Филипче: На што ќе се вади сега Мицкоски после пораките на Мерц и Макрон?
За позитивните пораки од германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон дека за Западен Балкан има место во Европската Унија, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска порача дека власта повеќе нема изговори за блокирањето на европската перспектива на државата и го повика премиерот Мицкоски да каже што ќе прави сега после оваа позитивна реторика.
„Премиерот треба да каже што ќе направи тој, еве кога веќе е јасно позитивна реториката. Што ќе направи следно? Сега кога очигледно е дека Црна Гора оди напред, Албанија исто така. На што сега ќе се извади владата? Што е тоа што ќе го побара? На што повеќе нема да верува после ваквите изјави и на Макрон и на Мерц?“, истакна Филипче, осврнувајќи се на пораките испратени од самитот во Тиват.
Тој посочи дека не е случајно што пораките од европските лидери се толку јасни и директни.
„Не е случајно што е така јасно симплифицирана, јасна и гласна пораката од Тиват. Зошто? Поради тоа што на тој начин се разобличуваат лагите на авторитарните режими, како кај нас така и во регионот“, рече Филипче.
Тој потсети дека две години претставници на власта тврдат дека Европската Унија нема намера да го продолжи процесот на проширување.
„Две години наназад слушаме од високи претставници на власта, од премиерот, од вицепремиерот, од претседателот на Комисијата за европски прашања дека во Европската Унија нема никаква намера да се продолжи процесот на проширување“, нагласи Филипче.
Според него, токму затоа европските лидери испраќаат јасна порака до граѓаните на Западен Балкан да не подлегнуваат на лажните кампањи дека Европа не ги сака.
„Очигледно е дека високите претставници, конкретно претседателот на Франција и канцеларот на Германија, решиле дека на граѓаните на Западен Балкан треба јасно да им се упати пораката дека не треба да им се верува на лажните пропаганди и лажните кампањи дека во Европа не нè сакаат“, истакна Филипче.
Тој додаде дека канцеларот Мерц испратил недвосмислена порака до регионот.
„Канцеларот Мерц јасно, гласно и недвосмислено кажува: вие сте добредојдени во Европската Унија. Со тоа се разобличува уште една од низата лаги на премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ изминативе две години дека што и да направиме, во Европа не сме добредојдени“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ оцени дека по ваквите пораки власта повеќе нема алиби за своите политики.
„После вакви јасни и недвосмислени пораки немаат луѓето повеќе што да кажат. Немаат повеќе на кој изговор да се извадат дека во Европа не нè сакаат. Очигледно е дека оваа влада е антиевропска“, порача Филипче.
Корупцијата и кражбата на народните пари се гориво за авторитарните режими
Корупцијата и кражбата на народните пари се гориво за авторитарните режими, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференцијата во рамки меѓународната конференција на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Корчуланската висока политичка школа, на која беше промовирана „Скопската иницијатива“.
Филипче посочи дека токму корупцијата и злоупотребата на јавните средства се механизмите преку кои авторитарните режими ја одржуваат својата моќ и го кочат напредокот на државите и општествата.
„Искрено верувам дека во оваа форма, заеднички и многу посилни, ќе ги надминеме силите што нè држат во место, а кои како механизми и инструменти ги користат корупцијата и кражбата на народните пари. Токму тоа е горивото што им овозможува на овие авторитарни режими толку силно и моќно да владеат“, нагласи Филипче.
Тој додаде дека „Скопската иницијатива“ е регионална платформа за соработка меѓу сестринските партии и прогресивните сили во регионот и Европа, чии што основни столбови се борба против корупцијата и авторитарните режими, како и европска интеграција.
„Темелот на таа соработка е борбата против авторитарните режими, борбата против корупцијата и европската интеграција на нашиот регион – практично, сите исти предизвици со кои се соочуваме во регионот. Имено, соочени со слични или исти предизвици, а тоа се силите на регресијата кои доминираат кај нас во Македонија и во регионот, и кои не дозволуваат да го продолжиме патот на развојот, реформите и евроинтеграцијата, мораме заеднички да се справиме со нив, затоа што заедно сме посилни“, рече Филипче.