Жестока битка за селото Пјатихатка во областа Запорожје (Видео)


 

Последното село, осмо по ред, што го поврати под свое владение Украина е Пјатихатка во областа Запорожје. Официјален претставник назначен од руските окупаторски власти во неделата призна дека Украина го повратила под своја контрола селото што е нејзин прв успех на тој фронт откако ја започна својата контраофанзива претходно овој месец. Владимир Рогов рече дека украинските сили го зазеле селото и дека ги формираат позициите под оган од руската артилерија.

„Офанзивите ‘бранови‚ на непријателот дадоа резултати, и покрај огромните загуби“, рече Рогов на апликацијата за пораки Телеграм. Тешките борби продолжуваат во областа, додаде тој.

На оваа видео снимка од воздух се гледа дека битката кај Пјатихатка била многу жестока.

Покрај напредокот во Запорожје, украинските сили уништија „големо“ складиште за муниција во близина на окупираниот пристанишен град Хеническ во јужниот регион Херсон, изјави во неделата Серхи Брачук, портпарол на воената администрација на Одеса. Украинските медиуми објавија видео снимки на кои се гледа како огромен облак од чад се издигнува далеку на хоризонтот со звуци на експлозии.

Според воените аналитичари, украинската војска сака да го растегне фронтот на кој се распоредени руските војници и да ги открие нивните слаби точки и таму да се насочат силите за пробој. Според некои, засега непотврдени извештаи, украинските сили ја преминале и реката Днепар откако беше уништена браната Нова Каховка, а тоа им го овоможило ниското ниво на водениот резевоар, кој истекува, а за тоа да не биде потребен голем анфибиски зафат.