Зошто молчи Захариева?


Во пресрет на новата средба на Историската комисија, која се претвори во тоа што се очекуваше – алатка на политиката, паѓа во очи дека тие што ја испровоцираа целата оваа мизерија во односите меѓу Бугарија и Македонија, одеднаш замолчеа

 

Слободанка Јовановска

Зошто се сокри Екатерина Захариева, каде го снема Красимир Каракачанов, дали се менуваат улогите во Софија, дали постигнаа тоа што сакаа па се повлекоа или, пак, се уплашија од резултатите на тоа што го покренаа, а не се во согласност со нивните големобугарски и другите очекувања за тоа колку можат да ги покажуваат мускулите како земја-членка на ЕУ?

Она што е сигурно во моментов е дека вето сѐ уште има, а се бројат деновите додека Софија може да врши притисок врз Македонија да ги прифати нејзините радикални барања. Она што е сигурно, исто така, е дека Захариева и Каракачанов исчезнаа по фамозното интервју на премиерот Зоран Заев, откако претходно на секои три саати имаа што да кажат за Македонија, а како последна се памети изјавата на министерот за одбрана дека му дошол „акалот “ на премиерот. Очигледно и во Скопје и во Софија сфатија дека двајцата претераа, дека повеќе провоцираа отколку што водеа политика, нешто што не го прави ниту еден сериозен европски политичар во овие времиња. А, кои беа резултатите од тоа однесување за Бугарија?

Иако во бугарското општество постоеше едногласие дека Македонија треба да си ја преиспита историјата, по ваквите испади на двајцата бугарски функционери, стана огромен хорот на бугарски новинари и интелектуалци кои велат дека ветото на Софија за Македонија во ЕУ е најголема грешка на таа држава последните триесет години од историјата. Дека не само што нѐ оддалечија нас Македонците од себе и си ја урнаа првата шансата ( по неуспешните три обиди) да ја избришат границата меѓу Македонија и Бугарија со влегувањето на нашата држава во EУ, туку и ја свртеа Македонија кон Србија. Блокирајќи ја Македонија, Бугарија наедно го блокираше и цел Балкан, а пред сѐ Албанија, иако реално ја поддржа, без да води сметка дека Тирана е чувствителна на перспективите на Албанците во Македонија. Играјќи, пак, на албанската карта, т.е. подели па владеј, се пресметаа сосема, бидејќи Албанците кај нас не сакаат да живеат во држава на Македонци декларирани како Бугари до бугарска држава која сѐ уште покажува големостефански амбиции.

Реакцијата, пак, на поранешниот шеф на српската дипломатија Ивица Дачиќ и на поранешниот грчки министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, покажа дека со ваквата политика Софија ќе се скара и со соседите, дека и тие се запрепастени од шовинистичките, како што вели Козијас, идеи на политичката елита во земјата и од тврдењата дека не биле окупатори туку ослободители на Македонија. Уште повеќе што Србија треба да очекува истото тоа да ѝ го постави како услов Бугарија ако се најде пред влегување во ЕУ. Очигледно соседите најдобро разбраа кои комплекси и какви амбиции стојат зад актуелните барања на Бугарија во однос на Македонија и дека тие не се воопшто европски.

Захариева и Каракачанов направија штета и во однос на позицијата на Бугарија во ЕУ и воопшто на меѓународната сцена. Освен што „Фајненшел тајмс“ ја стави формално во групата на проблематичните земји членки на ЕУ (а овој весник важи за продолжена рака на Европската комисија), се активираа и мрежите што ги видовме во времето на уривањето на Никола Груевски. Или, попрецизно. откако прво почнаа да излегуваат политички анализи за состојбите во Бугарија во време на ГЕРБ, сега почнаа да се објавуваат  корупциски скандали за Бојко Борисов и други детали за политичките канали на Каракачанов, што е јасна порака дека работата со ветото на Софија ја презедоа разузнувачките структури. Најверојатно тоа го сфатија досега и во Софија, па ги замолија Захариева и Каракачанов да се сокријат. Она што, според самиот Борисов, најмногу ги погоди е исто така вадењето на македонското малцинство на меѓународната сцена преку резолуција на Европскиот парламент, што е јасна порака дека Брисел сака да им стави крај на двојните стандарди во однос на човековите права во своите редови преку примерот со Бугарија. И, ова ќе трае и по тргањето на ветото на Бугарија, со што Захариева како прва дипломатка ииспровоцира тежок удар за бугарската дипломатија.

Што е уште поважно, изјавите на Каракачанов и Захариева место да нѐ заплашат и премислат, испровоцираа таква силна и одбивачка реакција во Македонија  што стана очигледно и за јавноста во Бугарија дека штетата од нивното работење е многу поголема од користа,a двајцата кај нас станаа олицетворение на говор на омраза од Бугарија. Најдобра илустрација за ефектите од нивните пораки кон Македонија беше оштетувањето на споменикот на удавените недолжни бугарски граѓани во Охрид и објавувањето на податоците за носителите на бугарски пасоши – нешто што сигурно го погоди нервот на Софија. Без пасошите, главниот аргумент на Бугарија дека Македонците имаат бугарски корени и самите ги декларираат, ќе падне темелот на нивната дволична политика кон признавањето на нашата држава. Самата помисла дека може да се намножи бројот на граѓани што ќе ги вратат пасошите и ќе изјават дека не се чувствуваат Бугари туку ги купиле заради практични причини, ќе биде исмејување за владата во Софија.

Генерално, со своите потези Софија не ги загрози само односите со Македонија и не ги влоши односите само со македонските граѓани, туку и го загрози Преспанскиот договор. Бидејќи ако добие повеќе, некои вжештени глави во Грција ќе го отворат повторно тоа прашање, а ако ние ставиме кочница на нивните барања и кренеме раце од ЕУ, ќе паднат и Преспанскиот и бугарскиот Договор за добрососедство. Без членството во ЕУ тие не вредат ни пет пари, односно нема зошто да прифаќаме какви било уцени од кого било. Затоа, кога од Софија порачуваат дека тие биле најголеми борци за евроинтеграцијата на Македонија треба да знаат дека не сме наивни, бидејќи ни е јасно дека без тоа нема како да ни наметнуваат бугарски корени.

Софија со својата политика и удри голема шлаканица и на Германија, и во однос на фашизмот, и во однос на резултатите од нејзиното претседателствување со ЕУ. Си удри и шлаканица на себеси, бидејќи со денови во Македонија се споделуваат фотографии од убиени борци во НОБ и жртви на бугарската окупација, при што нема да се смени ништо и ако таа се нарекува администрација, додека паралелно во цела Европа се отвора еврејското досие на Бугарија, кое таа се децении се обидува да го исполира историски.

Софија го посрами и НАТО, бидејќи нејзин министер се закани на сојузничка земја дека ќе интервенира воено и ќе урива споменици низ земјата. Ривалството, пак, околу тоа кој ќе го чува небото на Македонија покажа дека Бугарија не треба да живее во илузија дека само таа гледа свои интереси во нашата држава. Во Брисел Бугарија е сосема изолирана, а кога тоа се случува, пораката до земјата е многу јасна – дека нешто не е во ред со нејзината политика. Ако некој сериозно се налути, ова вето Софија може да го плати со друго вето за прашање што е битно за неа како држава, особено сега кога е актуелна дебатата околу тоа кој може да добива пари од буџетот, а за нејзиното владеење на правото има мониторинг. Се јавија и од САД со јасна порака дека не сакаат блокада на Македонија заради билатерални прашања. 

На крајот, Софија ја затресе и фотелјата на премиерот Зоран Заев и го урна сосема угледот на ЕУ во Македонија. Евроинтеграцискиот процес досега беше апсурден, а сега стана и срамен поради небулозните барања на Бугарија кои немаат врска со здрава логика, а не пак Копенхашките критериуми. Заев пак е единствениот што има волја да ги слуша бугарските барања, а праќајќи го Владо Бучковски како специјален преставник, прати порака дека и нему му е доста и дека нема да си го урива рејтингот за Захариева и Каракачанов да лечат комплекси од историјата.

Повлекувањето од проектот Белене е прва порака од нас дека реалноста се случува во економијата, а не во историјата и дека мора да го земат во предвид и ваквиот одговор. Почнаа да се слушаат и мислења дека Договорот за добрососедство сега повеќе ги расипува односите отколку што ги помага и дека тој е главната кочница за преговорите меѓу двете земји. Практично сите политички „кули“ на Захариева и Каракачанов почнаа да се уриваат како тие во САД на 11 септември. Затоа им се брза толку многу да добијат нешто од Македонија, затоа Ангел Димитров доаѓа со негативен став пред да почне состанокот на Историската комисија, затоа нема што да кажат веќе Захариева и Каракачанов, иако Бојко Борисов во интервјуто за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ застана зад нивната позиција.