За Вархеи решението е веќе на маса и нашите преговори се „прашање на ден“

Од Брисел не уверуваат дека одлуката во Народното собрание на Бугарија е „решение“ за спорот, а од Софија нѐ плашат - да не помислиме да речеме „не“ на преговарачката рамка, зошто ќе го искомплицираме процесот


Оливер Вархеи

 

Откако францускиот предлог излезе во јавноста, од Бугарија секојдневно стигнуваат предупредувања дека – ако Македонија повторно рече „не“ на предлог рамката за преговори, тоа тешко ќе се одрази на нејзината евроинтеграција. Од кај нас, пак, се праќаат пораки дека, ако предлогот остане ваков каков што е, што европските аналитичари го оценија како „француско-бугарски пропаганден трик“ или вето за „подигање на ветото“, тоа ќе ги стави под прашалник не само преговорите со ЕУ, туку и преговорите воопшто со Бугарија и Договорот од 2017 година, бидејќи според наша оценка – тој се злоупотребува. 

Официјално сепак од кај нас се порачува дека сега се чека на потег на француското претседателство и на евентуални корекции на предлогот, за тој да стане прифатлив и за нашата држава. Ваквата ситуација ја отвора дилемата дали може да се случи преговарачката рамка да биде усвоена и без согласност за Македонија и што, од друга страна, ќе следи натаму ако Македонија повторно одбие да го прифати тоа што ни го сервираше Емануел Макрон во квази и недоработена форма со еден куп бугарски барања, бидејќи бил во цајтнот? 

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, кој се доживува како непријателски настроен во Македонија, пристрасен во корист на Бугарија и недипломатски, денес во Европскиот парламент порача дека мбиле вложени многу напори за да се надмине спорот меѓу Македонија и Бугарија (тој лично „дури“ трипати се фотографираше во Софија и во Скопје и не даде никаква изјава)  и дека „сега е моментот за сите актери  да ги преземат финалните чекори“, т.е. одлуки. Без оглед на атмосферата и разочараноста кај нас и еуфоријата во Бугарија, тој има „големи надежи  дека одлуката за започнување на преговорите за членство со ЕУ за Македонија и за Албанија е прашање на денови“.  

 Според обраќањето на Вархеи, уште повеќе, решението е веќе на маса.

„Имаме решение на маса поддржано од страна на бугарската влада. Така што, сите пречки се надминати и ЕУ мора да ги придвижи работите напред. Земјите (Македонија и Албанија) се подготвени за преговори, ги исполнија условите и ЕУ сега треба да биде подготвена за тоа“, рече Вархеи.  

И покрај барањето од „Независен“, од Брисел не стигна одговор што ако Македонија сепак рече „не“ на предлогот на француското претседателство, и покрај необјаснивиот оптимизам на еврокомесарот. Од она што се дознава неофицијално, ако рамката биде усвоена без Македонија, тоа би било преседан во ЕУ и затоа не би се ризикувало да се отвори расправа за ова прашање додека нема некој приближно гарантиран исход, бидејќи не се знае која земја од другите 26  членки во ЕУ како ќе изреагира на предлогот. Со оглед на тоа дека првиот состанок на амбасадорите на ЕУ (КОРЕПЕР) е за два дена, можно е да нема веќе простор Франција да ја стави на дневен ред преговарачката рамка и покрај амбицијата на францускиот претседател да покаже некој успех во ова претседателствување, кое помина во негов реизбор. Уште повеќе што ништо не сугерира дека предлогот, ваков каков што е, стопроцентно според бугарските очекувања, остава простор за пробив околу нашите преговори за членство. Очекувањата се повеќе дека ќе се бара нов компромис, но не во текот на ова, туку на следното чешко претседателство со ЕУ.

Што, пак, ако Франција го стави во процедура предлогот, а Македонија рече повторно „не“ ? Дали тоа ќе значи крај на обидите за преговори за членство? Искуствата досега се дека нема логика на земја членка да ѝ се нуди преговарачката рамка што не ја прифаќа и дека преговорите треба да продолжат додека не се најде компромисно решение за спорот. Во Бугарија таквата опција пали „црвен аларм“, бидејќи сметаат дека од овој подобар предлог не можат да добијат. Тоа е причината што од таму ни праќаат неколку дена предупредувања да бидеме внимателни и „да не го попречуваме процесот“.     

 „Апелирам до РСМ да не се обидува сега да го попречува процесот, бидејќи тогаш ќе стане многу потежок“, рече денес Христо Иванов од Демократска Бугарија, авторот на новата позиција со која оди сега во Брисел од Софија. Од таму упорно нѐ убедуваат дека текстот на француското претседателство има зад себе сега европски печат и зад него стојат ЕК и сите земји членки на ЕУ, што е ноторна невистина, бидејќи да е така нема и тие да излегуваат со нова листа на барања во него.  

„Откако европските институции развија став – тој не е само на Франција, туку е координиран со другите земји во Унијата и со Комисијата, а откако ќе биде усвоен од Бугарија, веќе ќе создаде стандард, црвена линија би рекол. Доколку PCM не го прифати, ризикува да го испрати целиот процес на почеток и тој да започне под многу полоши услови. Ако сега не успееме да ја затвориме темата, популистичките злоупотреби со неа ќе влезат во нова фаза. Особено на предвремени избори кај нас. Апелирам до РСМ да не се обидува сега да го попречува процесот, бидејќи тогаш ќе стане многу потешко“, порача денес Иванов. 

Дека се врши притисок врз Македонија се гледа и од тоа што денес во Брисел дури два настана беа на тема Западен Балкан, а на едниот од нив зборуваше еврокомесарот Оливер Вархеи заедно со европарламентарците. Колку е реален, а колку времено потребен фокус тешко е сега да се процени, но од текот на настаните околу спорот со Бугарија кои се движат одеднаш по брза лента станува очигледно дека приоритетно прашање за ЕУ сега е да ја спаси проевропската ориентација на Бугарија откако падна владата на Кирил Петков и да ги спречи БСП и Румен Радев да ја свртат земјата кон Русија.

Попросто кажано на ЕУ сега ѝ е најважно Петков да преживее на власта преку некоја друга коалиција, а Македонија е колатерална штета во овој временски контекст, иако од аголот на Брисел тоа може да изгледа дека ни прават услуга  бидејќи нѐ притискаат конечно да добиеме преговори за членство. Тоа што во преговарачката рамка пишува дека преговорите не гарантираат дека сигурно ќе го добиеме на крајот и што реално ЕУ си дава најмалку уште десет години да нѐ „вози“ со празни ветувања – е друго прашање.