Бикини – костимот наполни 72 години, но не е стар
Во јули 1946 година Луј Реар во Заводот за патенти во Париз со едноставен цртеж го пријави својот изум – дводелниот костим за капење. Тогаш никој не знаеше дека четирите мали триаголници од штоф, подобро познати како бикини, некогаш ќе владеат со плажите ширум светот. Но, во далечната 1946 година ниту една манекенка не се осмелуваше да облече бикини. За премиерата на 5 јули 1946 година Реар изнајми базен, а бикинито го носеше стриптизетата Мишел Бернандини.
Луј Реар, всушност, беше машински инженер, но ја презеде продавницата на мајка му и така се запозна со светот на долната облека. Реар одлучи за име на својот костим за капење да го избере името на малото пацифичко островче – Бикини, на кој Американците четири дена пред неговата модна ревија тестираа атомска бомба.
На јазикот на островјаните името бикини значи земја на многубројни кокоси, но тоа тогаш беше симбол за нуклеарните тестирања. И креацијата на Реар имаше ефект на бомба, барем во светот на модата и она што се нарекува дух на времето.
На почетокот продажбата не одеше добро, а во католичките земји како Италија, Шпанија или Португалија, црквата тргна во вистинска крстоносна војна против бикинито. И во САД еден женски магазин во 1957 година напиша дека е „практично незамисливо дека една пристојна девојка некогаш би носела такво нешто“.
Французите отсекогаш биле нешто послободни и така во 1956 година Брижит Бардо се појави во бикини во филмот „И Бог ја создаде жената“ – и предизвика вистинска сензација. Шест години подоцна, во првиот филм за Џејмс Бонд, во бикини се прошета и Урсула Андрес. Подемот на бикинито веќе не можеше да се запре.
Цели 72 години по скандалозната и сензационална презентација на првото бикини, дводелниот костим за капење е нормална појава на плажите ширум светот, никој не се врти по него, евентуално по неговата сопственичка, но тоа веројатно би било исто и да е во едноделен костим. (Дојче веле)