Загина поранешниот претседател на Чиле – прогласена тридневна жалост
Чилеанскиот претседател Габриел Борич прогласи тридневна жалост во оваа јужноамериканска земја откако 74-годишниот поранешен претседател Себастијан Пињера загина во хеликоптерска несреќа во вторникот.
„Наредив да биде испратен со сите државни почести на погребот и прогласив тридневна жалост во спомен на претседателот кој служеше два мандата“, рече Борич во јавното обраќање во оваа земја со 19 милиони жители.
Себастијан Пињера, поранешен претседател на Чиле, загина во хеликоптерска несреќа. Од хеликоптерот се спасени три лица.
Чилеанските медиуми јавија дека во хеликоптерот што се урнал имало четири лица, пренесе Ројтерс. Три лица се повредени, а медиумите јавија дека е загинал поранешниот претседател на Чиле, Себастијан Пињера, пренесува РТС.
Поранешниот советник на Пињера за Ројтерс потврди дека поранешниот шеф на државата не ја преживеал хеликоптерската несреќа. Смртта на поранешниот претседател ја потврдија и државни функционери.
Себастијан Пињера беше претседател на Чиле во два мандати, од 2010 до 2014 година и од 2018 до 2022 година.
Вториот мандат на Пињера беше обележан со насилни протести на улиците, но и со брзото темпо на вакцинација против Ковид-19.