Зaгубен паричник, пронајдена чесност и иднина


ИЛО ТРАЈКОВСКИ

Минатата година, на паркингот пред мојата зграда, го изгубив паричникот. Беше „полн“ – со лични документи, разни потрошувачки картички и една солидна сума пари наменети за месечните трошоци на ќерката студент. Се скапавме туфкајќи заедно со сопругата, но се надевавме дека ќе го најде некој чесен човек и дека ќе ни го врати. Размислував како ќе се заблагодарам.

Надежта дека тоа може да се случи ја потпирав врз инвестицијата која сме ја направиле во воспитувањето на нашите деца. Ги воспитувавме и сè уште ги воспитуваме да бидат чесни и искрени со другите и пристојни во јавниот простор. И конкретно, мојот син, две години пред оваа случка, додека беше на одмор во Охрид, најде паричник „полн“ со документи и пари. Најдениот паричник го пријавил во локалната полициска станица и по ден-два доби повик од сопственичката. Жената, со адреса од Скопје, близу мојата населба во Аеродром, ја искажала својата благодарност, но и вчудовиденост што сè уште има и чесни млади граѓани.

Затоа, кога јас го загубив мојот паричник, си велев, ете чесноста што сум ја инвестирал во моето дете ќе ми се врати со чесноста на наоѓачот на мојот паричник. Но не бидна така. Си велам, најверојатно мојот паричник го нашол некој во поодминати години кому парите повеќе му требаат – на пример, да им купи или подаде нешто на своите деца. Но ќе им каже ли нешто за чесноста како што раскажувам јас? А раскажувам поради тоа што, како социолог, знам дека без граѓанска чесност нема благопријатен живот со други луѓе, нема уредено општество.

На овие лични истории се сетив деновиве читајќи ја извонредната студија „Граѓанската чесност ширум светот“, објавена во јунскиот број на списанието „Science“ (Наука), на американската Асоцијација за напредок на науката. Авторите на студијата, четворицата истражувачи од различни универзитети од Европа и САД, извеле експериментално истражување во четириесет земји во светот. Експериментот се состоел во мерење на бројот на враќања на најдени загубени паричници. Да нема недоразбирање, Македонија не учествувала во овој експеримент. Значи, паричникот што го најде и го пријави мојот син и паричникот кој го загубив јас, а го најде и, наместо да го пријави, си го ќари некој наш нечесен граѓанин, не се дел од експериментално загубените па најдени паричници.

Соработници на истражувачите во 355 градови во 40 земји во светот пријавиле како најдени вкупно 17.000 експериментално загубени паричници. Во сите имало три бизнис-картички со име презиме и имејл на замислен сопственик, листа за покупки и адреса напишани на локалниот јазик за да назначи дека сопственикот е локалец. Паричниците биле проѕирни со цел да може без отворање да се види дали има пари или нема. Експериментот се состоел во тоа што соработник доаѓа на шалтер на некоја јавна институција (банка, театар, музеј или пошта, полициска станица или слично) и пријавува дека пред влезот го нашол паричникот, но дека се брза и затоа го остава на службеникот со молба да се погрижи за тоа и излегува без да остави свој контакт. Потоа, истражувачите чекале сто дена, од денот на оставањето на паричникот, дали ќе биде контактиран наводниот сопственик.

Очекувањата на истражувачите биле во рамките на постојните теории за чесноста и чесното однесување. Според класичните економски модели засновани на теоријата за разумниот избор, се очекувало дека чесноста отстапува пред личниот материјален интерес, односно колку се поголеми материјалните добивка толку е поголема нечесноста. Слично предвидувале и психолошките модели засновани на теориите за алтруистичкото однесување. Според нив, нечесноста се зголемува со зголемувањето на личните добивки – ние се грижиме за другите, но повеќе за себеси лично.

Спротивно на ваквите очекувања, експериментот со загубениот па најден паричник покажал дека граѓанската чесност е поголема колку се помали паричните поттици. Се утврдило дека во 38 од вкупно четириесетте земји вклучени во експериментот граѓаните значително повеќе (51 отсто) ги пријавувале паричници во кои имало отколку паричниците во кои немало (40 отсто) пари. Уште повеќе, со цел да го проверат овој неочекуван резултат, во три земји е значително зголемувана сумата на пари во најдените паричници. Се покажало дека колку е поголема сумата во изгубениот паричник толку е поголема веројатноста дека граѓаните ќе го пријават најдениот паричник! Зошто е тоа така?

Одговорот на истражувачите звучи далечно, утописки – гледано од нашата актуелна македонска перспектива. Да се потсетиме, во неа лидерите на водечките политички партии како најмоќни општествени институции еден со друг се докажуваат кој е поголем криминалец од другиот! Спротивно на ова, истражувачите тврдат дека повисоката стапка на пријавување на паричници со повеќе пари се должи на мотивот на граѓаните да избегнат себеси да се гледаат како крадец. Внимавајте – да избегнат тие самите себеси да се гледаат и доживуваат како нечесни и крадци! Не станува збор за тоа другите да ги гледаат како такви, туку тие себеси да се видат како нечесни. Полните паричници се враќаат токму од помислата дека ако не ги вратат парите тие себеси ќе се гледаат како нечесни, како крадци.

Списокот на земји во кои избегнувањето на ваквата слика за себеси е најсилна го предводи Шведска, а ја следат Норвешка, Холандија, Данска, Полска, Чешка, Нов Зеланд, Германија, Франција и, по неа, изненадувачки Србија! А на крајот на листата стојат земјите во кои себеперцепирањето како крадец не е некој грев што треба да се избегнува предводи Кина, следена од Мароко, Перу, Казахстан. Се прашувам каде би се нашла Македонија на оваа листа.

Најновите сознанија од истражувањето на доверба на македонските граѓани едни во други и во главните јавни институции покажуваат дека сме многу поблиску до Кина отколку до Шведска. Не/довербата е само друг израз на не/чесноста, а тие, пак, се клучни фактори на економскиот и социјалниот развој. Судбината на загубените паричници е показател за иднината на земјата.