Зајдисонце


ЛЕЈЛА САБИТ

Велат најубаво е во наша Трпејца и во грчкиот Санторини.

На плажа, на планина, во море, во кафуле, приватно, службено, како романтичен момент, во момент на слабост, во момент на триумф, туристичка атракција, неопислива убавина, уникатни фотографија и доживување, сами, во двојка, во друштво, во тишина или со врева.

Некој чека изгрејсонце, некој зајдисонце, и на одмор и во животот.

Есента полека тропа на вратата на природата и на нашето секојдневие.

Сончевите зраци како да продираат низ камениот маркер и имате чувство дека сонцето сјае низ една мала дупка, како на изгрејсонце на локалитетот Кокино.

Сакаме топло, уште повеќе се радуваме на падот на температурите и чекаме да не освежи дожд.

Свесни сме, поминуваат летните радости, доаѓаат есенските грижи.

Од нас зависи дали пред гостинот есен ќе се покажеме како добри домаќини или како учтиви странци кои секогаш ве поздравуваат, ама ретко ве канат на кафе.

Некој од својата работа оваа есен ќе собира плодови, некој ќе ужива да гази по ќилимот од лисја, а некој ќе исправа грешки, погрешно донесени одлуки, нездрави навики и ќе решава проблеми.

Како да издржиме уште една романтична есен, во тотално загаден политички и економски амбиент, и нарушени меѓучовечки односи?

Како граѓани, да игнорирате, да учествувате, да придонесувате, да обвинувате, да пцуете, или едноставно да ја почнете сезоната на печење пиперки за претстојната зима?

Место да се дружиме, се отуѓуваме.

Место да останеме, размислуваме како да побегнеме.

Место да напредуваме, назадуваме.

Место да уживаме во сегашноста, се плашиме за иднината.

Место да размислуваме за Нова година, ни кројат нови избори.

И што сега?

Како што велат старите-кој за што учел, го фатиле или му нашле докази.

Некој ќе пече ајвар, некој ќе се пече во фотеља, некој во затвор, некој ќе се спрема за спа или скијање во Сен Мориц, а некој ќе чека да помине есента.

Зимата е нова приказна!