Аирлија амнестија за 27 април

Предлог-законот за амнестија, со кој треба да бидат опфатени дел од учесниците во настаните од 27 април, конечно се изроди од интерпартиското тело за помирување. Во спринт-трката за да се претекне објавувањето на пресудите за насилствата во парламентот експресно беше пуштен во собраниска процедура. По ултра-скратена постапка законот вчера попладне беше усвоен речиси со консензус – со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“. Од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во работата на телото кое го донесе законот, но пред гласањето Илија Димовски се јави за збор и соопшти дека тој и пратеникот Панчо Минов се прилучуваат на списокот на предлагачите. Претходно зборуваше замо Зекир Рамчиловиќ од телото за помирување, кој ја образложи потребата од донесувањето на законот за амнестија и за помирувањето во општеството.

Како што претходно објасни копретседателката на телото за помирување, Фросина Ташевска-Ременски, во предлогот описно се дефинираат дејствијата за кои не може да има амнестија, а не се наведуваат конкретни кривични дела. Судот и обвинителството врз основ на доказите со кои располагаат ќе решат кој ги исполнува условите за амнестија.Амнестија не може да има за организаторите на настаните, оние што сториле физичко насилство, носеле оружје, под фантомки вршеле физичко насилство, како и службени лица што ги пречекориле службените овластувања.

„Не се обидуваме и не сакаме да вршиме какво било ограничување на правото на обвинителството и судот да ценат врз основа на тоа со какви докази располагаат за лицата што ќе поднесат индивидуално барање“, рече Ташевска-Ременски, која не сакаше да коментира дали треба да бидат амнестирани обвинетите пратеници.

Координаторката и пратеничка од независната група на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Александрова, истакна дека законот за амнестија ќе има обврзувачко дејство за сите органи во државата.

„И судиите и јавните обвинители и ние сите постапуваме по закон. Овој закон е многу јасно дефиниран, така што верувам дека судот воопшто нема да има пречки да процени врз основа на докази кое лице остварува право на амнестија, а кое не“, посочи Александрова.

Ни таа не сакаше да коментира дали некој од нејзината пратеничка група ќе бара амнестија, туку истакна дека тоа е нивно лично право.

„Тоа ќе мора нив да ги прашате. Дали ќе поднесат или нема да поднесат барање“, рече Александрова, која е дел од телото за помирување чие формирање беше условено, со гласањето за уставните измени на осумте пратеници кои ја напуштија ВМРО-ДПМНЕ и преминаа да дејствуваат како независна пратеничка група на оваа партија.

Судската постапка се води за пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Јохан Тарчуловски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски. Вчера се обидовме да контактираме со поголемиот дел од пратеници, но никој не одговараше на телефонските повици.

Нацрт-законот е составен од пет члена. Во членот 1, став 1 и 2, прво се предвидува амнестирање на сите осомничени, обвинети и веќе осудени за кривични дела извршени на 27 април во Собранието. Потоа, во ставот 3 од истиот член 1, се наведуваат исклучоците од амнестијата:

„Одредбите од овој член не се однесуваат на лица осомничени, обвинети, правосилно осудени, како и лица кои издржуваат затворска казна за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието од 27.4.2017 година… кои до денот на влегување во сила на овој Закон сториле кривично дело здружување заради непријателска дејност од член 324 ст.1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила или лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Кривичниот законик, убиство по чл. 123, насилство по член 386 од Кривичниот законик.“

Она што создава забуна е што во ставот 4 од членот 1 се прави исклучок од исклучоците од амнестијата. Таа одредба гласи: Овој исклучок не се однесува на сторители на кривично дело од член 386 – насилство, како и сторители на кривично дело од член 324 – здружување заради непријателска дејност од Кривичниот законик во врска со член 18,19, 23, 24 од Кривичниот законик.

Одредени правни толкувања велат дека одредбата е вметната за да се осигура дека обвинетите пратеници, кои ги отворија вратите на Собранието, нема да бидат гонети за помагање при сторено насилство или помагање при здружување заради непријателска дејност.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека нема намера да го менува обвинението и да го преквалификува делото за кое се обвинети 33-те лица опфатени со судскиот процес. Но, сега обвинителството и судот се пред нов предизвик. Сите триесет и тројца обвинети ќе имаат пет дена за да поднесат барање за амнестија, а судот во рок од пет дена од приемот на барањето ќе треба да донесе решение за амнестија. Со оглед на тоа што во судскиот процес за 27 април допрва следуваат завршните зборови, обвинителката Русковска, според правните експерти, ќе може да го преквалификува делото за дел од обвинетите.

Она што е извесно е дека амнестијата нема да се однесува на припадниците на полицијата, собраниското обезбедување и на другите безбедносни служби. Во таа група на обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кои тогаш имале службени овластувања се: Митко Чавков, тогашен директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на оперативниот штаб со златна команда; Митко Пешов, началник на Оддел за специјални полициски операции со сребрена команда; Душко Лазаров, началник во Оддел за униформирана полиција, кој бил дежурен во оперативниот штаб. Меѓу обвинетите службеници се и Оливер Поповски – ексначалник во МВР и полицискиот службеник Мунир Пепиќ. Од собраниските службеници за истото се товарат шефот на обезбедувањето на Трајко Вељаноски – Горан Ѓошевски-Леви и Абдулфета Алими од собраниското обезбедување. Амнестијата, веројатно, нема да важи за ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски.

Пред два месеца од собраниска говорница премиерот Заев испрати порака за помирување, подготвен за тоа, како што нагласи, да плати политичка цена, што беше протолкувано како амнестија. Експресно во дообјаснување на премиерот се впуштија неговите најблиски соработници кои убедуваа дека подадена рака не значи амнестија. Но, сепак, (делумната) амнестија ќе се случи.

Дел од правните експерти апелираа дека овој потег за повисока цел може да предизвика подолгорочни негативни ефекти. Дел, пак, од партиите кои во целост ја поддржуваат имплементацијата на договорот помеѓу Македонија и Грција, како и обидите за обезбедување на парламентарно мнозинство кое е неопходно за уставните промени, сметаат дека со предвремено носење на законот за амнестија тешко ќе се откријат сите инволвирани во крвавиот четврток и обидот за државен удар. Според Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, „селективната“ правда дополнително ќе го охрабри претседателот, Ѓорге Иванов да донесе одлука за аболиција на организаторите и насилниците. Оттаму сугерираа прво да се заврши судскиот процес, а потоа да се разгледа можноста за амнестија, со тоа што Законот за амнестија да стапи во сила едновремено со изгласувањето на уставните промени. (Н.К.)