Планот на Мерц и на Макрон и проширувањето на ЕУ се два паралелни процеси, вели Мицкоски
Во овие две години откако сум претседател на Владата пораките од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват беа најсилни а тоа е дека процесот на проширување не е завршен. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите, да испорачуваме, врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања и тоа беше неколку пати потенцирано на самиот самит, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во врска со „нон пејперот“ на Макрон и Мерц, Мицкоски посочи дека институциите во Брисел веќе добиле инструкции за операционализација на овој документ, што ќе овозможи поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите од регионот и почести состаноци на високо ниво.
-Она што го слушав и од францускиот претседател и од германскиот канцелар, а и таму во работниот дел од Самитот, можев да заклучам дека документот што тие го имаат подготвено, „нон пејперот“, институциите во Брисел веќе добиле инструкции за негова операционализација и претставува значајно подигнување на нивото на односи помеѓу Западен Балкан и Европската Унија, односно, тој документ и таа реформа овозможуваат механизам со којшто ќе имаме, поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите на Западен Балкан и тој никако не е во конфликт со проширувањето. Тоа се два паралелни процеси. Ова е еден процес, а проширувањето си останува како друг процес, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Институтот за јавно здравје.
Мицкоски информира дека на самитот било договорено да има почести состаноци кои нема да бидат веќе на ниво на самити ЕУ Западен Балкан – два пати годишно, еднаш во јуни, еднаш во декември, туку најмалку два пати месечно.
-Тоа ќе значи дека ќе можете со луѓето кои што одлучуваат да разговарате и да креирате политики и да ја градите иднината заедно, така што во секој случај и францускиот претседател и германскиот канцелар дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите, да испорачуваме, врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања и тоа беше неколку пати потенцирано на самиот самит. Така што јас се враќам од самитот навистина задоволен и инспириран да продолжиме сите во Владата да работиме уште попосветено и уште помотивирано за да можеме да ги користиме сите оние алатки кои што со овие нови механизми ќе ни бидат ставени на располагање, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска тоа дека Македонија не била спомената на прес-конференцијата во Тиват, како и на пораките од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и бугарскиот премиер Румен Радев дека без уставни измени нема поместување во процесот, Мицкоски истакна дека неговиот оптимизам е цврсто заснован на директните разговори во Црна Гора.
-Мојот оптимизам се темели на тоа што јас бев единствениот од земјите од Западен Балкан кој имаше билатерални состаноци и со францускиот претседател Макрон и со германскиот канцелар Мерц. И точно знам што се зборуваше на тие состаноци и точно знам што ќе следи во периодот којшто е пред нас – рече премиерот, додавајќи дека од страна на соговорниците добил одговори на некои од дилемите и кога ќе се земе сето ова предвид, оттаму доаѓа неговиот оптимизам.
Мицкоски ја отфрли како неточна тезата на одредени експерти дека планот од „нон-пејперот“ не може да се аплицира за Македонија поради тоа што земјата формално ги нема стартувано преговорите по кластери. Според него, документот е прецизно направен за да овозможи механизми дури и за земјите кои се само кандидати или немаат одржано прва меѓувладина конференција.
-Планот на Мерц и Макрон ги вклучува сите земји на Западен Балкан. Не се сите земји на исто ниво во процесот на, на интеграција, но ги вклучува сите земји на Западен Балкан – групата шест и не е поврзан со процесот на проширување, бидејќи и едниот и другиот паралелно продолжуваат. Да, точно е, одредени делови од овој план подразбираат одредени поглавја да бидат затворени, но и тука ќе има во периодот кој што следи одредени поместувања, додаде премиерот.