Зеленски во Хаг додека Киев го тресат експлозии
Украинскиот претседател ќе разговара со премиерот Руте и ќе го посети Меѓународниот кривичен суд
Експлозии се слушнаа во Киев и други украински градови, еден ден откако Русија ја обвини Украина дека извршила напад со беспилотни летала врз Кремљ.
Напади беа пријавени и во Запорожје и Одеса на југ.
Воздушните напади доаѓаат додека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да зборува во Хаг како дел од неочекуваната посета на Холандија.
Тој ќе го посети и Меѓународниот кривичен суд, кој ги истражува наводните руски воени злосторства во Украина.
Украинската противвоздушна одбрана го издржа најинтензивниот руски воздушен напад врз Киев од почетокот на годината во текот на ноќта кон четвртокот, изјави воениот началник на главниот град.
„Нашиот град не доживеа толкав интензитет на напади од почетокот на оваа година! Агресорот синоќа изврши уште еден голем воздушен напад врз главниот град“, напиша на Телеграм Серхи Попко, шеф на градската воена управа на Киев.
Сите руски ракети и беспилотни летала „беа уништени во воздушниот простор на Киев од нашите сили за воздушна одбрана“, рече Попко откако силите на Москва го нападнаа градот со „проектили од типот Шахед и бараж муниција, веројатно балистички“. Нема цивилни жртви или оштетувања на станбени згради и инфраструктура, додаде тој.
Русија ја обвини Украина за обид за атентат на претседателот Владимир Путин, но Зеленски негираше дека неговата земја го извршила нападот.
Во средата тој рече: „Ние не го напаѓаме Путин или Москва. Ние се бориме на наша територија. Ние ги браниме нашите села и градови“.
Зеленски говореше во Финска, каде што беше во ненадејна посета и се сретна со својот фински колега Саули Ниинисто и лидерите на Шведска, Норвешка, Данска и Исланд.
За време на посетата на Холандија, Зеленски се очекува да се сретне со холандскиот премиер Марк Руте. Холандските медиуми објавија дека двајцата најверојатно ќе разговараат за барањата на Зеленски за поголема воена поддршка – имено оружје со долг дострел и борбени авиони.
Минатиот јануари, Руте рече дека снабдувањето со борбени авиони не е табу тема, иако таквиот потег би бил „навистина голем следен чекор“.
По наводните напади со беспилотни летала, Русија се закани дека ќе возврати кога и каде ќе смета дека е потребно.
Во средата, во руските напади врз јужниот украински регион Керсон загинаа 21 лице. Официјални лица рекоа дека меѓу жртвите има клиенти на супермаркет и вработени во енергетска компанија кои вршеле поправки.
И во раните утрински часови во четвртокот, сирените за воздушен напад одекнаа низ многу украински региони. Силни експлозии беа пријавени во Киев и Одеса.
Во исто време, беспилотно летало погоди нафтена рафинерија во јужна Русија, при што беше запален дел од неа – последната во серијата експлозии, пожари и напади со беспилотни летала што се случија во Русија во последните недели.
Некои коментатори тврдат дека наводниот напад со беспилотно летало врз Кремљ бил внатрешно спроведен и намерно организиран од Русија.
Институтот за проучување на војната рече дека е „исклучително малку веројатно дека два беспилотни летала можеле да навлезат во повеќе слоеви на противвоздушната одбрана и да детонираат или да бидат соборени веднаш над срцето на Кремљ на начин што обезбедил спектакуларни снимки убаво снимени на камерата“.
Се вели дека „Русија најверојатно го организирала овој напад во обид да ја врати војната дома пред руската домашна публика и да постави услови за поширока општествена мобилизација“.
Јуриј Ихнат, портпарол на украинските воздухопловни сили, рече дека смета оти Русија го организирала нападот врз Кремљ за да се обиде да „покаже некаква ескалација од страна на Украина“.
Поранешен руски пратеник поврзан со милитантни групи во Русија тврди дека наводниот напад со беспилотно летало врз Кремљ во средата бил дело на, како што ги нарекува, руските партизани, а не на украинската војска.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Илја Пономарев изјави дека „тоа е една од руските партизански групи“, додавајќи дека „не можам да кажам повеќе, бидејќи тие сè уште јавно не ја презеле одговорноста“.
Пономарев, кој живее во егзил во Украина и Полска, беше единствениот руски пратеник што гласаше против анексијата на Крим од Русија во 2014 година и оттогаш е вклучен на списокот на осомничени за тероризам, според руските власти.
Според Пономарев, членовите на партизанската група во Русија обично се „млади, студенти, жители на големите градови. Јас знам за партизанската активност во приближно 40 градови низ Русија“, изјави тој.