Здравството на лечење


Министерот за здравство утре ќе го предводи протестот на лекарите против зачестените насилства врз белите мантили. Потоа ќе распише тендер за приватна агенција што ќе ги обезбедува најкритичните кампуси како Ургентен, Кардиологија и Токсикологија.

Денешната слика од состојбите во здравството е одлична парадигма на вкупното расположение во општеството. Немоќ и нетрпеливост што се манифестира и врз оние што треба да се грижат за нашето здравје. Иронија.

Но работите се многу посериозни и не се за потсмев. И, притоа, не е виновен само министерот за здравство. Ниту овој сега, ниту тие пред него. Тука станува збор за комплетно губење на вредностите и недостиг од систем.

Не дека не се правеа и се прават обиди да профункционира здравствениот систем. Идејата за „Мој термин“ не е лоша сама по себе, но проблемот е што не се почитува. Политиката „преку ред“ е и натаму доминантна, граѓаните се лутат и за односот што го добиваат од лекарите, нивната дрскост и поставување од високо. Секако, не од сите доктори, во сите фели има бижутерија и злато. Не мора кај сите да се фаќаат врски и ургенции за да се добие професионален третман.

Стручноста на докторите во земјава никогаш не била проблематична. Нуспојавата е веројатно во ниските плати во однос на колегите од странство, немањето доволно модерни апарати и средства за инвестирање во нивното знаење, поради што масовно ја напуштаат земјава. Но тоа не значи дека треба да ја изгубат човечноста кон оние што во нив гледаат како кон господ. Хипократовата заклетва многу често се заборава.

Од друга страна, иако револтот на граѓаните од услугата е донекаде разбирлив, не може да се најде никакво оправдување за физичките напади врз докторите. Земањето на правдата во свои раце никогаш не води кон правдина. Револтот некогаш е и нерационален, особено кога сме изгубиле близок, а уверени сме оти можело да биде спасен ако докторот… направел нешто повеќе.

Сепак, несфатливо е да се претепа доктор тој да падне во бесознание само затоа што не сакал да потпише дека неговиот колега не бил на работното место во ординацијата. Тоа не е негова задача. И зошто тој да плати да биде жртва поради отсуството на колегата?

Кој е тој што може да одреди која е доволно силна причина да се нападне доктор? Каде тогаш ќе биде границата? Дедото на Тамара доби 7,5 години за обид за убиство врз ексминистерот за здравство. За жал, судството не е толку експедитивно и правично кога се во прашање и другите примери на земањето закон во свои раце. Впрочем, последниот напад на доктор е извршен во присуство на полицајци. Каква е тоа дрскост и безобразност, па и храброст, да се нападне лекар пред очи на полицијата која не мрднува ни со прст?

Министерката за правда предупредува дека нема разлика во висината на казните кога се во прашање нападите врз лекарите или полицајците. А министерот за здравство дополнува дека и тој се плашел за својата безбедност кога работел како лекар.

Казните не смеат да бидат единствен постамент врз кој ќе се потпира безбедноста на лекарите. Државата мора да им обезбеди подобри услови за работа. А тие ќе мора да покажат дека за нив сите пациенти се исти и кон нив се однесуваат професионално, љубезно и учтиво. Кога здравството, образованието и судството би тргнале напред, можеби ќе се намалат и тензиите во општеството. И ќе има помалку од оние што се ставаат над правдата. И не се плашат од неа.

Горан Адамовски