Зошто е толку висок нашиот извоз во ЕУ?


НИКОЛА ПОПОВСКИ

Нашата земја, која претставува само 0,4 отсто од населението на ЕУ и само 0,065 отсто (0,65 промили) од обемот на нејзината економија, а која има стандард на населението мерен преку показателот за БДП по жител на ниво од 16 отсто од просекот на ЕУ (4.800 наспроти 30.000 евра по жител во 2017 година) успева да реализира околу 82 отсто од вредноста на својот вкупен извоз и околу 63 отсто од вкупниот увоз во размената со земјите членки на ЕУ. Тоа е многу високо ниво на концентрација на надворешната трговија со земјите од ЕУ и тоа е добро бидејќи ние одамна фиксно го врзавме курсот на нашиот денар со еврото и сакаме еден ден да бидеме дел од Унијата, секако бидејќи нејзиниот единствен пазар е еден од најконкурентните и најпосакуваните во светот на кој секој би сакал да земе дел од колачот. Македонија го прави тоа во услови кога, пред сè, заради малиот обем на својата економија и релативно нискиот удел на услугите во структурата на БДП, вкупната размена со светот секоја година ја надминува вредноста на обемот на сопствениот БДП. Тука нема ништо чудно и необично. Но обемот на трговијата со ЕУ сепак покажува висока вредност и тоа се должи на неколку фактори: традиционална поврзаност на нашата економија со тие пазари; еден дел од поголемите домашни компании и СДИ во индустријата што имаат висок обем на увоз и извоз директно во ЕУ и конечно самото ширење на ЕУ во нашиот поширок регион со кој ние имаме цврсти трговски врски. Кога би претпоставиле дека, на пример, и Србија и Турција како наши големи трговски партнери би станале членки на ЕУ, без никаков посебен напор нашата размена со ЕУ би се подигнала на уште повисоко ниво.

Едно од интересните прашања е да се откријат причините и факторите за толку големата поврзаност на нашата трговија со онаа на ЕУ, особено на извозната страна која надминува 4/5 од нашиот вкупен извоз. Мора да постојат некои сериозни компаративни предности што нашиот извоз, иако во апсолутни вредности не така многу голем и вреден, го прават конкурентен на елитните и конкурентни европски пазари. Веројатно е дека од повеќето фактори, четири можат да бидат многу важни.

Едниот од нив и секако многу значаен е евтиниот труд во нашата земја. Таа компонента во извозните стоки, во други непроменливи околности, ги прави истите поконкурентни од домашните стоки на ЕУ. Како доказ на тоа се важни два показатели – цената на трудот по час кај нас и во ЕУ и компарацијата на регулацијата на висината на минималната плата. Цените на просечната бруто наемнина во форма на трошоци по единица работен час во ЕУ се многу високи. Тие, според податоците на Евростат, во 2018 година биле во просек околу 27 евра по час и со распон од 44 евра во Данска и 39 евра во Белгија до околу 7 во Романија и 5 во Бугарија. Во Македонија, според сопствените пресметки просекот е околу 3,5 евра за час. Нема сомнеж дека тоа претставува огромна компаративна предност и дава посебни шанси на извозот бидејќи во стоките што се извезуваат се содржи околу 7 до 8 пати помал трошок за трудот (работната сила). Дали тоа е за нас прифатливо и дали всушност се работи за огромна „експлоатација“ на домашните трудови ресурси во Македонија, е многу сериозно прашање кое бара посебна анализа. Од друга страна регулацијата на висината на минималната плата е исто така многу значаен фактор. Додека во ЕУ, според Евростат, во јануари 2019 година минималната месечна плата е утврдена во распонот од околу 280 евра во Бугарија и 400-450 евра во Латвија и Романија, па до над 1.500 евра во В. Британија, Франција, Белгија, Холандија, Германија и т. н., кај нас таа е на ниво од 200 евра и во регионот на Западен Балкан е повисока само од онаа на Албанија. Податоците се јасни сами по себе и ја надополнуваат претходната констатација. Тоа во голем дел го стимулира нашиот извоз во ЕУ.

Друг фактор се цените на енергијата, особено електричната која се калкулира како значаен трошок во најголемиот број на извозни производи, особено нашите традиционални производи за извоз. Таа во Македонија е значително пониска од онаа во ЕУ и за корпоративниот сектор при крајот на 2018 година изнесувала околу 0,065 евроценти по кв/ч наспроти просекот на ЕУ што е скоро двојно поголем и изнесува околу 0,11 евроценти по кв/ч. Дополнително на ова, ние сме земја која освен ДДВ не наметнува никакви други даноци или давачки на цената на електричната енергија, што не е случај никаде на друго место во Унијата во која во просек, според Евростат, тие давачки учествуваат со 30 отсто во финалната цена на енергијата. Најчесто тоа се акцизи и други еколошки даноци или други давачки. Слично е и со цената на електричната енергија за домаќинствата, но тие не се извозен сектор. Ваквата поставеност на системот, дополнително го прави извозот на стоки од нашата земја во ЕУ поконкурентен за разликите во тие цени.

Понатаму, сериозна компаративна предност на извозот претставува и нашата целосна негрижа за сопствената животна средина, за која немаме скоро никаква сериозна регулатива и сериозни давачки што би ги компензирале негативните екстерналии од нејзината деградација и уништување. Како што е познато немаме ни други посериозни мерки за заштита. Дури и кога ги имаме, тие не се спроведуваат. Тоа во ЕУ не е случај, па затоа непостоењето на ваквите трошоци на производството во најголем дел се трансферираат како компаративна предност во цените на извозот на готови стоки. Дополнително на ова во Македонија е потценета и вредноста на природните ресурси. Тие, особено градежното земјиште за СДИ, се практично непостоечка трошочна ставка (постои систем на ослободувања и симболични доделувања), а познато е дека се релативно високи за домашните компании и самите компании во ЕУ. Таквата нивна потценета вредност станува компаративна предност на нашиот извоз. Тоа е случај и со цената на другите природни богатства (експлоатација на минерални и неминерални богатства, друг вид на земјиште, водни ресурси, фреквенции и сл.) што по многу ниски концесиски цени се доделуваат на нивните корисници. Наспроти тоа, природните богатства во ЕУ стануваат сè поскапи.

Конечно, една од големите компаративни предности во земјава се и исклучително ниските даноци, особено оние на доходите – личните доходи и добивката на компаниите. Тие, со стапки од само 10 отсто се многу конкурентни во ЕУ бидејќи истите таму достигнуваат и до два или три, па и четири пати повисоки нивоа. Со тоа ниското даночно оптоварување со директните даноци на доходите во земјава е конкурентно. Реформата со прогресивното оданочување, за жал, зафати помалку од 2 отсто од лицата со лични доходи во земјава и не влијае битно на вкупните трошоци на компаниите, особено извозните. Нормално, тоа од своја страна создава постојан недостаток од задоволително ниво на квалитетни јавни добра во Македонија и притисок врз буџетските дефицити, но тоа, исто така, е сосема друго прашање.

Се разбира дека постојат и многу други фактори што се поволни на нашата конкурентност и не претставуваат проблематични зони на конкурентноста како претходните, туку влијаат на позитивната компаративна предност на нашиот извоз во ЕУ, но за нив во некоја друга пригода. Овие за кои сега стана збор можеби и не се најдобриот избраниот микс на економската политика за градење на нашите интерсекторски компаративни предности за вкупната економија, но ете, успеваат засега да го одржат нашето извозно присуство на тие пазари на задоволително за нас ниво.