Жителите на Ибица живеат во автомобили и шатори поради високите цени на киријата


Цезар Небрера е еден од мештаните на Ибица кои живеат во своите автомобили бидејќи поради зголемените цени на киријата не може да си дозволи соодветен дом.

Небрера е принуден да живее во својата зелена Kia, која ја паркирал под дрво до главниот пат недалеку од градот Ибица.

„Ми недостигаат основните работи кои го прават животот удобен, како што е да можам да стојам дома, да готвам, да отворам фиока за да земам чорапи и слични работи. Ова се работи што не можете да ги правите кога живеете во автомобил“, тој кажа.

Тој живее во својот автомобил веќе три години, вработен е како готвач, но цените на киријата на шпанскиот остров Иници значително се зголемени така што тој не може да си дозволи да живее во стан.

„Сместувањето на Ибица е многу скапо и станува се поскапо. Цените на киријата се целосно непропорционални со она што можете да го заработите. Ваквиот живот е алтернатива, помалку е удобен, но ми овозможува да продолжам да живеам на островот”, рече Цезар.

Ибица е еден од четирите главни медитерански острови што ги сочинуваат шпанските Балеарски Острови, а другите се Мајорка, Менорка и Форментера. Многу локални професионалци во Ибица живеат во слични несигурни услови поради цените на киријата. Минатата година, IGC, претставничкото тело на полициските сили на цивилната гарда, рече дека тројца или четворица полицајци живеат во возила на островот. Другите локални жители се принудени да живеат во шатори или во екстремно основно заедничко сместување. Оваа ситуација станува вообичаена.

Високите каматни стапки и трошоците за живот се причините поради кои многу Шпанци не купуваат недвижен имот, што ја зголемува побарувачката за изнајмување сместувачки капацитети, а со тоа и трошоците за изнајмување. Цената на кириите само во изминатата година се зголеми во просек за 18 отсто.

Статусот на Ибица како туристички центар на мала област ја истакна оваа појава, така што во некои случаи лани поскапувањето изнесуваше и до 40 и 50 проценти. Една соба чини меѓу 700 и 1.000 евра месечно, додека скромен стан чини 1.500 евра.

Изабел Марија Перез, која работи како касиерка во супермаркет и нејзиниот партнер, кој работи во хотел со пет ѕвездички, морале да го напуштат изнајмениот стан кога тој бил продаден. Оттогаш, тие живеат со неговата мајка, а ситуацијата ги натера да размислуваат за преселба на копното исклучиво поради станбената ситуација.

Невработеноста на Ибица е помалку од 5 отсто, во Мадрид е 8 отсто, а во Севиља е 19 отсто.

Ибица има 160.000 жители, а минатата година ја посетиле 4 милиони туристи, што е нов рекорд. Дури 84 отсто од економската активност е поврзана со туризмот.