Адио господине Метју

Ерол Ризаов

Го поканив господин Метју Нимиц, 80-годишен њујорчанец да се повозиме проштално на мојот „Ориент експрес“ . Овој многу интересен човек, кој малку зборува и ништо не кажува, ангажиран е од ОН да се занимава без никаков надомест, еве, ќе биде повеќе од 20 години со еден веројатно најбесмислен спор на планетата земја – како да се вика поинаку Република Македонија. Неговата работа е многу деликатна. Тој не смее да биде кум, туку треба само да им помогне на родителите што посвоиле две сестри како да ги прекрстат своите деца, да им дадат нови имиња иако одамна се крстени и се постари од своите биолошки мајка и татко. Замрсено, нели. Ептен, бидејќи едниот старател сака сам да ги крсти и двете деца, така за да не се знае дека се сестри, бидејќи тврди дека се од различни татковци. Проблемот е во тоа што двете сестри многу си личат и не сакаат да чујат некој де им го смени сопственото име, одамна дадено.
Во една ваква ситуација Нимиц не смее ни да го пресече јазолот како Александар Велики или Македонски , сеедно, станува збор за истиот човек со две имиња. Кај нас уште го викаат воин на коњ. Нимиц нема задача ни овластувања – ни да крсти, ни да прекрстува, туку како прав и искусен дипломат, човек ефендија што би рекле моите, треба само упорно со бесконечни разговори и преговори да ги убедува двете страни да најдат заедничко прифатливо решение што е рамно на освојувањето на Марс. Во Њујорк во зградата кај што живее господин Метју освен портирот го познаваат уште неколку станари, а во Македонија и во Грција кај што бил неколку пати во животот и одвај изговорил неколку реченици го знаат сите, и старо и младо, нема човек што не чул за Метју Нимиц. Човекот остаре решавајќи равенка со сите непознати, а кога има познати, се менуваат за време на решавање на задачата. Таман ќе се најде формула, не важи, се појавуваат нови величини и бројки. Левата страна никогаш не може да биде рамна на десната.

Имам неколку прашања за вас господине Нимиц, му велам седнати во најлуксузниот вагон на „Ориент експрес“ со чаши во рацете со извонредно ирско виски.

– Се каете ли што се нафативте на оваа работа без резултат и без пари?
– О, не, никако. Зошто велите дека е без резултат, блиску сме до решение.
– И порано бевте блиску, па ништо.
– Да, се случуваат и такви работи, тоа е составен дел на работата.
– Дали овој пат ќе заврши кумството и кој е вистинскиот кум?
– Да се надеваме. Не разбирам што мислите со тоа вистински кум, предлогот мора да го прифатат двете страни.
– Мислам на Америка, дали таа одреди термин до кога треба да заврши оваа работа? Јас не знам за такво нешто. Кој ја кочи цело време работата да не се најде решение?
– На тоа прашање не можам да ви одговорам.
– Знам, дека не можете да ми одговорите.
– Тогаш, не ме ни прашувајте.

Други прашања немам господине Нимиц, ми беше задоволство да патувам со вас на пат околу светот. Јаваш, јаваш, ама саглам галиба ќе стасаме еден ден и до Брисел. Уште колку има го прашав машиновозачот. Вели уште толку. Важно е да стигнеме. Подобро некогаш, отколку никогаш.

Е, па адио господине Метју Нимиц. Да се видиме пак во некое друго идно време. Таму ќе разбереме дали го решиле проблемот вашите наследници, или го решиле Република Македонија, ОН и ЕУ. Сите исчезнале во меѓувреме. Драг пријателе Метју јас знам што вие мислите приватно за овој единствен од овој тип проблем во светот, ама тоа досега не можевте да го кажете гласно, оти тоа се коси со правилата. Вие сте умен човек, а сепак успеавте да останете нормален, се надевам дека ќе ве служи здравјето да напишете една книга за вашата работа во изминатите децении кога баравте име за Република Македонија што нема да ја вознемирува Република Грција, а кое ќе им се допадне на и Македонците и на Грците. Тоа чудо невидено ќе мора да се учи на факултетите за меѓународно прав, но и на медицинските и на ветеринарните факултети. Напишете го, ве молам, тој балкански бестселер, вашето сведоштво е крунско, тоа му го должите на светот, но и себеси. Направте го тоа не како медијатор, туку како човек. Вие сте редок човек кој имал потешка работа отколку оние што во вашето маало одат по жица меѓу два облакодера, ним им е полесно оти тие сепак успеваат да го изодат тој бесмислен пат. Да, признавам, понекогаш се случува да паднат и да загинат. Велите дека и кај вас може да се случи да не падне сѐ во вода. А, кога тоа се случило?
Досега не се случило, ама овој пат има надеж.
Е, па збогум Метју, јави се кога ќе има што да ни кажеш.