, вели Цаца Николовска.

Според неа, казнувањето на криминалот е единствено во рацете на судот и никој друг не може тоа да го оцени, доколку функционира правната држава.

Судијката е и претседател на Институтот за човекови права, организација која постојано ја следи работата на Судскиот совет, институцијата која ги разрешува и избира судиите.

Судскиот совет, на чело со претседателот Зоран Караџовски се уште не донел одлука за петтемина врховни судии на чело со претседателот Јово Вангеловски, кои со мнозинство гласови му го укинаа притворот на бизнисменот Сеад Кочан и му овозможија да избега од државава. Врховниот суд како највисока судска институција наскоро треба да донесе важни одлуки односно пред овој суд наскоро, најверојатно, вонредни правни лекови ќе поднесе поранешниот премиер Никола Груевски и другите поранешни осудени функционери со правосилна пресуда.

„Врховниот суд во многу скоро време ќе треба да одлучува за многу сериозни прашања и ваквата нестабилност и состојба каде што претседателот и други членови на Врховниот суд да не се знае на кое ниво се во однос на нивното работење, е многу несериозно. Пет судии на Врховниот суд се ни на небо, ни на земја, а во најскоро време судскиот совет мора да донесе одлука“, вели Цаца Николовска.

Таа се надева дека ќе има политичка волја  да се изгласаат законите за правосудството, но констатира дека и по повеќе од една година од извештајот во кој Македонија беше окарактеризирана како заробена држава, од аспект на судството не е направено нешто повеќе во делот на законските измени.

„Двотретинското мнозинство во Македонија е многу проблематично. Тоа мнозинство не се гледа како основа за ефикасно и квалитетно донесување на закони, туку се користи за некои политички аспекти, политички реваншизам.

Тоа за судството и за измените на законите не е добро. Дел од судиите се одважија и работат повеќе независно, меѓутоа за жал политичката елита и тоа не го гледа како некоја позитивна насока, го толкуваат како политички притисок и дека заради таквиот притисок судиите почнале така да работат. Редно е веќе да не се бара само реваншизам во однос на тоа како се суди и како се судело. На сите нас ни е потребно независно судство“, вели судијката.

Во последниот извештај, Институтот констатира дека судскиот совет се уште нема преземени никакви дејствија во однос на извештајот за АКМИС системот, иако до Советот тој беше доставен во декември минатата година.

Судскиот совет не презел ниту едно дејствие и за да ја заштити независноста на судството, ниту пак по извештајот на СЈО во кој неколку судии јавно беа посочени дека ја извршувале судиската функција без морален интегритет.

„Тој извештај претпоставувам дека мора да го достават и до Судскиот совет и во исто време да биде иницирана некоја постапка против тие луѓе за кои се зборува во него. Што прави Судскиот совет во таа насока ние немаме никаква информација“, вели судијката.

Одговорноста за масовното прислушување во Македонија и пресудите за висока корупција, како и одговорноста за упадот во Собранието влегоа во препораките на европските министри, како услови за почнувањето на преговорите со ЕУ. Брисел го постави патот кон отворање пристапни преговори во јуни 2019 година, но бара опипливи и конкретни резултати во борбата против корупцијата и во судските реформи.

Во заклучоците бараат проактивни истраги, обвиненија и конечни пресуди во случаите на корупција и организиран криминал, вклучително на високо ниво, реформа на разузнавачките и безбедносните служби и на јавната администрација.

Фросина Факова – Серафиновиќ