Педијатар во Германија обвинет за сексуална злоупотреба во 130 случаи
Педијатар вработен во болница во близина на Берлин е обвинет за вкупно 130 случаи на сексуални престапи, од кои поголемиот дел биле извршени во рамки на самата болничка установа, соопшти денеска германското обвинителство.
Размерите на злосторствата, кои вклучуваат тешка сексуална злоупотреба на деца и силување, претходно не беа познати во целост. Педијатарот се наоѓа во истражен затвор од ноември минатата година, а обвинителите го оправдуваат неговото задржување поради висок ризик од повторување на делата.
Случајот излезе во јавност во јануари, кога беше објавено дека лекарот наводно сексуално злоупотребил дете додека бил на дежурство во болницата во Ратенов, западно од Берлин. По пријавата од мајката на детето, полицијата изврши претреси при кои беа запленети бројни уреди за складирање податоци. По ова, обвинителството во Потсдам започна истрага за да утврди дали има и други жртви.
Според обвинителниот акт подигнат на 6 мај, 130-те кривични дела се случиле во периодот од почетокот на декември 2013 година до ноември 2025 година. „Обвинетиот се товари дека најголемиот дел од делата ги извршил за време на извршувањето на неговите професионални должности“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Од болничката групација „Хавеланд клиники“ (Havelland Kliniken), која управува со болницата во Ратенов, изјавија дека овие обвинувања сериозно ја поткопуваат довербата на пациентите. Тие веќе воведоа жешка линија за дојави и најавија ревизија на безбедносните протоколи. Во случајот со детето пријавено во јануари, групацијата призна дека бил прекршен протоколот кој налага присуство на трето лице за време на педијатриски преглед.
Регионалниот суд во Потсдам најави дека дополнителни детали ќе бидат соопштени откако канцеларијата за односи со јавноста ќе го прими целосниот предмет.