Поддршка од европските социјалисти за СДСМ и за Филипче: Јасно кој политички субјект го трасираше патот кон меѓународна инеграција


Генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти Џакомо Филибек, денеска во Скопје им даде силна поддршка на лидерот на СДСМ, Венко Филипче и опозициската партија, за улогата која што ја имале во европската интеграција на државата. 

„Во Северна Македонија е јасно кој политички субјект го трасираше патот кон меѓународната и европската интеграција на државата. Тоа е СДСМ“, изјави Филибек, на прес-конференцијата во паузата на денешната мешународна конференција „Мобилизација за иднината на прогресивните сили на Западен Балкан“, на која беше промовирана „Скопската иницијатива“, заедничка активност за поврзување на прогресивните и социјалдемократските партии од регионот и Европа.

„Тука сум и со една јасна порака во однос на заморот што се чувствува во јавната дебата за интеграцијата на земјата во Европската Унија. Тој замор е последица на недостигот од политичка волја и решителност кај актуелната власт. Националистичката реторика што ја поттикнуваат не помага во процесот, туку дополнително ја збунува јавната дебата за европската иднина на државата“, рече Филибек.

Тој додаде дека пораката што сака да ја пренесе е јасна: иднината на Европската Унија е поврзана со интеграцијата на Западен Балкан и со полноправното членство на Северна Македонија во европското семејство. Истовремено, иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, заедно со останатите земји од регионот. Тоа се два процеса кои мора да се движат паралелно и заедно да придонесат за конечно обединување на европскиот континент, нагласи тој.

Филибек додаде дека Партијата на европските социјалисти е целосно посветена на оваа цел.

„Ние стоиме заедно со СДСМ, со Венко Филипче и со членовите на партијата, и им посакуваме успех на претстојниот конгрес“, рече Филибек.

Тој посочи дека процесот на проширување не е само административна процедура или исполнување на формални услови. Реформите не треба да се спроведуваат затоа што тоа го бара Брисел, туку затоа што тие го подобруваат животот на граѓаните и го прават општеството подобро и поправедно.

„Борбата против корупцијата, владеењето на правото, социјалната правда, слободата на медиумите и родовата еднаквост не се само политички пароли. Тоа се темели на модерното европско општество и придобивки што директно им служат на граѓаните“, рече Филибек.

Тој рече дека во изминатите години СДСМ покажа лидерство токму во овој процес и го трасираше патот на реформите.

„Денес постои реална можност за напредок и таа шанса мора да се искористи. Европската Унија покажува јасна подготвеност за проширување, а тоа го потврди и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за време на неговата посета на земјите од регионот“, рече Филибек.

Затоа, како што нагласи, неопходно е да се продолжи по патот на реформите.

„Тоа е патот што носи придобивки и за граѓаните на Северна Македонија, и за граѓаните на Западен Балкан, и за цела Европа“, рече на прес-конференцијата генералниот секретар на Партијата на европските социјалисти Џакомо Филибек.