Автобуси како темпирани бомби

Фросина Факова – Серафиновиќ

Автобус со над педесет патници се преврте на патот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци. Непосредно по несреќата, од официјалните институции не можеше да се дознае дали има повредени и загинати, но кога се појави видеото на социјалните мрежи како жителите на Ласкарци ги извлекуваат повредените патници, веќе беше јасно дека се случила огромна трагедија. Новинарите заминаа на лице место, а во Скопје постојано се слушаа сирените на Брзата помош кои брзаа да стигнат на местото на несреќата и да ги спасат повредените. Првичната бројка беше петмина загинати, за потоа постојано да расте и да се искачи на 14. Роднините што знаеја дека нивните најблиски се возеле со кобниот автобус ги бараа своите ќерки, синови, мајки по клиниките во Скопје, а некои нивните тела ги најдоа во Институтот за судска медицина каде што им беше вршена обдукција. Конечниот епилог од несреќата е 15 загинати и над 30 полесно и потешко повредени, некои може ќе останат со трајни повреди, но сите што преживеаја сигурно нема да заборават како се бореле да се спасат и како звучеле лелеците на другите што не успеаја во тоа. Овие 15 невини жртви се најдоа во погрешно време, на погрешно место.

Сепак, трагедијата откри дека стотици патници секојдневно се возеле во автобусите на „Дурмотурс“ кои биле темпирана бомба. Сопственикот си имал свој технички преглед каде што си ги проверувал своите автобуси и иако токму на овој автобус сопирачките не му работеле како што треба, си издавал документација дека автобусот е целосно исправен. Згора на тоа, си вградил уред со кој го манипулирал тахографот, уред што ја мери брзината на движењето на автобусот. И сето ова законот му го дозволувал – да си ги прегледува автобусите во сопствената станица за технички преглед бидејќи таа била регистрирана како посебен правен субјект.

Најстрашно од сè е тоа што речиси сите поголеми превозници си имаат свои станици за технички преглед, така што постои можност уште многу автобуси како овој на „Дурмотурс“ секојдневно да превезуваат патници низ државата и надвор од неа без гаранција дека се исправни и дека не им ги загрозуваат животите. По оваа катастрофа, јасно е дека никој сериозно не контролира дали некој автобус е целосно исправен, дали има или не зимска опрема, колку патници превезува, дали ја надминува бројката на патници и дали зад дозволите и гаранциите што ги поседува стои кредибилна институција. Покрај тоа, автобусот на „Дурмотурс“ од автобуската станица тргнал со само четворица патници, а сите други ги собрал попатно. Вака попатно, сите се качуваме секојдневно во автобусите, некои држејќи ги за рака своите деца, несвесни дека влегуваме во небезбеден автобус кој може да биде крајот за нас. И сега кога никој не може да ги врати животите на загинатите и колку и да земат осигурување нивните семејства, институциите не смеат веќе да дозволуваат вакви импровизации на јавниот превоз. Секој заработен денар со криминални пропусти и измами, кои се правдаат со законски дупки, може да ни се врати на сите како бумеранг. Во автобусите на смртта може еден ден да се најдеме и ние, ќерката или синот на тој што издал потврда дека тахографот е исправен и на оној што го монтирал уредот, и на оној што издал документација дека сопирачките се исправни и на сите што влегуваат во автобусите.